Во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес, денес, со почеток во 12:00 часот, ќе биде одбележан 23ти април – Светскиот ден на книгата и авторското право со проекција на видеозаписот „Кралицата на љубовната поезија“ посветен на животот и делото на поетесата Павлина Климкар Меанџиева.
Климкар е родена на 13 септември 1949 година во Велес. Завршила педагошка гимназија “Никола Карев” и Филолошки факулетет во Скопје. Работеше како средношколски професор во Велес, а сега е во пензија. Член на ДПМ од 1995 година. Автор е на книгите: “Тивнеења” (поезија, 1976), “Неразделности” (поезија, 1978), “Ораница” (поезија, 1983), “Тишина што се слуша” (поезија, 1991), “Кралица на гревот” (поезија, 1991), “Бршлен” (поезија, 1992), “Зол трн непремолк” (поезија, 1992), “Жежок ветер” (поезија, 1993), “Голтач на огнови” (поезија, 1994), “Од дневникот пред изгорување” (поезија, 1995), Кралица на гревот (второ,проширено издание 1996) Македонска вертикала (поезија, 1997), “Уста полна светлина” (поезија, 1997), “Цунами” (поезија, 1999), “Чудна случка” (сликовница, 1999), “Најазмо” (поезија, 2001), “Vasiloanjea – a marrtiiljei” (на влашки јазик, 2002), “Дијадема” (поезија, 2003), “Во меѓувреме” (поезија, 2003), “Ѕвездени патеки” (поезија, 2005), “Школки” (поезија, 2007), “Одблесоци” (поезија, 2009), “Метузалем” (поезија, 2012), “Наспроти ветрот” (поезија, 2013). Дел од нејзиното творештво е преведено на српски, албански и англиски јазик. Како автор е застапена во повеќе антологии. Неколку децении е член на градскиот литературен клуб “Кочо Рацин” од Велес. Нејзината поетска дејност започнува во училишните денови. Тогаш по пат на конкурс ја добива наградата за патување во Индија по повод роденденот на Нехру. Честопати е наградувана како поет, а неколкупати освојува прво место за најдобра стихозбирка од Здружението на просветните работници на Македонија (за “Метузалем” – 2012 и за “Наспроти ветрот” – 2013). Добитник е на Деветоноемвриска плакета – од општина Велес, како и наградата за животно дело Гемиџии – признание од родниот град Велес. Починала на 3 март 2018 година.
Светскиот ден на книгата, познат и како Светски ден на книгата и авторското право или Меѓународен ден на книгата, е годишен настан организиран од УНЕСКО за промовирање на читањето, издавањето и авторските права. Првиот Светски ден на книгата бил прославен на 23 април 1995 година и оттогаш се одбележува на тој ден. Поврзан настан во Обединетото Кралство и Ирска е забележан во март. По повод Светскиот ден на книгата и авторското право, УНЕСКО заедно со советодавниот комитет од главните сектори на книжевната индустрија ја избира Светската престолнина на книгата за една година. Секој назначен Светски главен град на книгата спроведува програма на активности за славење и промовирање на книгите и читањето.Во 2024 година, Стразбур бил прогласен за Светска престолнина на книгата.