Од 12 октомври во „Синеплекс“ започнува кино дистрибуцијата на  „Домаќинство за почетници“

Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, кој е  македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“ и е еден од селектираните филмови за Европските филмски награди, од 12. октомври (четврток) ќе почне да се прикажува во киното „Синеплекс“ во Скопје.

Светската премиера на „Домаќинство за почетници“ се одржа во рамките на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција, каде ја доби Queer Lion наградата, а доби и специјално признание од италијанската фондација „Fondazione Fai Persona Lavoro Ambiente“ за социјално ангажиран филм.


„Домаќинство за почетници“, кој премиерно беше прикажан на отворањето на годинашниот Интернационален фестивал на филмска камера, „Браќа Манаки“, доби и номинација за Европската универзитетска филмска награда – European University Film Award (EUFA), која е една од категориите на Европските филмски награди за која гласа жири составено од студенти од 25 универзитети од 25 земји во Европа. Свеченото доделување на наградите, познати како европски Оскари, е закажано за 9 декември 2023 во Берлин.

Филмот на Столевски, кој е во продукција на Лист Продукција од Скопје, е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на РСМ, а преку компанијата Focus Features ќе биде дистрибуриран на територијата на САД. Интернационален дистрибутер на филмот за останатите територии е Universal Pictures, додека продажните агенти на филмот New Europe Film Sales од Полска ќе го застапуваат филмот на територија на југоисточна Европа.


„Домаќинство за почетници“ деновиве беше прикажан на фестивал во Бусан, Јужна Кореја, а викендов ќе се одржат две проекции и во рамките на Лондон филм фестивал. Филмот понатаму го продолжува фестивалскиот живот, а наскоро се очекуваат проекции и низ другите градови во Македонија.

Филмската приказна на Столевски се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.


Главните улоги ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот “4 месеци 3 недели 2 дена” на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Во споредните улоги играат македонските актерки Сара Климоска и Ајше Усеини и Розафа Челај од Косово.

Продуцент на филмот е Марија Димитрова, кинематографер е Наум Доксевски, а остатокот од филмската екипа ја сочинуваат Ана Жежничек – сценограф, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александара Чевреска – арт директор, Горан Игњатовски и Леонора Мехмети Хоџа – маскери, Ален Синкауз и Ненад Синкауз –композитори, Зоран Максимовиќ – снимател на звук и Ема Бортињон – дизајнер на звук.

 

 

 

 

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Во месецот посветен на јубилејни проекции на македонски филмови, вечерва во Кинотека ќе биде прикажан играниот филм „Големата Вода“

Вечерва, во Кинотека на Македонија, со почеток во 20:00 часот, во месецот на јубилејни проекции, …