Во вторник, 5 ноември 2024 година, во 20:00 часот, во КСП Центар Јадро, ќе биде отворена изложбата на ликовните уметнички Сузана Арсова и Емилија Дамјановиќ, со наслов „Облици на идентитет“.
Сузана Арсова е родена e во Скопје, Р Македонија. Дипломирала на Природно-математички факултет, група математика, во Скопје. Сликите ги работи во комбинирана техника – колаж (текстил, картон, суви лисja, пластика,најлон, монистра, накит и друго) остварувајќи личен сликарски стил инспириран од геометриските форми, традиционалните шари, цветните орнаменти, со внимателно одбрани детали, реобликувани и споени материјали. Својата прва самостојна изложба ја реализирала во Галерија Ко-Ра, Скопје во 2023г. Во периодот од 2022 до 2024 год. учествувака на 10 групни изложби во Галерија Ко-Ра во Скопје и учесник е на мултикултурната изложба на 60-тина уметници од РС Македонија во Амбасадата на РС Македонија во Виена, Австрија. Учествувала на 43 изложба на ликовни уметници – аматери од Р Македонија во КИЦ, Скопје во 2004 год. на која добива награда за сликарство за сликата ,,Портрет“- колаж и учествувала на 44 традиционална изложба на ликовни уметници – аматери од Р Македонија во КИЦ, Скопје во 2006 год.
Емилија Дамјановиќ е родена во Скопје. Нејзините движечки сили се модата, дизајнот, музиката, и педагошката работа. Дипломира на факултетот за музичка уметност и работи како музички педагог. По дипломирањето завршува едногодишна обука за моден дизајн кај етаблираниот дизајнер Никола Ефтимов. Подоцна започнува визуелно да ги истражува идентитетот и личноста на жената како моден субјект преку колажна уметност во големи формати. Четириесет колажи од овој проект беа изложени на самостојна и групни изложби во земјава и САД. Го потпишува дизајнот на етно костимот и накитот за настапите на интернационално познатиот женски хор Св.Злата Мегленска каде што воедно беше член. Костимот беше за прв пат покажан на концертот за мир во организација на УНЕСКО,во Венеција, Италија. Од 2012та година работи современ дизајн на накит од плексиглас и комбинирани материјали под брендот Еми Норис.
Остварува самостојни изложби на домашни, локални и интернационални фестивали за дизајн. Нејзините колекции беа изложени на Неделата на дизајн во Скопје, Софија, Миксер фестивалот за дизајн во Белград, Дизајн фестивалот Дан Д – Загреб, Модниот викенд Скопје Учествувала на Интернационалното биенале за накит во рамките на Неделата на дизајн во Пекинг, Кина. На изложбата „Облици на идентитет“ таа ќе се претстави рачно изработени колажи кои се еден вид ретроспектива на темата на жената, модата и внатрешниот емоционален свет. Она што е видливо,она што облеката го отсликува , и она што е скриено како емоција и е интимен “автопортрет” на авторот преку доживувањата со кои ги надградува своите уметничко дела. Облиците на идентитет се менуваат. Алиса во земјата на чудата, Алиса во земјата на модата, Алиса во Апсурдистан…