Македонската православна црква и верниците утре, 4 декември, го слават Воведение на Пресвета Богородица, еден од 12-те големи христијански празници. Според традицијата, таа е првата заветена девица во историјата на христијанството. Во Ерусалим, како тригодишно дете, била воведена во храмот каде пред Бога и луѓето се заветувала за девственост.
Воведението кај нашиот народ се нарекува и Света Пречеста или Женска Богородица и се смета за женски празник. Посебно го слават родилките и жените кои не можат да раѓаат, за Богородица да ги заштити нивните деца и да им подари пород.
Обичаи за Воведение
Се верува дека на овој празник не се започнува ниту една важна работа, бидејќи се паѓа на таканаречениот пресечен ден, односно на денот во седмицата кога се празнувало обезглавувањето на Свети Јован Крстител, а тоа било токму Среда!
Покрај тоа, не треба да се земаат ножеви, ножици или други сечила. Се верува дека така и вилиците на ѕверовите ќе останат затворени во текот на претстојната зима.
На Воведение посебно внимание се посветува на временските услови. Ако осамне сончев ден, следната година ќе биде убава и сончева. Од друга страна, ако врне, се верува дека ќе биде плодна година, а силен ветер дека е неплодна.
Воведувањето на Пресвета Богородица е и ден кога мора да се молите на Богородица, без разлика дали сте во неволја или не.
Фото: Архива