Во пресрет на 23. OFFest (6-9 јуни), Скопскиот џез фестивал ве поканува на промоција на најновото издание на SJF Records – „Нудист“, втората дискографска објава на ПИЈАН СЛАВЕЈ. Промоцијата ќе се одржи денес во 13:00 часот во кафе-книжарницата Буква.
Бранислав Николов: вокал, мини електрично пијано
Пеце Трајковски-Брада: гитара, синтисајзер
Гоце Јованоски: бас
Славчо Јовев: тапани
Вториот студиски проект на ПИЈАН СЛАВЕЈ се состои од 4 композиции, во вкупно времетраење од 17 минути. Автор на текстовите е Бранислав Николов, а музиката и аранжманите се дело на групата. Песните се снимени, миксани и продуцирани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Дизајнот на омотот е дело на уметникот Владимир Лукаш. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.
„Нудист“ е концептуален мини-албум кој говори за сложената природа на човекот, за соочувањето со себе и, конечно, за немирот и тивкиот крик. Музиката и звукот се производ на здушниот напор на четворицата музичари кои низ овие впечатливи творби нудат пресек на индивидуалниот сензибилитет и светоглед во сегашната точка на дводецениското заедничко уметничко живеење. Четирите песни од „Нудист” се во срцето на пошироката концертна програма на бендот ПИЈАН СЛАВЕЈ, насловена како „нова македонска шансона“.
Покрај физичкото компакт-диск издание, „Нудист“ од вчера е достапен и на сите популарни глобални дигитални платформи и стриминг сервиси (Bandcamp, Spotify, Deezer, Tidal, Apple Music, Youtube…).