НУ Народен Театар Битола со претставата ,,ХАМЛЕТ-ДЕНОТ НА УБИСТВАТА” ќе учествува на ИНФАНТ Фестивал во Нови Сад

На 17 јуни 2024 година,  НУ Народен Теататр Битола со претставата ,,ХАМЛЕТ-ДЕНОТ НА УБИСТВАТА” во режија на Марјан Неќак, ќе учествува на 51 ИНФАНТ Фестивал во Нови Сад, Србија.

ИНФАНТ е интернационален фестивал на нов алтернативен театар ,со преку 50 години долга традиција, кој ги спојува несекојдневните театарски интерпретации со некласичното актерско изразување.


ХАМЛЕТ – Денот на убиствата
(според пиесата на Бернар-Мари Колтес)
Режисер и автор на музиката: Марјан Неќак
Драматург: Оливера Павловиќ
Сценограф: Валентин Светозарев
Костимограф: Андреј Ѓоргиевски
Дизајнер на видео: Сашо Илковски
Тон-мајстор: Александар Димовски
Автори на плакатот: Марјан Некаќ и Сашо Илковски
Консултант за билијард: Игор Радичоски

Играат:
Хамлет – Никола Стефанов
Клаудиј – Иван Јерчиќ
Гертруда – Валентина Грамосли
Офелија – Викторија Степановска Јанкуловска


Пиесата „Денот на убиствата во историјата за Хамлет“ на Бернар-Мари Колтес, напишана во 1974 година, според која ја составивме драматуршката предлошка за претставата „ХАМЛЕТ – Денот на убиствата“, е инспирирана од безвременото дело на Шекспир – „Хамлет“, но не е ниту негова адаптација, ниту коментар на Шекспировата пиеса. Тоа е драматуршка игра за познатата Хамлетовска ситуација: ситуација во која секој избор води само кон смрт – морална, духовна, физичка. Тоа е ситуација на метафизичка стапица – во која е предизвикана човековата слобода, односно прашањето за човековата слободна волја во момент кога тој се соочува со својата ограниченост да дејствува и со својата смртност како битие. Тоа е и реална човечка ситуација во секојдневните односи меѓу луѓето, кога човек во однос кон другиот човек се наоѓа пред избор да истрае како човечко битие (со сите потенцијални вредности што ги содржи тоа битие) и да умре со човечко достоинство, или да умре – и морално, и духовно уште пред конечно да умре за светот.

Дејствието на Колтесовиот „Хамлет“ се одвива на историски неодредено место (а сосема познато како атмосфера) и во ограничено (на еден ден) неограничено време (за негови варијации), одржувајќи ги основните елементи и теми на оригиналното дело: страшното убиство на кралот-татко, узурпацијата на власта од страна на убиецот-љубовник, одмаздата како клучен момент на заплетот на приказната, трагичната разврска на приказната. Квартет од четворицата клучни ликови на Шекспировата драма: Хамлет, Клаудиј, Гертруда, Офелија, во една чудна, распаметена трка со Смртта, доведувајќи го до границата на лудило секој чекор што ќе го направат во откривањето на својата љубов, сексуалност, омраза, страв, страст да (не)се биде, во една ноќ го разрешуваат меѓусебниот конфликт. Во оваа пиеса сѐ е покажано отворено – и самото развивање на драмата и движечките мотиви. Во последните часови од своето постоење, како претходно нешто да ги задржало, ликовите со последни сили јурат во забрзана игра со убиства, во која сите го губат животот. Останува само да се види кои сѐ околности ќе ги создадат самите ликови (и актерите на сцената) во нивните меѓусебни односи, впуштени во игра чиј крај е познат.


Самиот текст на Бернар-Мари Колтес, напишан во ритмична проза, се базира на јазик што потсетува на Шекспировиот, но целиот во недоречености и метафорични енигми, кои вовлекуваат во непрекинат тек на дејствие, што како да ита да се изврши и да стигне на целта – со очекуван крај. Нашата интерпретација на текстот имаше задача тој прецизен, флуиден како музичка композиција, текст, да го направи поразигран во структурата, но сценски повитален – со материјал што му дава динамичност на дејствието, а ја собира содржината на текстот до толкава густина што ги прави сцените напрегнати до неиздржливост. Крајно провокативната ситуација на еден необичен квартет, фаталистички предаден на игра со Смртта, во која ги испитувавме можностите на темата убиството како уметност на умирањето, резултираше со создавање на театарско дело со сето богатство и магичност на еден потполн театрско-сценски израз – и актерски, и говорен, и музички, и визуелен. Ако тој едночасовен универзум што го создадовме ги поттикне креативноста и чувството за убаво кај гледачот, секој од нас слободно ќе може, како Хамлет, да каже: „Би можеле да ме пикнат и во ореова лушпа, па пак да се сметам за крал на бескраен простор“ – Оливера Павловиќ, драматург.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ЗАБЕЛЕЖЕТЕ ГО НА ВРЕМЕ – Еден симптом кој често се појавува во текот на летото може да биде скриен знак за дијабетес

Дијабетесот е сериозна здравствена состојба предизвикана од високо ниво на шеќер во крвта, а еден …