Норвешката семејна комедија „Викторија мора да замине“ се прикажува во домашните кино сали


Норвешката семејна комедија „Викторија мора да замине“ на режисерката Гунбјерг Гунарсдотир од денеска премиерно се прикажува во домашните киносали. Филмот, којшто е синхронизиран на македонски јазик, е на репертоарот на киното „Милениум“ во Скопје во термините од 16 часот (денеска и утре) и 18 часот (сабота и недела), а во терминот од 18 часот игра и во Кинотека во Скопје и киното „Манаки“ во Битола.

По смртта на нивната мајка, младите и богати брат и сестра, Хедвиг и Хенрик, мака мачат со новата маќеа Викторија, која постојано воведува нови правила и го зема целото внимание на нивниот татко. Испирирани од стрип, тие решаваат да ангажираат платен убиец за да се ослободат од нивната напорна маќеа Викторија. За да го решат нивниот проблем, тие му приоѓаат на Карл, имигрант од Босна. Карл првично ги одбива, бидејќи е човек што ги почитува законите. Но, кога тој и неговото семејство ќе се најдат во сериозна финансиска криза, ситуацијата почнува да се менува.


Филмот доби одлични критики во Норвешка, опишан како „најзабавниот филм во последните години“ и „Тарантино за 10-годишници“.

Улогите ги толкуваат Ине Мари Вилман, Лео Ајкиќ, Мортен Свартвеит, Агнет Халанд, Миле Софи Рист Далхог, Свер Торнам.


Билетите се достапни на билетарниците на кината.

Филмот е во дистрибуција на „Катавеј“ со поддршка од Норвешкиот фонд.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Врачени наградите на 59. МТФ Војдан Чернодрински

Примајќи ја наградата за најдобра режија, Ќендрим Ријани истакна дека фестивалот во секоја наредна година …