Творецот на култните серии Breaking Bad и Better Call Saul, Винс Гилиган, се враќа со сосема нов и амбициозен проект – постапокалиптичната научнофантастична трилер серија Pluribus, која ќе се емитува ексклузивно на Apple TV+.
Главната улога ја толкува Реа Сихорн, позната по улогата на Ким Векслер во Better Call Saul, со која Гилиган повторно соработува. Серијата својата премиера ја имаше на 7 ноември 2025 година, со првите две епизоди од вкупно девет во прва сезона.
Дејството е сместено во Албакерки, Ново Мексико, каде што писателката Керол Стурка (Сихорн) е една од само тринаесетте луѓе во светот кои се имунизирани на феноменот наречен „Спојувањето“ – последица од вонземски вирус што го претвора човештвото во мирољубива колективна свест.
Додека остатокот од планетата живее во совршен склад, Керол се соочува со егзистенцијални прашања, страв и вина, бидејќи новиот „ум на човештвото“ постојано се обидува љубезно да ја асимилира. Насловот Pluribus доаѓа од латинската изрека „e pluribus unum“ – „од многумина, еден“, што симболично ја отсликува темата на серијата.
Покрај Сихорн, во серијата се појавуваат и: Каролина Видра, Карлос Мануел Весга, Миријам Шор, Самба Шуте и Питер Бергман.
Гилиган ја осмислил приказната додека работел на Better Call Saul, заморен од мрачните антихерои на своите претходни серии. Наместо тоа, сакал да создаде „научнофантастична приказна за добрината и поврзаноста“, инспирирана од The Twilight Zone и Invasion of the Body Snatchers.
Apple TV ја доби серијата по големото наддавање во 2022 година и веднаш нарача две сезони. Продукцијата започнала во февруари 2024 во Албакерки и траела седум месеци, со буџет од околу 15 милиони долари по епизода. Музиката ја компонира Дејв Портер, долгогодишен соработник на Гилиган.
Првите две епизоди, „We Is Us“ и „Pirate Lady“, беа прикажани на специјални настани во Њујорк и Лос Анџелес и добија одлични критики. На Rotten Tomatoes серијата има 100% рејтинг, а на Metacritic – 87/100, со оценка „универзално признание“.
Критичарите ја пофалија сценариската длабочина на Гилиган, мајсторската режија, и емоционалната игра на Реа Сихорн, која ја носи серијата со мешавина од сила и ранливост. Vulture ја нарече „вистински хипнотизирачка телевизија“, а The New York Times ја опиша како „највознемирувачки реалистична научна фантастика во последните години“.
„Pluribus” е повеќе од уште една sci-fi серија – тоа е филозофска приказна за човечката индивидуалност во ерата на колективната свест, со суптилни паралели кон вештачката интелигенција и нашата зависност од технологијата. Со својата комбинација на емоција, интрига и визија, новата серија на Гилиган ветува да стане едно од најголемите ТВ-настани на 2025 година.
ekran платформа за слободоумни