„Не си одам дома“ – изложба на Клелија Живковиќ во „Мала станица“

Вечерва во „Мала станица“, со пчеток во 20:00 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на дела од уметницата Клелија Живковиќ со наслов „Не си одам дома“. Изложбата е дел од наградата „ДЕНЕС“, која ја организира „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ). Содржи дела создадени во периодот од 2023 – 2024 година.

„Се плашиш ли да бидеш непријатна? Те нарекуваат ли луда кога си лута? Како ги загушуваш твоите крици од болка, бес, задоволство? Каде ја криеш твојата љубов? Во што ја маскираш твојата солидарност? Каква приказна за тебе ти беше понудена како поприфатлива од вистината?


Кога бев девојче, сакав да бидам вештерка, не принцеза што трпеливо мечтае по принцот. Сакав да бидам бушавата, паметната и слободната жена што зборува со животните, ги познава билките и не се плаши од темнината на шумата. Напротив, таа и темнината се штитат една со друга.

Не станав вештерка од бајка, но секогаш ја чувствувам темнината. Сакам и јас како неа да се замоткам околу дебелите корења на старите дрвја. Да продрам низ влакната на мовта и да се засолнам под капите на печурките. Да одморам во студен поток, да се искачам до најгорната гранка на највисокото дрво и да го набљудувам светот под месечината.


Тишината во темнината е поинаква од тишината на денот. Кога ќе стивне денот, шепотот најјасно се слуша. Изговореното и премолченото женско знаење. Молитвите и баењето долги колку еден здив. Насилството од кое се штитиме една со друга. Насилството што си го нанесуваме една на друга. Ужасот, кој го обзема односот што некогаш бил безбеден. Она што не си дозволуваме да го именуваме, а кое клокоти во нашите клетки и не дозволува да биде занемарено.

Угнетувањето на нашата планета и на нашите тела се иста приказна. Расткајувањето на светот што умира може да се случи само со љубов и грижа. Оваа изложба е мојот пренос од меѓусветот. Од несветот. Од разсветот. Ја сочинуваат неуредноста на оживувањето, блуењето на насилството, живоста на оплакувањето, еротичноста на распаѓањето. Му ја посветувам на мојот вресок.“ – Клелија Живковиќ.


Изложбата ќе биде отворена до 14 декември 2024 година.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Џорџ и Амал Клуни организираат петдневна хуманитарна забава: Билетите чинат 250.000 долари

Тие решиле хуманитарната акција да ја организираат на нивниот имот на езерото Комо. Холивудскиот актер …