Наташа Миха издаде нова песна и спот при нејзината посета и престој во Н.Р. Кина. Видеото за „Тука со мене” е снимено на неколку локации низ Кина, во градовите Ханжу и Шангај.
„Се започна лани, за време на мојата прва посета и престој во Н.Р. Кина. Импресионирана од тамошниот начин на живеење и функционирање, си замислив дека еден ден, таму на далечниот исток, ќе снимам спот за своја песна.
Годинава, желбата ми се оствари. За време на мојот службен престој во Ханжу, добив инспирација да снимам видео запис за „Тука со мене”, песна која што ме прати секој пат кога сум на пат, некаде далеку од дома и од своите најблиски. „Тука со мене” е мој личен soundtrack за секоја нова ситуација која сакам да ја доживеам или споделам со мои луѓе. Песна која го отсликува чувството на носталгија, кога нечие присуство силно ни недостига. Песна за сите нови места, нови искуства, нови пријателства.
Видеото за „Тука со мене” го снимив на неколку локации низ Кина, во градовите Ханжу и Шангај, влкучувајќи го и кампусот на Zhejiang Conservatory of Мusic каде имав прилика да одржам концерти и мастеркласи. Снимено со мојот смартфон, сакав да ги доловам сите оние мали и интимни моменти. Секојдневни ситуации, кои отсликуваат дел од културолошката разлика, и кои би ги споделила со моите блиски луѓе.
На „Тука со мене” се потпишувам како автор на текст и ко-автор на музика, во соработка со Дамир Пух, кој ги има направено и аранжманот, миксот и мастерингот на песната. Песната е снимена и реализирана во GreenRoom Sound студио.“
Како професор по џез пеење на Музичката Академија во Штип, Наташа Миха годинава одржи мастеркласи и концерти во склоп на China- CEEC и на покана на Zhejiang Conservatory of Music во Ханжоу, Кина.