Награда „Колега Стиков“ за најдобар млад презентер

НАУКА ЗА ДЕЦА, Фондација КАНТАРОТ и семејството на нашиот познат спортски коментатор Александар Стиков, ја распишуваат наградата „Колега Стиков“. Оваа година, под мотото „Добриот глас надалеку се слуша“ во име на славниот глас на Стиков, со оваа награда ќе се закити најдобриот млад презентер на научна содржина.

На повикот можат да учествуваат сите ученици од основните училишта во Македонија.


Апликантите треба да направат:

ВИДЕОПРЕЗЕНТАЦИЈА со должина до 5 минути во која ќе се снимаат како презентираат: 1) свој текст со научна содржина; 2) научен концепт; 3) научен експеримент; 4) приказна за твојот омилен научник; 5) осврт за книга со научна или научно-фантастична содржина; 6) репортажа од научен настан; 7) оригинална замисла за презентација поврзана со наука. Видеото испратете го на: naukazadeca.mk@gmail.com со основни податоци: име и презиме, одделение, училиште, град и телефон за контакт.


Најдобриот презентер ќе биде избран од стручна комисија во која ќе членуваат истакнати новинари и научници. Наградата е во вредност од 500 евра и ќе биде доделена за време на третата конференција „Наука за деца“ (18-19 октомври 2024). Дополнително, наградениот ќе добие и можност за менторирање од страна на наши врвни новинари. Тој или таа ќе може да се запознае со новинарската работа и да ги продлабочи своите презентерски способности, со тоа што ќе биде вклучен(а) во редакцијата на наш познат медиум.

Повикот за аплицирање за наградата е отворен од 15 јуни до 15 јули, така што твоето видео можеш да ни го испратиш до 15 јули на полноќ.


Александар Стиков (1947-2023) е доајен на македонското спортско новинарство. Како новинар, репортер и уредник, тој целиот свој работен век го помина во Македонското радио. Со својот препознатлив глас ги овековечи најважните спортски настани во македонската и југословенската спортска историја, и со преку 2000 преноси е новинарот со најмногу изговорени минути на програмата на Македонското радио.

Известуваше од седум Олимписки игри, безброј фудбалски натпревари, кошаркарски, ракометни, одбојкарски мечеви, а пренесувал и натпревари во бокс, борење, атлетика, хокеј, кајак, зимски спортови… Во 1969 година ја основа најдолговечната специјализирана спортска програма „Спорт, музика, спорт“. Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои и престижниот трофеј за спорт и медиуми од Меѓународниот олимписки комитет во 2004.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: На денешен ден во 2010 година почина истакнатиот македонски карикатурист Делчо Михајлов

Делчо Михајлов е роден на 27 ноември 1947 година во Скопје. Тој беше македонски карикатурист, …