На денешен ден беше роден нашиот најистакнат театарски работник, театролог и театарски историчар Ристо Стефановски

Ристо Стефановски бил роден во Скопје на 5 декември 1928 година. Тој бил истакнат македонски театролог и глумец.

Се образувал на Државната театарска школа во родниот град, а потоа студирал глума на Театарската академија во Белград. Во периодот од 1951 до 1960 година работел како глумец во Народниот театар во Скопје, а од 1957 до 1983 година раководел со Куклениот театар кој подоцна прераснал во Драмски театар. Во меѓувреме ги завршил студиите на Факултетот за драмски уметности во Белград, на отсекот за организација. Од 1983 до пензионирањето во 1988 година бил извршен директор на Македонскиот народен театар.


Тој бил дел од жирито на фестивалите Стериино позорје во Нови Сад (1988/89) и на Мали и експериментални сцени во Сараево (МЕСС, 1990). Освен тоа, бил претседател и на Меѓународниот театарски институт во Македонија (1994-1996) и на Советот на МТФ „Војдан Чернодрински“ (1995/96).

Напишал повеќе книги и текстови за театарската уметност. Автор е на книгите: „Театарот во Македонија“ (1976), „Театарот во Македонија од античкиот период до 1944 година“ (1990), „Од Хераклеја до народен театар во Битола“ (1994), „Театарот во Македонија – од партизанскиот до Младинско-детскиот“ (1998); историографските дела „Театарот во Македонија (1963-1967)“ (2006) и „Подемот на театарот (1968-1971)“ (2006); а се јавува и како соавтор на бројни трудови од областа на теаатарската дејност, вклучително „30 години Драмски театар“ и „Летопис на МНТ 1945-1995“.


Добитник е на бројни награди и признанија, вклучувајќи ги наградата „13 Ноември“, наградата „11 Октомври“, Стериината награда за животно дело, наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело и наградата „Св. Климент Охридски.

Според драматургот Јордан Плевнеш, Ристо Стефановски е личност кому театарот му е животно занимање и го смета за еден од најнеуморните трагачи низ историјата на театарската уметност во земјата, кој преку систематско истражување има напишано хронолошки трудови за театарот којшто се протегаат од антиката, римско, византиско, отоманско време и зачетоците на битовата драма, па сè до современите тенденции на македонскиот театар.


Театарскиот режисер Владо Цветановски за неговиот театарски времеслед има забележано: Ристо Стефановски поминува низ точките на историјата на македонскиот театар, не обидувајќи се да ни го раскаже неискажливото чувство за одредениот сценски настан, но грижливо ги опишува специфичните околности кои довеле до одреден сценски резултат. Низ податоци, факти, низ општествени превирања, низ драматичните мигови заробени во фотографии, низ реакциите на официјалните рецензенти, на цензорите во партиските ќелии, на верификацијата на настанот низ бројот на гледачите… Нам како на читатели на оваа хронологија ни останува вообразбата, моќта за претпоставка, ако сакаме да дознаеме каква била емотивната енергија што одредениот театарски настан го произвел кај гледачот…

Стефановски починал на 22 март 2022 година во Скопје, на 93 годишна возраст.

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Костадиновска-Стојчевска: Го враќаме симболот на Скопје – Универзалната сала

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ги најави градежните активности за реконструкција и адаптација на …