На денешен ден, во 1996 година, скопската група Рок Агресори го издава својот прв студиски албум „***на Антикултура“ – издание што го одбележа македонскиот алтернативен рок во бурните деведесетти. Албумот претставуваше социјален и музички коментар на транзицијата – периодот на премин од социјализам кон новиот повеќепартиски систем, или како што самите членови го нарекоа, „демократија во наводници“. Песните беа полни со иронија, хумор и критика на лажниот морал, со текстови што го отсликуваа духот на времето и револтот на младите.
Меѓу најпознатите песни од албумот се издвојуваат: „Мојата Партија“, „Сексуален Манијак“, „Рок Агресор Оро“, „Куртоазија“, „Јас смрдам на лук“, „Мери“, „Врати Ми ги Парите“, „Барам Ништо“ и насловната „***на Антикултура“. Иако стилски најчесто се смета за панк-рок, бендот внесуваше уникатен хумористичен и сатиричен израз, со кој ја освои underground публиката.
Рок Агресори се оформени во 1991 година во Скопје од Зоран Трпков – вокал и гитара, и Тони Станковски – тапани. Истата година дебитираа на Македонската телевизија со песната „Врати ми ги парите“. Во следните години ги снимаат песните „Јас смрдам на лук“, „Рок агресор оро“ и „Секси лексикон“, а во 1993 на бас гитара им се приклучува Ристо Апостолов (подоцна од „Водолија“). Подоцна, од 1995 до 1998 година, басист на групата е Сашо Здравев – Ламбе.
По успешниот прв албум, во 2001 година Рок Агресори го издаваат вториот албум „Хистерија“, кој ја продолжува линијата на ангажирани и хумористични песни, но завршува со неколку теми со мрачна и депресивна атмосфера. За песната „Никој не знае“ е снимен и спот во режија на Владимир Петровски – Картер. Во првите години од новиот милениум, Рок Агресори создаваат неколку underground песни, а во 2009 година ја постигнува најголемата медиумска популарност со настапот на Евросонг и песната „Динг-Донг“. Следува и соработката со Александар Ристовски – Принц, резултирајќи со третиот албум „Агресор Фискултура“ (2012), кој содржи 11 нови песни и четири бонус теми од претходните албуми.
И денес, „***на Антикултура“ се смета за едно од најавтентичните изрази на македонскиот урбан бунт од 90-тите. Со својата комбинација на сарказам, социјална критика и панк-енергија, „Рок Агресори“ оставија трага како група што не се плашеше да зборува гласно и искрено без оглед на системот.
ekran платформа за слободоумни