Момчило Бајагиќ Бајага е роден на 19 февруари 1960 година во Бјеловар. Тој е познат српски рок-музичар.
Основнo училиште завршил во Земун, а средно училиште завршил во Втората белградска гимназија. Се оженил во 1989 година и со сопругата Емилија имаат син Марко и ќерка Ангела.
Својата музичка кариера Бајага ја започнал на 14 годишна возраст, во групата „ТНТ“. По три години ѝ се приклучил на групата „Рибља чорба“, една од најпопуларните музички групи во тоа време. Најпрвин, тој се појавувал само на концертите на групата, а постепено станал главен композитор, заедно со Бора Ѓорѓевиќ. На 19 јули 1984 година, Бајага бил официјално исклучен од „Рибља чорба“, а подоцна ја основал својата музичка група „Бајага и инструктори“. Исто така, тој работил и на музиката на филмовите „Ни на земја ни на небо“ и „Професионалец“.