Музика на Прајснер од филмовите на Кишловски во изведба на Филхармонија

Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија под диригентската палка на Николас Чалмерс од Англија ќе изведе музика од Збигњев Прајснер напишана за филмовите на еден од најзначајните европски режисери – Кшиштоф Кишловски. На програмата се: „Лакримоса” од „Реквием за мојот пријател”, селекција на филмска музика од филмовите: „Декалог”, „Тајната градина”, „Двојниот живот на Вероника”, „Трибои: сино, бело и црвено”. Како солистка ќе ја чуеме Филипа Бојл од Англија, а ќе настапи и хорот “Про Арс”.

Збигњев Прајснер (1955) е еден од водечките композитори на филмска музика и еден од најзначајните во неговата генерација. Прајснер соработуваше со познатиот полски режисер Кшиштоф Кишловски на неговите филмови „Декалог”, „Двојниот живот на Вероника”, трилогијата „Три бои: сино, бело и црвено”, кои му донесоа интернационална слава. Токму за неговиот близок пријател и соработник Кишловски го пишува првото поголемо дело – „Реквием за мојот пријател” што го издава во 1998 година за „Ворнер класикс”. Истата година делото ја доживува и својата светска премиера во Варшава. Делото е издадено и на цеде и на винил од издавачката куќа „Сони Поланд”. „Реквиемот” е напишан во девет ставови. Типичен е за музичкиот стил на Прајснер, полн е со експресивни вибрата, а во него употребува и мал машки хор, гудачки квартет, органа и перкусии. Вториот дел е спротивен на првиот, помасовен е во употребата на музичките инструменти, тука Прајснер употребува голем оркестар и голем хор за да ја пренесе својата тонска визија. Самиот композитор својата музика ја опишува како „гранична линија”. Дека не е ниту филмска музика, ниту класична. Нешто помеѓу. – Создавам креации, правам креативна музика. Во „Реквиемот” зедов голем дел од аспектите кои се типични за мојата филмска музика. Мојата музика има имиња, наслови што ја дефинираат – „Тишина”, „Мир”… „Живот” е приказна за нашето постоење, за она што поминало и она што допрва доаѓа. Размислувам и за смртта, за мене е важно прашањето „како да живееме и да умреме достоинствено?” – вели Прајснер. Музиката во трилогијата „Три бои: сино, бело и црвено” ја отсликува примарната наративна приказна на трите кинематографски дела на Кштиштоф Кишловски, и таа совршено го одразува чувството на егзистенцијална потиштеност што провејува како емоција во трите филма.


„Кшиштоф секогаш велеше дека луѓето се родени со позитивна или тажна месечина, и мислеше дека јас сум роден со тажна”, вели Прајснер. Во музиката за овие три филма има длабока спиритуалност, и иако дејството и приказните се случуваат во модерно време, таа звучи како да е излезена од некоја катедрала, како да е стара неколку стотини години. Музиката на Прајснер е лична и интровертна. „Пишува музика за себе. Знам каков е мојот вкус, знам каква музика сакам да слушам, знам како сакам да живеам”, вели Прајснер. Во „Сино” музиката е во служба на тагата која ја чувствува главната хероина во филмот (Жулиет Бинош), откако ќе ги изгуби во сообраќајна несреќа своите сопруг и ќерка. И актерката Бинош, по снимањето на филмот изјави дека музиката ѝ била главен придружник во актерската игра. Во „Бело” музиката е поведра, но со изразена спиритуална улога. Музиката има романтичен, но и прилично ироничен звук што се ва во главната тема – тангото кое го следи Карол во неговата одисеја.

Последното поглавје од трилогијата – „Црвено” е напишано во стилот на шпанското танго кое се врти во хипнотички круг. Во филмот „Двојниот живот на Вероника” централно музичко парче е класичното дело „Концерто ин Ми”, напишано од Прајснер, а во филмот презентирано како дело на фиктивниот холандски композитор Ван ден Буденмајер. Музиката е напишана во стилот на Густав Малер, бидејќи примарната интенција на Кишловски била да употреби негова музика како илустрација. Името на композиторот Буденмајер се споменува и во „Декалог” и тоа практично станало алтер его на Прајснер, кој често знае да се пошегува дека кога пишува лоша музика, му ја припишува нему.


Музиката на Збигњев Прајснер напишана за филмовите на Кшиштоф Кишловски е ремек- дело. Таа е рамноправен актер во приказната, двигател на наративот, креира еднакво деликатни емоции како и лицата на главните протагонисти во филмовите. Прајснер/Кишловски се редок тандем во историјата на кинематографијата кои успеаја преку совршена симбиоза да создадат ремек-дела во кои музиката и филмот се рамноправни актери и креатори на магијата.

Николас Чалмерс е уметнички директор на „Невил Холт Опера” од основањето на фестивалот во 2013 година. Под негово раководство, во рамките на фестивалот се изведени седум нови опери и пет обнови на постари продукции… Со оркестарот на „Невил Холт Опера” ги диригирал „Волшебната флејта”, „Боеми”, „Вртење на шрафот”, „Кармен”, „Риголето”, „Љубовен напиток”, „Тоска”, „Така прават сите”… Чалмерс работи со водечките оркестри и хорови во Велика Британија, меѓу кои со „The BBC Singers”, Симфонискиот оркестар на Бирмингем, Англискиот камерен оркестар, Симфонискиот оркестар „Бритн”… Тој е диригент и на лондонскиот хор „Ориана”… Во Ковент Гарден работи со младинската опера, а дебитира на Би-би-си „Промс” во 2020 година со „The BBC Singers” на првата фестивалска вечер. Студирал музика на колеџот „Линколн”, „Оксфорд” и на конзерваториумот „Пјаченца”. „Она што ја прави изведбата посебна е музичката магија што ја создава Чалмерс водејќи го оркестарот. Има посебно чувство зa детектирање талентирани млади оперски пејачи”, пишува „Сандеј тајмс” за Николас Чалмерс.


Филипа Бојл е една од најактивните вокалистки на сцената во Велика Британија, каде важи за етаблиран изведувач на германскиот репертоар. Нејзините најнови изведби ја вклучуваат Елеонора во „Моќта на судбината” и главната улога на Јенуфа во истоимената опера на Јаначек, Виолета во Вердиевата „Травијата” на оперските сцени во Британија. Освен што активно настапува како солистка во оперски продукции, Филипа Бојл е активнa и како концертен музичар. Настапувала на изведбата на „Стабат матер” од Дворжак со оркестарот на Би-би-си, Малеровата втора симфонија, во изведбата на „Стабат матер” од Росини, во Моцартовиот „Реквием”… Добитничка е на првата награда за млад оперски пејач за изведба на чешка опера и песни. Била член на оперското студио „Санта Чечилија” во Рим, каде што се здобила со диплома. Магистрирала на колеџот „Клер” во рамките на универзитетот во Кембриџ.

Професионалниот мешан хор „Про Арс” е формиран 2011 година од диригентот Сашо Татарчевски, по повеќегодишно дејствување во сферата на хорската уметност и анализа која укажа на недостаток од еден ваков ансамбл, кој професионално и пред сѐ квалитетно ќе одговори на потребите на музичката сцена во Македонија. Предностите на хорот стануваат видливи уште во првата година од неговата активност, презентирајќи висок квалитет на изведбите, мобилност и можност за изведба на широк репертоар со различна жанровска определба. Посебен акцент и посветеност се дава на веќе постојното македонско хорско творештво, но и на поттикнувањето на младите автори за пишување нова хорска музика. Од 2018 година хорот е редовен гостин на концертите со вокално- инструментална музика на Филхармонијата на РС Македонија, настапувајќи не само со маестро Татарчевски туку и со диригенти како: Густав Кун, Емил Табаков, Габриел Бебешелеа, Лубнан Балбаки и др. „Про Арс” реализирал огромен број студиски снимки за едукативни програми, солистички албуми, како и филмска музика за високобуџетски интернационални филмски остварувања во студиото ФАМЕС.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ВО МАКЕДОНИЈА ПРИСТИГНУВА СИЛЕН ЛАДЕН АТМОСФЕРСКИ ФРОНТ ОД СЕВЕР И ОД СЕВЕРОЗАПАД: Во среда ќе не зафати силно невреме – Од четврток значително заладување, а на планините ќе има и снег

Метео прогноза на Славчо Попоски: Уживајте во вистинското летно време уште утре почитувани, максималните дневни …