Денес, во ЛУ Градски Музеј Крива Паланка, со почеток во 19:30 часот, ќе биде отворена мултимедијална изложба на младиот графичар Стефан Јакимовски.
Оваа изложба го претставува магистерскиот труд на Стефан Јакимовски . Се состои од повеќе ликовни, визуелни и мултимедијални дела во различни техники: 19 графики изработени во неколку графички техники (акватинта, бакропис, бакрорез, линорез и сува игла), 100 бетонски објекти со основа на квадрат, во кои се вметнати најразлични материјали и околу дваесеттина бележници во и надвор од бетонска контструкција.
Дневник уметност, тематски неодреден, содржи секојдевни искуства во облик на колаж од материјални остатоци од предмети поврзани со настани и одредени локации, испреплетени со цртежи, скици, шкрабаници, случајни неврзани текстови и мисли, произлезени од средби и разговори, во и надвор од контекстот. Понекогаш дел од содржината на дневникот преминува во скица, студија за некое идно дело, цртеж, слика, графика или скулптура.
Сеприсутниот квадрат, карактеристичен за Јакимовски, без разлика на медиумот и техниката, ги вооквирува сите дела во една кохерентна целина во која рефлексиите на секојдневието, експериментот и експресивноста силно се врзани преку еден сложен мисловен процес.
Секој сегмент на секојдневието е рефлектиран во делата преку апстрактни експресии, разиграни низ експерименталниот и неконвенционален пристап при нивното создавање. Како и самите дневници, така и графичките листови и бетонските објекти се создадени на сличен начин, менувајајќи го нивното изработување, при што убавината, занаетчиството или употребата на традиционалните медиуми и техники како изговор за висока уметност, во голем дел се занемарени во корист на себеизразувањето и креативноста.
Преку овој проект Јакимовски го истражува процесот на менување на нештата и нивната реакција под притисокот на времето, правејќи паралела со нашата издржливост, односно променливост во текот на времето, поминувајќи низ влијанијата од средината на нашето опкружување и односите со сите учесници во процесот на живеењето и творењето.