Во четврток, 5 октомври во Националната галерија на Македонија – Мала станица, со почеток од 20:00 часот ќе може да ја погледнете изложбата на делата од Митко Панов, насловена како „Наместо вовед“.
Изложбата на Митко Панов е осмислена да прикаже два елемента од неговото творештво – сликарството и филмот. Всушност концептот е приказ на творештвото каде авторот е визуелен раскажувач.
Митко Панов е посветен на своето творештво, во истражувањето на нови изразни форми, каде прави синтеза помеѓу класичните сликарски дисциплини, филмот и современите текови на идејата и концепт во уметноста. Експериментирањето со идејно-концептуалните премиси овозможува оригинален ликовен продукт со продлабочени естетски резултати. Визуелното восприемање на светот кој го опкружува преплетено со неговата имагинација создава ликовен свет во кој се обликуваат визуелните претстави.
Митко Панов ја вткајува реалноста како инспирација во својата специфична творечка експресија. За него реалноста е простор за преиспитување на емоционалното присуство на човекот и потрагата на лична вистина и суштина на постоењето. Во неговиот ликовен универзум, реалноста е пренесена преку сопственото искуство, сфаќање и чувствување за светот, сопственото битисување во него, создавајќи личен императив за еден друг реалитет каде не ги менува фактите на реалноста, туку го менува начинот на размислување во однос на стварноста. Перцепцијата преку окото на уметникот создава внатрешен свет кој преку естетизираната визуелност станува слика која го отсликува “домот“ на уметникот т.е. неговата лична архива и опстојување.