Мими Таневска-Србиноска и Јордан Витанов добитници на наградата за животно дело на 58-то издание на МТФ “Војдан Чернодрински“

На годинешното 58 издание на МТФ “Војдан Чернодрински“ кое се одржува во Прилеп, беа доделен наградите за животно дело. Оваа година оваа престижна награда ја добија актерите Мими Таневска-Србиноска и Јордан Витанов.

Мими Таневска-Србиновска е реномирана актерка и професорка по актерска игра на Факултетот за драмски уметности, која со својата посветена работа и професионален ангажман дава огромен придонес во развојот на македонската култура и образование речиси четири децении. Се запишала на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1979 година, а дипломирала во класата на Љубиша Георгиевски во 1984 година. Уште за време на своите студии е препознаена како даровита студентка, била ангажирана да игра како гостинка во професионалните претстави: „Чудото на Св. Ѓорги“ од Русомир Богдановски, во режија на Слободан Унковски на Драмскиот театар во Скопје (1981), во претставата „Лет во место“ од Горан Стефановски, во режија на Слободан Унковски како самостоен драмски проект на Домот на младите „25 Мај“ (1982), во „Хај-фај“ од Горан Стефановски, во режија на Љубиша Георгиевски и во продукција на Драмскиот театар (1983), како и во претставата „Кланица“ од Славомир Мрожек, во режија на Владо Цветановски, а во продукција на МНТ (1983). За улогата на Флејтистката во оваа претстава ја добила наградата „Млад борец“ за најдобар млад актер. По завршувањето на студиите, од 1985 до 1999 година е редовно вработена во Македонскиот народен театар во Скопје, каде што одиграла значајни улоги од светската и од домашната драматургија високо вреднувани од критиката во земјата, како и надвор од неа. Уште на самиот почеток на својата актерска кариера, беше „резервирана“ за главните улоги во пиесите што се подготвуваат. Мими Таневска е добитничка на неколку актерски награди, од кои најзначајна е Стериината награда на Стеријино позорје во Нови Сад, за улогата на Цвета во „Црна дупка“ од Горан Стефановски, во режија на Паоло Маџели, а во продукција на МНТ. Ова високо признание го добива во 1988 година, само три години по
своето вработување. Освен во својата матична куќа таа како гостинка играла и во претстави во повеќе театри во Македонија: Драмскиот театар во Скопје, Народниот театар во Битола, Народниот театар во Куманово, Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, како и во независни продукции на Здружението „Талија“ од Скопје, на МКЦ – Скопје и Театарот на Навигаторот Цветко – Скопје.


Во 2000 година се вработува на Факултетот за драмски уметности, Скопје и ја започнува својата наставна и педагошка дејност со студентите по актерска игра. Досега, преку нејзината посветена работа, едуцирала шест генерации студенти. Како професор по актерска игра се стреми кон постојано унапредување и збогатување на студиската програма, кон воведување нови современи методи и пристапи во едукацијата на студентите и настојува да ги следи најновите истражувања, иновации и лаборатории во областа. Испитните претстави на нејзините студенти се редовно изведувани на Академската сцена на ФДУ. Некои од нив учествувале и биле наградени на престижни Меѓународни студентски фестивали (прва награда од стручното жири и прва награда од публиката за „Оркестар ББ“ на Интернационалниот фестивал FIST 06 во Белград, Србија; Прва награда за најдобра претстава за „Ревизор“ на Интернационалниот фестивал DIONIZ во Хрватска; Специјална награда за „ММЕ кој прв почна“ на Интернационалниот фестивал „Данаил Чирпански“ (2019) во Стара Загора, Бугарија; гран при за „Пиеса 27 на ливерпулски начин“ и награда за главна машка и главна женска улога на Интернационалниот фестивал URBAN FEST 18, Ниш, Србија). Во 2013 е избрана за раководител на Катедрата по актерска игра и сенатор.

Од 2015 до 2019 година е избрана за продекан за настава на УКИМ, Факултет за драмски уметности, Скопје. Од декември 2019 до декември 2022 ја извршува функцијата на декан на Факултет за драмски уметности, Скопје. Во нејзиниот мандат излезе од печат монографијата „50 години ФДУ“, во чија подготовка активно учествуваше како еден од нејзините уредници (Мими Таневска- Србиновска, Маја Стевановиќ, Зоја Бузалковска и Сашо Кокаланов).


Дипломската претстава „Сакатиот од Инишман“ од Мартин Мекдона е воедно и последната испитна претстава на проф. м-р Мими Таневска-Србиновска пред нејзиното пензионирање во септември 2023 година. Особено успешна беше изведбата на оваа претстава на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ пред преполна сала во Народниот театар во Прилеп.

Јордан Витанов е професионален актер и првенец на НУЦК Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес. Роден е на 13 јануари 1958 година во с. Грнчиште, Велешко, Македонија. По завршувањето на Средното економско училиште „Јовче Тесличков“ во Велес, се запишал на Факултетот за драмски уметности во Скопје – отсек драмски актери во класата на проф. Љубиша Георгиевски. Дипломирал со претставата „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир, кај проф. Слободан Унковски. Витанов е член на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од 1976 година, а и по пензионирањето е редовно на сцената. На матичната сцена остварил повеќе од 100 улоги. На театарските сцени во Македонија има одиграно дваесетина улоги и тоа во театрите во Штип, Куманово, Струмица, Кавадарци и во Скопје. Член е на поетскиот театар „Скрб и утеха“ каде што има одиграно повеќе улоги. Со театарот „Скрб и утеха“ има настапувано на многу неформални простори во Македонија и во македонската дијаспора – во Мала Преспа (Албанија), Пиринска Македонија (Бугарија). Витанов беше директор на Театарот во Велес во два наврати – од 1999 до 2002 година и од 2006 до 2017 година, а е еден од иницијаторите за формирање на ИФАД „Стоби“.


Награди:
• Награда за најдобра главна машка улога на МТФ „Војдан Чернодрински“ во 1992 година за улогата на Содо Арамијата во претставата „Крчма на патот за Јевропа“.
• Награда за најдобра машка улога на ИФАД „Боспорски агони“ во Керч, Украина, во 2002 година за улогата на Филоктет во претставата „Филоктет“.
• Награда за најдобра главна машка улога на ИФАД „Стоби“ во 2007 година за улогата на Тисаферн во претставата „Да се заборави Херострат“.
• Награда за најдобра главна машка улога на МТФ „Војдан Чернодрински“ во 2013 година за улогата на Благој во претставата „Ноќите во бел сатен“.
• Награда „9 Ноември“ (2002)
• Награда за животно дело „Гемиџии“ (2016)
• Награда за животно дело „Петре Прличко“ (2023)

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: На денешен ден во 2010 година почина истакнатиот македонски карикатурист Делчо Михајлов

Делчо Михајлов е роден на 27 ноември 1947 година во Скопје. Тој беше македонски карикатурист, …