До крајот на оваа работна недела во Македонија ќе имаме студено време, со значително потпросечни температури на воздухот за овој период од годината, и тоа особено во четврток и во петок кога максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот само од 4 до 12 степени, а наутро тие ќе се спуштаат во интервалот од -1 до 5 степени.
Исто така, особено во четврток и во петок повторно во Македонија на повеќе места ќе има нови повремени врнежи со променлив интензитет. Врнежите ќе бидат од дожд на ниските, и од снег на повисоките места и на планините, каде ќе има формирање на нова снежна покривка. Сепак поради дополнителното заладување на времето, врнежи од снег ќе има понекаде и на местата со помала надморска височина (населените места), особено во северните и во западните предели од Македонија.
Во четврток и во петок ќе дува умерен до засилен ветер од северен и од северозападен правец, најизразен Долж Повардарието.
И во Скопскиот регион, особено во четврток и во петок ќе има повремен дожд и повремено засилен ветер од северен правец. На повисоките места, односно на околните планини врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег.
Поради ваквата состојба, на возачите им препорачуваме да бидат крајно внимателни како управуваат со своите возила, особено вои четврток и петок кога очекуваме нови врнежи од дожд и снег.
Метео прогноза на Славчо Попоски