Македонскиот институт за медиуми (МИМ) објавува повик за основање медиумски клубови (секции) во основните и средните училишта во државава. Оваа активност се реализира како дел од активностите на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.
Медиумските клубови треба да вклучуваат едукативни и практични активности кои ќе се одвиваат во рамки на воннаставните активности. Притоа, учениците ќе учат како да создаваат веродостојни, објективни и проверени медиумски содржини користејќи различни формати, вклучително и текст, видео, поткасти, блогови и фото-новинарство. Учениците, во координација со наставникот ќе имаат можност да предлагаат и да обработуваат теми коишто се поврзани со образовниот процес и училишните активности, но и со културни, забавни, спортски или други теми кои се од интерес на младите. Медиумските клубови треба да се состануваат еднаш во неделата во периодот од октомври 2024 година до крајот на мај 2025 година. Со нив ќе раководи еден наставник од училишниот колектив, кој ќе ја организира работата на клубот. Наставниците ќе добијат прирачник за работа на училишните медиумски клубови, со насоки и практични вежби што ќе можат да ги реализираат во рамки на медиумските клубови.
Програмата ќе ги опфати следните теми:
- Новинарството како професија – што значи да се биде новинар (улогата на новинарството, новинарски стандарди, уредувачка политика)
- Новинарски жанрови (вест, извештај, интервју)
- Медиумска писменост (концепт, елементи, вештини)
- Дезинформации и проверка на информациите
- Нови медиуми
- Креирање медиумски содржини за различни медиумски платформи.
На крајот на училишната година ќе биде објавен конкурс за најдобар медиумски производ подготвен од страна на медиумските клубови од основните и од средните училишта.
На повикот може да аплицираат средни и основни училишта кои не добиле поддршка преку проектот „Младите размислуваат“ во текот на минатата школска година. Апликацијата треба да ја поднесе наставникот кој ќе раководи со медиумскиот клуб, заедно со одобрување од училиштето (потпис и печат од раководството на училиштето). Апликацијата треба да содржи:
- Информации за училиштето и наставникот;
- Писмо за мотивација во која се објаснува зошто сакате да основате медиумски клуб во вашето училиште;
- Информации за релевантното искуство на наставникот поврзано со областите на медиумите, новинарството, медиумската писменост или други сродни области.
Рокот за аплицирање е до 20.09.2024 (петок) до 23:59 часот.
Сите заинтересирани училишта може да аплицираат на е-адресата: konkursi@mim.org.mk со назнака: Апликација за медиумски клуб – Име на училиштето.
На повикот ќе бидат избрани петнаесет средни и петнаесет основни училишта кои ќе добијат поддршка за основање на медиумски клубови. Училиштата коишто ќе бидат избрани на повикот ќе бидат известени најдоцна до 30 септември (понеделник) 2024 година. За успешно функционирање на медиумски клубови, МИМ ќе организира обука за наставниците-координатори кои ќе раководат со нив.
За сите дополнителни информации и прашања, може да го контактирате Дениз Мемеди, програмски раководител во МИМ, на следната е-адреса: dmemedi@mim.org.mk.