Концерт на пијанистката Хајди Елзесер на фестивалот „Златна Лира 2023“

Утре, во Музејот на македонската борба, во рамките на фестивалот „Златна лира 2023“ со почеток од 20:00 часот, ќе се одржи концертот на пијанистката Хајди Елзесер.

Програма:


Јорг – Петер Митман
ПИЕСА за соло пијано од циклусот „Спектрал“ за мешан ансамбл

Јоханес Брамс
ЧЕТИРИ БАЛАДИ оп. 10


Константин Делиниколов
ТРИ ТАНЦИ

Гизелер Клебе
ОГНЕН ПАД


Морис Равел
ЕДНА БАРКА НА ОКЕАНОТ од циклусот „Огледала“

Франсис Пуланк
МЕЛАНХОЛИЈА
ИМПРОВИЗАЦИЈА оп. 15 (Омаж на Едит Пјаф)
ТОКАТА

Хајди Елзесер настапува како солист и камерен музичар во концертни сали ширум светот, меѓу кои во салата „Гаво“ во Париз, „Тонхале“ во Дизелдорф, „Еткер Хале“ во Билефелд, познатата концертна сала на „Резиденсиа де Естудиантес“ во Мадрид. Редовно настапува на бројни фестивали низ цела Европа, како и во Кина и САД: Фестивал за современа музика – Детмолд, Пуленк Фестивал – Детмолд, Денови на современа музика во Гетинген, КантАрт – Северна Рајна Вестфалија, Фестивал Фракции – Билефелд, Џорџ Крамб – Детмолд, Шопен Фестивал – Париз, Охридско лето и Денови на македонска музика – Скопје, исполнува премиерни изведби на композитори со кои редовно соработува, како што се Б. Шуман, В. Глобокар, Ј. Андреевска, М. Апелбаум, А. Пејовски, М. Трандафиловски, Х.Ј. Винклер, М.К. Редел, К. Делиниколов, Г. Сантандер, П. Шахов, В. Николов, К. Џерет, М. Егерт, П. Леивадас и други.

Македонските композитори се редовно претставени на нејзините настапи. Нејзиниот репертоар е исклучително еклектичен и многустран – од раниот барок, па сѐ до современите дела на 21-от век, вклучувајки и бројни светски премиери. Хајди Елзесер е основач на квартетот за две пијана и два перкусионисти „ Artwork Ensemble“ кој е посветен на современата музика и со кого веќе има гостувано на фестивалот „Денови на македонската музика“. Настапува редовно како член на повеќе ансамбли за современа музика како што се „ Ensemble Horizonte“ со кој во ноември 2022 снима компакт диск, „Earquaqe Ensemble, ансамблот Виноросо и други.

Покрај нејзината активна концертна дејност како солист и камерен музичар, Елзесер настапува со оркестарот на Ландестеатер Детмолд, како и со сите македонски оркестри под водство на диригентите Саша Николовски – Ѓумар, Тадеуш Козловски, Ангел Шурев, Александар Лековски, Фимчо Муратовски, Томас Херзог, Карлхајнц Блемеке и други. Елзесер остварува бројни аудио и видео записи за македонското радио и телевизија, во живо настапува на француското радио „Радио Франс“ – како солист и во дуо со нејзиниот последен професор, интернационално реномираниот пијанист Жан-Ефлам Бавузе, на националното шпанско радио на кое во живо е пренесуван нејзин солистички концерт, како и на повеќе германски станици меѓу кои редовно на познатиот канал за класична музика – ВДР 3.

Елзесер има издадено свој соло компакт диск со дела на Брамс и Шуберт, а учествува и во повеќе продукции на компакт дискови со камерна музика во Германија. Од 2011г Хајди Елзесер и нејзиниот ансамбл за современа музика се почесни членови на Фондацијата „Томислав Зографски“.

Хајди Елзесер е родена во Скопје, Македонија. Дипломира на ФМУ во класата на С. Слејанска, го продолжува студиите на Екол Нормал де Музик во Париз каде се здобива со повеќе дипломи, како и на Европскиот Конзерваториум исто така во Париз, Франција. Во овој период нејзин најзначаен професор е Теодор Параскивеско. Круна на нејзините студии се „Концертегзамен“ студиите (највисоки студии за солистички инструмент во германскиот музички образовен систем) на факултетот за музика во Детмолд, Германија кои ги завршува со голем успех во класата на Жан-Ефлам Бавузе. Во текот на школувањето таа учествува и на многу мастеркласи, каде остварува важни контакти со големи имиња како што се Пол Бадура – Скода, Вера Горностаева, Андреас Штаер и други. Елзесер работи неколку години како асистент на ФМУ Скопје, а по студиите во Германија (во којшто период работи како асистент на Проф. Бавузе) останува таму и работи како предавач на Факултетот за музика во Детмолд. Хајди Елзесер е член на жири комисии на германски натпревари, држи национални и интернационални мастеркласи, а нејзините ученици и студенти се добитници на награди на повеќе натпревари во Германија.

Влезот е слободен.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Во месецот посветен на јубилејни проекции на македонски филмови, вечерва во Кинотека ќе биде прикажан играниот филм „Големата Вода“

Вечерва, во Кинотека на Македонија, со почеток во 20:00 часот, во месецот на јубилејни проекции, …