Концерт на Pierre Millet и Betty Jardin и Националниот џез оркестар


Вечерва, во салата на Филхармонија, со почеток од 20:00 часот, Националниот џез оркестар ќе одржи концерт на кој како свои гости ќе ги има исклучителните француски уметници Pierre Millet (труба) и Betty Jardin (вокал). Диригент на концертот ќе биде маестро Џијан Емин.

Роден во средината на 1970-тите, Pierre Millet се етаблира како инспиративен инструменталист и композитор кој покрај џез музиката соработува со бројни уметници од областа на рок музиката, како и од други жанрови, од циркуска музика до шансони. Во својата кариера има настапувано со различни музички ансамбли, почнувајќи од биг-бендот на неговиот татко Jean-François Millet, потоа AB Sextet, Les Elles, и во поново време Surnatural Orchestra, покрај пијанистот Faraj Suleiman. Тој е лидер, ко-лидер и композитор во неколку ансамбли меѓу кои триото Ana Kap, дувачкиот оркестар Chromatic Museum, квартетот Blast, и квинтетите Renza Bô и Décor-um.


Betty Jardin е француска пејачка која живее во Нормандија и во својата кариера често соработува со Pierre Millet. Има студирано џез теорија на Конзерваториумот во Каен, а изучувала и индиска музика во Јужна Индија, каде престојувала повеќе од една деценија. Дел е од биг-бендот Jazz à Montpellier, како и составите Ana Kap и Breath & Breath. Betty e карактеристична по својот уникатен вокален стил и способноста да комбинира различни музички жанрови. Критиката за неа ќе забележи дека е препознатлива по „интеракцијата меѓу џезот и индиската музика кои ѝ даваат препознатлив вокален сензибилитет и уникатност“.

На концертот со Националниот џез оркестар ќе имате можност да уживате во биг-бенд аранжманите на композициите и стиховите на Pierre Millet и Betty Jardin кои истражуваат различни емотивни пејзажи и човечки врски изразени преку музика и поезија, како и широк спектар на чувства, од носталгија и ескапизам до надеж, издржливост и интроспекција. Преку поетските текстови и музичките композиции, овие двајца уметници ја истражуваат убавината на сонот, текот на времето, невиноста на детството и борбата со себичноста и стравот. Секое нивно дело рефлектира длабока врска со културните, личните и универзалните моменти, спојувајќи ја имагинацијата со искрените рефлексии, притоа славејќи ја во целост човечката природа, со сета нејзина убавина и противречности.


Билетите за концертот може да ги набавите online на https://mktickets.mk/…/nacionalen-jazz-orkestar-pierre…/ и на продажните места на MKTickets.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„Скриените фантазми“ – Ретроспективната изложба на Анета Светиева

И оваа година, Националната галерија продолжува со својата мисија и ви го најавува претставувањето на …