Концерт на хорот „Кочо Рацин“ под диригентската палка на Ангелина Спасовска


Во рамки на јубилејното 45-то издание на манифестацијата „Скопско лето“ ќе се одржи концерт на хорот „Кочо Рацин“ под диригентската палка на Ангелина Спасовска.

Програма:


1. Ave Maria – Jacob Arcadelt
2. Тропар на Св. Кирил и Методиј – Драган Шуплевски
3. Tebe pojem – Stevan Mokranjac
4. Bogoroditse djevo – Arvo Pärt
5. Otche nash – Anton Arensky
6. Mnogaja Leta – Dmitrii Bortnjanski
7. Мери Томчо – С.М. Гајдов
8. Миле поп Јорданов – Народна
9. Рум дум дум – обр. Драган Шуплевски
10. Горо ле горо – обр. Драган Шуплевски
11. Што ми е мило – Народна
12. Ајде слушај Анѓо – С.М. Гајдов
13. Момиче мало ѓаволо – С.М. Гајдов

Хорот „Кочо Рацин“, формиран во 1946 година, во Горно Врановци, е еден од најстарите хорови во Македонија. Од самото негово формирање, низ одбраниот репертоар и посветената работа, хорот дава значаен придонес во презентирање на македонското музичко творештво, поврзувајки ја традицијата и современоста.


Уметничкото водство на хорот, во континуитет е под палката на еминентни имиња на композитори и диригенти од македонската хорска музика, меѓу кои: Трајко Прокопиев, Кирил Спировски, Ѓорѓи Смокварски, Живко Фирфов, Стефан Гајдов, Драган Шуплевски,Томислав Шопов, Летка Димова Полизова и др. Во своето повеќедецениско постоење, хорот има бројни настапи во земјата и странство, и тоа во: Италија, Полска, Романија, Чехословачка, Унгарија, Холандија, Грција, Србија…

Последниве години има забележителни настапи на Меѓународни натпревари и фестивали меѓу кои: „Мокрањчеви дани“ (Србија), „Нишки хорски свечености“ (Србија), „ТЕХО“ (Македонија), Интернационален хорски фестивал „Музика и Море“ (Паралија, Грција).


За својата посветена работа во презентирањето на македонското музичко творештво, хорот има добиено и неколку Државни награди: Орден за заслуги на народ – Сребрена Звезда, Наградата „Свети Климент Охридски“, Наградата на Град Скопје – „13 Ноември“.

Од настапите на меѓународни фестивали, хорот има добиено: Златна Плакета – „Мокрањчеви денови“, бројни дипломи, плакети, пофалници и признанија. Од 2023 год. со хорот раководи диригентката Ангелина Спасовска.

Ангелина Спасовска, родена 1999г. во Скопје, своето музичко образование го стекнува на ФМУ – Скопје, при УКИМ, на смер Музичка теорија и педагогија со насока – Хорско диригирање. Студиите успешно ги завршува под менторство на проф. м-р. Сашо Татарчевски. Ангелина Спасовска своето хорско ангажирање го започнува од најрана возраст настапувајки во детскиот хор „Изворче“ во Скопје, а потоа и женскиот хор „Рустико“, под водство на диригентот и педагог, Запро Запров. Таа е долгогодишен активен член во мешаниот хор „Драган Шуплевски“ при ФМУ Скопје, во Женскиот Младински Хор при МКЦ Скопје, како и во професионалниот мешан хор „Про Арс“, под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски.
Во текот на студирањето и потоа, има настапувано на бројни концерти и натпревари за хорска музика во Македонија, како и во Србија, Бугарија, Полска, Унгарија, Косово. Воедно, Ангелина Спасовска, учествува и во проекти на FAMES Studio, за снимање на хорска музика, со хорот „Про Арс“ за светски компании и продуцентски куќи. Од 2023г., со голем ентузијазам, посветеност и љубов, Ангелина Спасовска успешно ја започнува својата диригентска кариера во мешаниот хор Кочо Рацин, Скопје.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Д.Н.О со прв акустичен концерт по 20 години – на 25 мај во МКЦ

По повеќе од две децении активно присуство на алтернативната сцена, скопската група Д.Н.О ќе го …