Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Наостри ги сетилата” на кој како солист на усна хармоника ќе настапи Роберт Бонфиљо од САД, а диригент е Борјан Цанев. На програмата се дела „Музичка жртва” од Стојче Тошевски, Концертот за усна хармоника и оркестар од Х. Вила –Лобос и „Болеро” и „Шпанска рапсодија” од Морис Равел.
Со настапите дома и во странство, а особено со последните гостувања со Краковската, Северночешката, Софиската и со Македонската филхармонија, Борјан Цанев останува еден од најбараните диригенти во Македонија и во поширокиот регион. Маестро Цанев ја балансира својата кариера помеѓу сценските настапи и наставата како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговиот 20-годишен ангажман како главен диригент на Македонската филхармонија, одигра исклучително важна улога во квалитативниот раст на ансамблот. Во улогата на наставник и ментор, тој поведе многу генерации музичари кон нивните професионални патишта дома и во светот. Како добитник на високите признанија „Виртуози – најдобар музички изведувач” и „Ѓорѓи Божиков” – за најдобра изведба на дела од македонски композитори, тој важи за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа е назначен за диригент на Македонската филхармонија, каде што останува до 2019 година. Во 2000/2001 Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст. Токму на Кралскиот колеџ ја добива и наградата „Аугуст Манс” за најдобар млад диригент. Еден од најважните настани од неговата рана кариера е поканата да му биде асистент диригент на сер Колин Дејвис во продукцијата на Моцартовата опера „Дон Џовани” во Кралскaта оперска школа, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис.
Настапувал со светски реномирани солисти, меѓу кои: Иво Погорелиќ, Јоханес Мозер, Готје Капусон, Сергеј Накарјаков, Сајака Шоџи, Даниел Милер-Шот, Кирил Трусов, Серхио Тиемпо, Иља Гринголц, Акико Суванаи, Симон Трпчески, Алексеј Огринчук, Жанг Зуо (Зи Зи), Штефан Дор, Џозеф Алези, Дејвид Герет, Стефан Миленковиќ, Роман Симовиќ, Стјепан Хаузер, Евгени Божанов, Криштоф Барати, Моника Лесковар, Тине Тинг Хелсет, Антал Залаи, Емануел Сејсон, Питер Лукаш-Граф, Бранимир Слокар, Гзавие Филипс, Раби Абу-Калил, Ана Дурловски, Благој Нацоски и многу други.
Роберт Бонфиљо е познат по епитетот „Паганини на усната хармоника”. „Лос Анџелес Тајмс” го нарече така и со право овој виртуоз на усна хармоника ја воодушевува публиката ширум светот: Карнеги хол, Холивуд боул, Гевандхаус, Центарот Кенеди, Бостонската симфониска сала, Линколн центарот…, со неговата способност да изведува концерти на хармоника од сферата на класиката, но и да блеска со блуз. За него позитивно пишувале и „Њујорк тајмс”, „Бостон глоуб”, „Вашингтон пост”, „Чикаго трибјун”… Бонфиљо неодамна дебитираше со Питсбуршката симфонија, Националната симфонија во Центарот Кенеди и Оркестарот на Луисвил. Оваа сезона вклучува концерт на Вила-Лобос за хармоника со Симфонискиот оркестар на Галиција под водство на Енрике Диемеке, како и турнеја со „Музика витае” во Шведска и Симфонискиот оркестар на Рокфорд во САД. Исто така, следува и настап во Линколн центарот со концертот за хармоника на Хенри Ковел и Американскиот симфониски оркестар, под водство на Леон Ботстеин. Бонфиљо зад себе има и изведби на многу премиерни дела, како и дела од автори кои специјално за него пишувале: Родриго, Арнолд Блек, Ричард Ајнхорн, Ерик Најт, сер Џорџ Мартин. Се појавил и како солист заедно со американскиот класичен и џез-пијанист „Скич” Хендерсон во „Карнеги Хол”, со Џон Вилијамс на „Бостон Попс”, со италијанскиот диригент Фабио Луизи и МДР Оркестарот во Лајпцишкиот „Гевандхаус” итн. Неговиот прв албум со Камерниот оркестар „Њујорк” со Концертот на Вила-Лобос, доби извонредни критики, а токму овој концерт го изведувал повеќе од 350 пати со големи оркестри низ светот. Настапува и како камерен музичар со врвни имиња. Во неговата биографија се истакнува и неговата изведба на современа музика од американскиот композитор Пол Моравек, кој ја освои Пулицеровата награда за композиција, со дело посветено токму на Бонфиљо. Инаку, Роберт Бонфиљо има магистратура по композиција од Школата за музика на Менхетен. Студирал хармоника со врвниот Чам-бер Хуанг, а 12 години негов ментор бил Ендрју Лолиа, прв флејтист на „Њујорк сити балет”, време кога Бонфиљо ги изучувал сите големи дела за хармоника и оркестар.