Концерт на ансамблот „Театро ала мода“ вечерва во Филхармонија

Вечерва во Македонската Филхармонија, со почеток во 20:00 часот, ќе имате можност да уживате во концертот на ансамблот „Театро ала мода“.

Ансамблот го сочинуваат: Цветанка Созовска (чембало), Лилија Славни (барокна виолина) и Џошуа Читам (виола да гамба).


Преземајќи го името од сатиричниот памфлет на венецијанскиот композитор Бенедето Марчело (напишан во 1720 година), „Театро ала мода“ се посветува на изведување барокна музика, но во нејзиниот автентичен манир, онолку колку што постојат информации низ историјата за начинот на изведба. Членовите на овој ансамбл доаѓаат од четири различни културни средини, но го пронашле својот обединет музички јазик во Холандија, за време на студиите на Кралскиот конзерваториум во Хаг.

Комбинирајќи ја виртуозноста и длабокото изучување на автентичната барокна изведувачка пракса, музичарите од „Театро ала мода“ го истражуваат и го претставуваат репертоарот за различни инструментални комбинации за камерен состав, користејќи историски копии на инструменти, како што се виолина, флејта, обоа, фагот, виола да гамба, чембало. Нивниот репертоар го опфаќа периодот од раниот барок до појавата на класичниот музички стил.


Инаку, „Театро ала мода“ редовно настапува во Холандија и веќе има остварено меѓународни дебија на различни музички фестивали низ Европа, во Исланд, Франција, Португалија, но и во Скопје и во Охрид.

На вечерашниов концерт се претставуваат во формација трио со барокна виолина, виола да гамба и чембало, со програма специфична токму за овие инструменти од барокниот музички период.


Програма:

Д. Букстехуде: Трио соната оп.2, за виолина, виола да гамба и басо континуо во Де-дур
Г. Ф. Телеман: Фантазија за соло виола да гамба во де-мол
Ј. С. Бах: Соната за виолина и басо континуо во Ге-дур
Ј. С. Бах: Соната за виола да гамба и облигато чембало во ге-мол
Ж. Мари-Леклер: Соната за виолина и басо континуо оп. 9, бр. 5
А. Форкере: Од „Пиеси за виола со басо континуо“
Ж. Ф. Рамо: Од „Пиеси за чембало во концерти“: Концерт бр. 5 во де-мол

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Деновиве излезе од печат дебитантскиот роман „Неочекувано“ на авторката Ана Мовска

„Неочекувано“ од Ана Мовска – роман за сино-зелените алги на Марс и во Дојранското Езеро. …