Денес, во фоајето на НУЦК “Браќа Миладиновци”, со почеток во 19:00 часот, ќе биде отворена изложбата на Викторија Попоска насловена “Колекција од мемории”.
Оваа изложба е сочинета од дела создавани низ различни периоди изминативе години, колекција од мемории кои раскажуваат разни од апстрактни до конкретни приказни во кои сите можат да погледнат и да пронајдат дел од себе во делото, бидејќи, на крајот од денот, секое дело е како и секој живот- колекција од мемории, секој човек/уметник е сложувалка од сите луѓе и настани кои го опкружуваат.
Викторија Попоска (родена 1992 година) е дипломиран сликар со конзервација и реставрација.
Попоска дипломирала на отсекот за применето сликарство со конзервација и реставрација на ФЛУ каде ја добила наградата „Борко Лазески“ за најинвентивен сликар во 2015 година. Во Септември 2016 година ја реализира нејзината прва самостојна изложба под наслов „Запознавање“ во Музеј на град Скопје. Истата година учествува на „Паратисима“, настан кој ја промовира уметноста и креативноста во сите нејзини форми, каде што ја добива специјалната награда „Понте ди пиетра (Ponte di pietra), по што следува нејзиното учество на „Паратисима ту д старс“ (Paratissima to the stars) во Торино, Италија.
Во 2017 година, во нејзиниот роден град Струга, повторно самостојно се претстави со изложба во галеријата „Коџоман“, а понатаму следуваат неколку последователни учества на фестивалот „Дрим он“, многубројни групни изложби, бројни перформанси, ликовни колонии.
Самостојни изложби:
„Запознавање”, прва самостојна изложба, Музеј на град Скопје 2016 (награда за најинвентивен студент по сликарство – Борко Лазески)
„Запознавање”, изложба во рамките на фестивалот „Белиот ДРИМОН“, Галерија Коџоман, 2017
„Инволуција” самостојна изложба, „Концепт 37”, Скопје, 2017
„Сеништа“, Мала станица, 2020 (награда за млад уметник 2020)
„Убавината на минливоста“ (The beauty of transience), Прајват Принт (Private Print), 2022
Викторија Попоска е добитничка на повеќе награди, меѓу која и Награда за млад уметник доделена од Национална галерија на Македонија, 2020.
Во 2022 во соработка со Приватен Принт (Private Print), ја создава уметничката книга ,,Убавината на минливоста’’, а последните две години заедно со Милко Нестороски се појавуваат и како сценографи на претставата „Петар Пан-последната битка“, во 2023 година и 2024 година, и на претставата „Океанија” 2024 година. А во соработка со Христина Тодороска Петреска и ,,Порака Нова’’ ги создадоа разгледниците кои носат наслов ,,На наши места ја да си идам’’ дел од програмата на министерството за култура ,,Цртај на Македонски јазик’’.