СПОНА – Српски културно информативни центар, ве поканува на книжевна вечер со еден од македонските писатели чиешто творештво е меѓу најпреведуваните во Република Србија, Томислав Османли. Средбата е посветена на српските изданија на изборот драмски текстови „Пат во рајот“ (Нови Сад: Прометеј, 2023) и на романот „Бродот. Конзархија“ (Зрењанин и Нови Сад: Агора, 2022).
Книжевната вечер ќе се одржи на 29 април 2025 година (вторник), со почеток во 19 часот, во Српскиот културно-информативен центар „СПОНА“ (бул „Св. Кирил и Методиј“ бр. 30, Скопје).
На настанот, со свои видувања ќе се вклучи и Сашо Огненовски, којшто го преведе романот „Бродот. Конзархија“ од македонски на српски јазик. Во рамките на средбата ќе се оствари разговор со Османли во којшто со прашања ќе може да се вклучат и присутните. Модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски.
Оваа книжевна вечер е дел од циклусот книжевни средби и работилници „ПАРАЛЕЛИ И СИНТЕЗИ: Рецепцијата на современата македонска книжевност“, којшто Српскиот културно-информативен центар „Спона“ го почна минатиот месец, а во фокусот се дела од современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Република Србија во превод на српски јазик.