На 11 ноември (понеделник) во 19:00 часот во малата сала на Народниот театар, во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, ќе се одржи и последниот настан во склоп на овогодишното одбележување на 7 Ноември – Книжевен портрет на авторот на книги за деца Горјан Петревски.
Во склоп на портретот, за творештвото на овој популарен автор, кој е воедно и автор на еден од најтиражните македонски романи, лектирата „Марта“, ќе зборуваат проф. д-р Васил Тоциновски и проф. д-р Јованка Денкова.
Горјан Петревски напишал голем број дела меѓу кои можат да се наведат следниве наслови:
Гороцвет (1973, раскази)
Земјата од сонот (1980, раскази)
Споменка (1982, две изданија, откуп на конкурсот на “Детска радост” за најдобар роман)
Татковите солзи (втора награда на конкурсот на “Детска радост” за најдобра книга со
раскази распишан во 1984 година)
Тажниот свирач (раскази, паралелен превод на хрватски и македонски јазик, објавена во
Сараево во 1986 година)
Марта (1989, роман)
Задоцнети писма од Споменка (1990, лирски записи кои на барање на читателите излегувала
долго време како продолженија во “Наш свет”)
Снеговите на Климентина Евин (1991, три изданија, роман адаптиран и како радио драма за
деца и млади, лектира во основното образование)
Далечна љубов (1992, роман со две изданија кај издавачите “Детска радост” и “Матица македонска”)
Исти очи (1993, четири изданија, роман кој по својата популарност самиот по себе се
наметнува како лектира во осмите одделенија)
Татковата прва љубов (1997, поетско-прозни записи)
Пролетни дождови (сказни работени според народни мотиви инспирирани од приказните за животни на Марко Цепенков, за која во 1998 година ја добил престижната награда “Ванчо Николески” за книга на годината што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија)
Вечниот ветар (2000, две изданија, љубовна приказна за млади, роман кој според анкетата
на емисијата “Ѕвон” при Македонската радио-телевизија е прогласен за најпродавана книга за млади во 2001 година и чие прво издание се распродава за четири месеци)
Рано дојде љубовта (проза, за која ја добива наградата “Свети Климент” за најбарана книга во 2002 година која што ја доделува НУБ “Свети Климент Охридски”)
Сама (2003, роман)
Духот на Михаела Косар (роман, 2016)
Другата Марта (2017, роман)
Името ми е Вивиен Ли (2020, роман)
Повеќе негови романи се обработуваат како лектири во основното образование по избор на учениците или наставниците.
Покрај неговите книжевни дела, крај името на Горјан Петревски стојат и телевизиски серии, како:
“Шарен монитор” (квиз),
“Илустриран ТВ речник”,
“Црвено, жолто, зелено” (играни серии),
“Басноград”,
“Баснодром” (куклени серии) и други,
Информативно-документарни серии:
“Откривања”,
“Љубопитна камера”,
“Скоп-стоп” и други.
Во името на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ ве покануваме да го проследите овој настан со кој се чествува македонската литература за деца преку еден од најпрепознатливите нејзини претставници, непосредниот, лирски нијансиран раскажувач Горјан Петревски.