Денес, со почеток во 11:00 часот во Ресурсен центар на СОС Детско село во Скопје (Ул. Палмиро Тољати во Ченто, во склоп на градинката 25 Мај), ќе се одржи работилницата „Како да не си ја носам работата дома“ – за лица во помагачки професии.
Оние што работат помагачки професии знаат дека не е секогаш едноставно да се постави граница помеѓу личното и професионалното и дека понекогаш доживувањата од работата остануваат со нас и по завршувањето на работното време.
Од друга страна пак, за да се заштитиме себе си од согорување, да ја одржиме професионалноста, како и еден здрав баланс помеѓу личниот живот и работата, потребно е да знаеме како да поставуваме и одржуваме професионални граници во работата.
Во рамки на овогодинешните Денови на психологија на Комората на психолози ќе се одржи искуствена работилница на која ќе разговараме за емпатијата како составен елемент од човековата интеракција, а секој од учесниците ќе има и можност да ги истражи своите лични доживувања и мотиви при изборот на својата професија. Покрај тоа, ќе се осврнеме и на неколку начини и техники на грижа за себе.
Работилницата ќе ја води Александра Панчевска – лиценциран психолог, гешталт психотерапевт и ЕМДР практичар.
Учеството е бесплатно и потребно е пријавување на следниот линк: https://forms.office.com/e/7eg5QkNXTL
Оваа работилница се реализира во рамки на проектот „Зајакнување на младите преку нови можности 2“ спроведуван од СОС Детско село.