Вечерва во Кинотека на Македонија, со почеток во 20:30 часот, во месецот на јубилејни проекции, ќе биде прикажан играниот филм „До Балчак“. Проекцијата е по повод 10 годишнината од неговото премиерно прикажување. Во 20:30 часот ќе се одржи Q & A со режисерот на филмот Столе Попов.
ДО БАЛЧАК е последното остварување на доаенот на македонскиот филм Столе Попов. Филмот е сурова, но романтична љубовна приказна во која македонската кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на строга индивидуалност, лишена од каква било идеологизација. Ова е филм за дијалектичката средба на митското со антимитското, филм во кој се среќаваат легендите и раскажувањата со реалната стварност на суровиот живот. Антивестерн, пандан на традиционалниот Амerican Western или нешто што слободно би можеле да го наречеме Маcedonian Eastern, филм што излегува од просторот на кој од памтивек се среќаваат и судираат западната и источната цивилизација…
Дејствието на филмот се случува во 1907 во Отоманска Македонија, неколку години по крваво задушеното Илинденско востаниe. Приказната ги следи случувањата на комплексен љубовен четириаголник помеѓу Крсто – бескомпромисен и идеалистичен комита, Музафер – безмилосен турски офицер, Филип – опортунист кој се враќа дома по завршени студии во Европа, и Тереза – слободоумна Европејка во потрага по авантура, која ги залудува тројцата мажи и предизвикува серија на настани со далекусежни и несогледиви последици.
ДО БАЛЧАК бил прикажан во Шведска, во рамките на „Balkan New Film Festival“, учествувал на фестивалот „Febiofest“ во Прага, а бил прикажан и во Минхен, во рамките на 10-тите Денови на Балканот.
Награди:
• Награда на публиката за најдобар филм на Balkan New Film Festival (Stockholm, Malmo, Sweden 2016)
• Најдобра женска улога – Инти Шрај(LIFFE, Serbia)
• Номиниран за Македонски Кандидат за Оскар
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари
ДО БАЛЧАК
(To the Tilt)
Игран филм, Македонија
2014, 165 мин, ДЦП
Режија: Столе Попов
Сценарио: Горан Стефановски, Столе Попов
Улоги: Инти Сирај, Мартин Јорданоски, Сашко Коцев