ЈУБИЛЕЈ НА МУЗИКАТА  – X ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ФЕСТИВАЛ ПОЛИХИМНИА 2025


Од 11.04 – 15.04. 2025 год. во Скопје по десетти пат се одржа Интернационалниот фестивал на класична музика Полихимниа 2025. Единствен од ваков вид во нашата земја и оригинален по својата содржина и оваа година фестивалот се обиде да ги обедини најдобрите музичари и уметници од регионот и пошироко. Во рамки на фестивалот се одржаа меѓународен натпревар за сите инструменти и камерна музика, семинари и концерти.

Фестивалот ја започна својата историја во 2016 година како Фестивал и натпревар по камерна музика и флејта за веќе од наредната година да прерасне во една голема манифестација која во натпреварувачкиот дел ги содржи сите музички дисциплини и инструменти.


Идејните творци на оваа манифестација – Николина Е.Тодоровска – проф. по флејта и камерна музика и Верица Шотаровска – проф. по пијано и камерна музика со секој изминат фестивал создаваа бренд кој стана препознатлив на овие простори и пошироко и кој стана синоним за вистинска уметност, знаење и професионалност. Овој фестивал ги надмина границите на балканските земји и во неговата реализација се вклучија еминентни имиња од многу европски земји ( Италија, Франција, Шпанија, Германија ,Турција, Велика Британија, Романија ) како и од САД.

Низ сите овие години се одржаа многу концерти и стручни предавања од областа на класичната музика и едукација, а учениците имаа можност преку семинари и мастер класови да работат со исклучителни педагози на својот инструмент.


Овој фестивал освен што го негува македонското творештво со награда за најдобро изведено дело од  македонски автор, годинава  додели и признание за најдобро изведена композиција од нашиот еминентен композитор Томислав Зографски, која традиционално ја доделува  Фондацијата Томислав Зографски и која оваа година ја доби виолинистката од Македонија Божана Гошева која воедно беше едногласно избрана и за Лауреат на натпреварот.

На гала концертот на најдобрите натпрварувачи што се одржа на 13.04.2025 год. Во Музејот на македонската борба, во атмосфера на многу емоции и бурни овации за изведувачите,  беа доделени следниве награди


Лауреат – Божана Гошева – виолина

Лауреат 2 – Јован Муратовиќ – виола

Лауреат 3 – Магдалена Комилоска – флејта и Ева Малиновска – виолончело

Најдобар млад изведувач – Дамјан Атанасов – пијано

Најдобра изведба на македонски дела

– Божана Гошева – виолина и награда од фондација Томислав Зографски за изедба на T. Zografski – Song for solo violin

– Мила Манчев – пијано за изведба на Ристо Аврамовски – Трета исповедна молитва

– Александра Каракачанова – флејта за изведба на  Александар Џамбазов – Хумореска

 

Годинава мастер клас одржа проф. Аленка Зупан – флејта од Копер, Р. Словенија, Марко Зупан – флејта од академијата во Сплит, Р.Хрватска и нашиот соло пејач Михаило Арсенски кој работи во Германија. Солистички концерти одржаа дуото Минка Поповиќ – пијано ( Австрија ) и Марко Зупан – флејта ( Хрватска / Словенија ) како и македонскиот уметник Бојан Петковски – гитара.

Уметноста а посебно музиката е најдобриот амбасадор на една земја а манифестации од ваков вид, кои ја носат европската уметност, музика и знаење на македонските подиуми треба да бидат подржани од државата и културата на една земја која сака да биде дел од европското па и светско музичко милје. Министерството за култура го препозна тоа и годинава го поддржа ова јубилејно издание.

Музиката како дел од културата и уметноста ги надминува политичките, етничките и граничните бариери. Таа ги прифаќа различните дострели на националните и етнички колективи и ги интегрира во еден континуиран и безвременски уметнички процес.
Полихимниа беше и овој пат нашата ” музичка Европа ” во Македонија.

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„Скриените фантазми“ – Ретроспективната изложба на Анета Светиева

И оваа година, Националната галерија продолжува со својата мисија и ви го најавува претставувањето на …