Националната установа Музеј Гевгелија ќе биде организатор на програмската изложба „Јубилеј по повод 120 години од раѓањето на Томо Владимирски,“ која е во соработка и организација со Национална галерија на Македонија а нејзиното отворање е денес, 11-ти декември, среда во 18:00 часот во Уметничка галерија АМАМ во Гевгелија.
Изложбата ја подготви кустос советник, д-р Ана Франговска, а воедно и нејзин комесар од Националната галерија на Македонија и истата ќе биде поставена во Уметничката галерија Амам Гевгелија, цел месец. На неа се поставени околу 30 дела во техниките масло на платно и на лесонит, а истите се во сопственост на фамилијата на Владимирски, но и голем број приватни сопственици и почитувачи на делото на Владимирски. На изложбата, покрај уметнички дела, ќе биде изложен и документарен материјал, кој ќе ни ја претстави и личноста и значењето на Владимирски, но и проекција на дела на Владимирски во аугментативна реалност, т.е. анимирани, со што на самиот проект ќе му биде дадена една мултимедијална димензија и разновидни сензации.