Наградата „Оливера Николова“ ќе ја ревитализира литературата за деца и млади. На 11 март, денот на раѓањето на мајката на сите македонски писателки – Оливера Николова, издавачката куќа „Арс Ламина“ ја востанови наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади.
На прес-конференцијата што вчера се одржа во „Литература.мк“, во „Дајмонд мол“ се обратија Бранка Бугариска (директорка на издаваштво во „Арс Ламина“) и членовите на жирито за наградата „Оливера Николова“ за 2025 година: Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетска професорка) и Јагода Михајловска-Георгиева (писателка).
Наградата „Оливера Николова“ ќе се доделува секоја година на 11 март, а првиот конкурс се отвора денес и трае до 11 јуни 2025 година. Право на учество на конкурсот имаат сите полнолетни лица кои ќе пратат необјавен ракопис – роман за деца и млади, напишан на македонски јазик и со кирилско писмо.
За наградата можат да конкурираат необјавени романи (ракописи) за деца и млади, во должина од 2 до 5 авторски табаци (од 32 до 80 страници), што ќе ги достават самите автори по електронска пошта на е-адресата konkurs@arslamina.com, како Word или PDF-документ со назнака: за конкурсот „Оливера Николова“.
Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 60.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“. Одлуката за првиот добитник на наградата „Оливера Николова“ ќе биде објавена во септември 2025 година. Наградата ќе биде доделена на посебен свечен настан во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“.