Првата книга,, Пресек’’ е автобиографија која беше врзана во розова панделка во месец октомври како повик да се промени свеста на општеството, а општеството се сите чинители во него. Нејзината тема беше горчливото искуство со канцерот на дојка на авторката Маја Трајковиќ, со мастектомија на десната града и нејзината промена што ја доживеала откако го поминала тоа искуство. Идејата беше книгата да остане писмено сведоштво во кое се опишуваат односите меѓу авторката и општеството во кое се наоѓа, колку тоа може да влијае и колку човекот може да се одбрани од неговите лоши влијанија и поради кои се случуваат и физичките болести како канцерот, но на кои им претходела болката на душата.
Оваа книга доживеа голем интерес кај публиката во Скопје и затоа се одржаа две промоции, додека третата промоција беше во планинарски дом ,,Папрадиште’’ во Велес. Едната промоција беше остварена во Културно Информативен Центар-КИЦ-Скопје благодарение на Емилија Михајлова од истата институција и промоторите: писателката Лилјана Пандева и актерот Благоја Чоревски, а втората промоција беше во Порта,,Македонија’’, благодарение на директорката: Даниела Николова од НУ Музеј на македонската борба за самостојност и директорката на Институтот за македонски јазик ,, Крсте Мисирков” д-р Елена Јованова- Грујовска како и на промоторите професор доктор Снежана Петрова-Џамбазова и професор по македонски јазик Душанка Трпевска. Исто така на почетокот од следната година најавени се промоции ширум државата низ сите градови во нивните центри за култура и јавни библиотеки каде ги очекува публика која сака да го прочита ова четиво.
Втората книга ,,Животопис, чија промоција беше реализирана во големата сала на општина Кисела и беше материјална поткрепена од одделението за култура при истата општина. Промоторка на книгата беше: професоркa по македонски јазик Душанка Трпевска и рецензентка: Марина Огненова.
Книгата претставува тринаесет раскази во кои се опишуваат различни теми во различни времиња. Опишаните ликови ги пишуваат своите животописи, затоа и книгата го носи насловот,, животопис” и ги обработуваат човечките подеми и падови на главните ликови, проткаени со архаизми кои се одлика на нашето богато пишано творештво.
Инспирацијата се чувствата и емоциите како: оттуѓеноста од себе, но и од другите луѓе околу нас како и себељубието. Поради ваквите емотивни состојби се користат магични и волшебни елементи во нивните животни приказни, за да се доближат едни до други. Идејата е дека магијата во животот е остварување на отворени и искрени односи, бидејќи доколку се обноват се обновува и човештвото кое умее да е затворено во традицијата или да е заглавено во технолошките достигања. Исто така за да се надминат стереотипите и предрасудите во векот во кој била родена авторката, таа ги дескрибира човечките заговори за војна како содржини со кои возрасните уништуваат генерации на деца да имаат несреќно детство, а токму детството е најсуштинскиот критериум за несреќата кога тие ќе бидат возрасни. Потребата да се напишат овие четива беше да се даде значение на величината ЧОВЕК, која ги носи промените во општеството, бидејќи ,, светот е преполн со верни послушници, а не со верници”, притоа не се размислува на вербата во Бога, туку на вербата во себе, во човечкото кое исчезнува.
Авторката е професорка по француски јазик и италијански јазик со книжевност, библиотекарка и магистер по менаџмент во образование. Нејзини други дела се: ,,Mрачен дом” и ,,Златна душа” како и објавени песни во меѓународни антологии.