Интервју со Владимир Поп Христов-Мио од Д.Н.О. – Целата уметност изгуби на значење со оваа лесна достапност на клик

Екран ја имаше честа и привилегијата да поразговара со Владимир Поп Христов-Мио, движечката сила зад еден од најдобрите македонски рок бендови Д.Н.О. Бендот чие име е синоним за креативност и музичка страст, познат по својот моќен звук и енергични настапи, Д.Н.О. со години е составен дел од рок сцената во Македонија. Од нивните рани почетоци до нивната еволуција во музичкиот свет, ќе навлеземе длабоко во нивното музичко патување, како и за она што доаѓа следно после објавувањето на нивниот нов албум „Вистински“. Уживајте!

Најпрво би сакале да се вратиме на самите почетоците на бендот. Како започна приказната на Д.Н.О., кога за прв пат заживеа идејата за формирање на бендот и што беше пресудно за неговото формирање?


  • Ееееее другарче мое тоа беа касните 90 ти, си седевме со другарите во собче кај мене, надвор беше топло и од досада јас почнав да им ги свирам песните кои сум ги направил, имавме и бубањ до нас, по некоја случајност и кога слушнав како звучи си реков ова е добро и ова треба да го правам. Првата проба на Д.Н.О (уште немаше име) беше со Мишко Парушев и со Тони Мичевич.
    Додека да се стокми поставата од првиот албум доста луѓе пројдоа низ бендот па дури и името се смени, прво бевме Д.О.О (друштво со ограничена одговорност) али ко шо бива кај бистри момчиња брзо свативме дека одговорноста не трпи граници.
    Инаку пресудно за формирање на бендот беше нашата љубов и сличен вкус за музиката која беше актуелна тоа време, учевме во исто средно музичко училиште па после и академија, се дружевме…..

За кратко време успеавте да се издигнете на сцената и да станете препознатливи кај публиката. Имаше ли некои пресвртни точки или клучни моменти кои ви помогнаа да се издигне Д.Н.О. во рамките на македонската рок сцена?


  • Секогаш има пресвртни точки.
    Тие дури имаат и име, Малколм Брн (музички продуцент), Александар Станковски (уметник) и Кире Галевски (фотограф), Ристо Гогов Арт Улица 26 и Зоран Чаневски монтажер и 3Д анимација.
    Малком инаку познат продуцент кој работел со многу светски музичари се згна да дојде од Америка да не снима, а после и микса и продуцира, Господ здравје да му даде, така го добивме албумот.
    Ацо Станковски сакаше да направи долгометражен СФ документарен филм за бендот кој пола би бил спотови, а пола дејствие, така да моравме да направиме 7 музички спота како би имале доволно материјал за филмот. Нормално спотовите ги пуштавме по телевизии, а еден дури беше и забранет (хахаха…Борба се вика песната и сега е на јутуб).
    Кире Галевски беше задолжен за фотографија и пишани медиуми.
    Ристо беше сопственик на таа продукцијска куќа и Зоран монтираше и правеше 3Д анимации на спотовите.
    Така да оваа екипица или ко шо викаш ти пресвртни точки не качија тамо кај што треба.

Фантастичниот деби албум „Тишина“ го издадовте во 2004 година. Од оваа гледна точка дали очекувавте ваков успех со вашиот првенец?


  • Никогаш не сме очекувале ништо посебно нити па очекуваме во иднина, замисли колку глупо кје се осеќаш да не добиеш она што си го очекувал.
    Ова го правиме само затоа што сакаме да го правиме, ни прави убаво на душичето, што значи правиш она за што си создаден од Бога (Големиот Продуцент), па кажи брат мој, има ли боље?…

Во меѓувреме издадовте уште неколку синглови, а имавте и неколку забележителни настапи во живо. Дали имаше некои моменти во текот на овие години кога можеби се прашувавте како бендот ќе продолжи понатаму?

  • Па не баш. Кога ќе си го најдеш местото во оваа димензија немаш недоумици дали нешто правиш како што треба или не, ти си само алатка во рацете на Големиот Продуцент кој ги реди работите онака како тој мисли дека треба, а ти треба да си спремен да одговориш на тоа пронто!…тоа е твојата поента во твојот живот, нема филозофија.

Како подемот на стриминг платформите и дигиталната технологија влијаеше врз Д.Н.О. како бенд?

  • Да бидам искрен….одвратно, целата уметност изгуби на значење со оваа лесна достапност на клик. Види вака, колку ги правиш работите по паметни околу себе толку ти стануваш по глуп….Балансот е природна појава, колку повеќе си олеснуваш толку по мрзлив стануваш итд. Дигиталните платформи се стапица во која сите паднавме, во моментов се создава вештачка интелегенција која учи од она што ние сме ставиле на интернет, нашето, знаење, чувства, моменти, музика, уметност, практичност, технологија и не копира, благо речено со наш камен по глава…нооо има еден главен проблем, што за нас е плус, не може да креира ништо свое, бидејќи лиценцата за креирање ја има Големиот Продуцент, драго мое пријателче.

Како се промени македонската музичка сцена во изминатите две децении и како таа промена влијаеше врз вас и вашата музика?

  • Па како и се останато, се распадна од притисокот на луѓето на кои местото не им беше таму, од продуцентски куќи до пеачи. Сите тие нагрнаа на и така кревката сцена надевајќи се на мед и млеко што сиротата попушти и се сруши. Сега ќе видиш по некој бенд тук и таму како шета низ прашината на урнатата сцена која е толку густа што бендовите се губат во маглата засекогаш….мислам дека доволно сликовито ти објаснив…и не, нашата сцена немаше никакво влијание на нашата музика, скраја да е.

Во моментов сте актуелни со новиот албум. Честитки за излегувањето на „Вистински“ ! Вредеше чекањето бидејќи македонската рок сцена е збогатена со уште едно ремек дело. Имаше ли некои одредени пречки, музички, лични …. кои довеоа до оваа пауза?

  • Секако брат мој, секако.
    И пречките имаат име, едната се вика Хана, и веќе е голема девојка, а другата Ниа, со нејзе тек ќе го јадам.
    Деца брате, деца, тоа е една работа низ која сите мора да пројдеме како забавата би продолжила.
    Трета пречка е тоа што јас сум контрол фрик кога се работи за мојата музика, сакам потполна контрола на се…и за тоа да го постигнам ми требаа троа појќе години, учев музичка продукција, си правев студио, барав луѓе…ја правев арката на која треба да ја донесеме новата сцена, новите бендови после потопот.
    Ја нареков СССР или СтудиоСпалнаСобаРекордингс…па ќе видиме дали некој сам ќе се пријави или Големиот Продуцент ќе треба за уши да ги донесе, во секој случај патувањето ќе биде исклучително интересно, тоа е она што со сигурност можам да го ветам.

„Вистински“, што е значењето зад насловот на албумот?

  • Па кога даваш име на нешто гледаш тоа да штрчи од околината како би било по лесно препознатливо. Она што сега во ова општество би штрчело е вистината. Нотинг ис реал пееше Ленон во стробери филдс, па така и јас како поминуваат годините сваќам дека тоа е чиста вистина. Луѓето се претворени во роботи кои непрестано бленат во своето магично огледалце и идат у шопинг, а овој албум е производ од милион мали потези и личности кои некако го нашле својот пат додека не се излејаа во целина која луѓето ја нарекуваат албум…и сите потези и личности кои учествуваа во неговото создавање се вистински, навистина вистински, нема измислени, така да името си дојде природно.

По што овој овој албум се раликува од „Тишина“, во поглед на звукот, текстовите… На прво слушање се препознава вашиот карактеристичен звук, моќните текстови и емотивната интерпретација, но се чини дека новиот албум и тоа како се разликува од неговиот претходник? Како еволуираше звукот на бендот и дали има некои посебни влијанија што го обликуваа новиот албум?

  • Ха, па се смени времето, луѓето, планетата, се, постои само една константа, а тоа е Бог (Големиот Продуцент). Ние како негови деца сме ја наследиле таа особина, нашиот звук и карактер е константен, но изразот варира, зависно од тоа на кое скалило стоиш. Ако си повисоко твојата слика е по широка, ако си ниско од дрвото шумата нема да ја видиш. Си игравме со стилови, како деца на игралиште, без да размислуваме на што ќе изгледаме кога ќе се вратиме дома. Друга промена се самите членови на бендот, секој е зачин за себе. Луѓето се нај битни во оваа димензија, а ни самите не се свесни каков потенцијал носат, секој од нас на оваа планета, тек ќе откриваме работи….многу возбудливо нели?

Албумот е автентичен и носи длабок емотивен набој. Дали може да се гледа на „Вистински“ како одраз на тоа каде сте сега во животот како музичари и како личности? Која е скриената порака на овој албум? Што сакате да почуствуваат слушателите кога го слушаат албумот?

  • Албумот носи вистина, приказна за љубов, страст, будење, соочување, размислување за она што следи, верба и смрт, благо речено цел животен циклус во пола часовно пакување. Секој што ќе го слуша, после слушање на албумот ќе се чувствува по убаво и по лесно, по полно, исто како кога ќе прочиташ некоја убава книга, едноставо убаво…еве пробај сам и кажи.

На какви се реакции наидовте во врска со новиот албум? Имаше ли реакации што ве изненадија?

  • Реакциите што дојдоа после издавањето беа прекрасни, нај повеќе ме изненади тоа што луѓе кои не ги познавам добро или лично напишаа прекрасни рецензии како за албумот така и за своите погледи на него, очигледно јако потковани за музика, искрени уживачи на истата, искрено не верував дека уште постојат такви, али на мое големо изненадување постоеле и внимателно слушале.

Изградивте голема и посветена база на обожаватели, како ја одржувате таа врска?

  • Јас сум само една голема антена која праќа и прима се што Големиот Продуцент ќе помисли и тоа е мојата единствена намена…кој сака да се фати на орото е добро дојден, кој не, не мора…се што правам е примање и праќање, тоа е се, не правам ништо со намера да удоволам некому или на неговиот вкус или пак да бидам во тек на она што е во моментот актуелно. Ништо од тоа не ме интересира, праќам она што примам.
????????

Што најмногу ве исполнува како музичар? Кои се некои од артистите на кои им се восхитувате? Каква музика слуша Мио во слободно време?

  • Уф…слушам се што ќе ми фати увце, немам омилени жанрови, дувни ветре развигорче сум во тој поглед, сум се фатил дека во последно време слушам црни бендови, црнци свират и пеат, Блек Пумас, Кавинуока, некако по вистински се, духовно не корумпирани, искрени, ама све брзо се расипува кога ќе го оставиш на отворено, краток рок на употреба, знаеш како е кога ќе те фати машината, затоа ние си направивме наша фабрика(студио) за нашата музика, да бидеме слободни во изразот, не зависни од никого, кратко кажано, колку сме, толку сме, наши сме.

Македонската алтернативна сцена доживеа своевидна преродба во последните години. Се појавија многу млади бендови. Какво е вашето мислење во врска со сцената и што треба да се направи во поглед на културата општо? Што недостасува? Можеби повеќе медиумски простор за промоција, фестивали, простор за настапи? Конечно, што би им порачале на младите, музичари во Македонија кои се обидуваат да ја следат својата страст за рок музиката и се обидуваат да се пробијат на рок сцената?

  • Младиве некако како да го почнуваат кругот па ама од почеток, што мене мора да ти признаам ми е чудно бидејќи јас го почнав од тамо кај што беше застанал кога бев млад, не се вратив на старт, ама што знам, можеби сега треба па од почеток. Ништо посебно не ме изненадило или фатило увце, све што слушам се обиди во обид и талкање во магла, ништо сериозно, од таа причина го направивме студиото. Младите кои ќе дојдат и снимаат со нас во нашето студио ќе тргнат од тамо кај што сме ние сега, тоа е целата поента на СССР, да идеме во длабокото, а не да се брчкаме во баричката, но се во свое време. Се ова го правиме во недостиг на културни центри каде младите ќе можат да се едуцираат и учат едни од други, да си бидат инспирација едни на други. Затоа ја изградивме арката на Ное или нашето студио во надеж дека ќе размножиме квалитет.

Што може да очекуваме од Д.Н.О. во наредниот период? Дали следуваат некои нови проекти? Дали можеби имате планови за турнеја и концертна промоција на „Вистински“?

  • Она што следува е секако промотивна концертна турнеја за новиот албум, не планираме, туку си работиме на случајот, нови песни па и нов албум…Д.Н.О е Н.Л.О не се врати по журка и заебанција, се вративме за да останеме…држете гаќите.

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Работилница за експериментални видео форми инспирирана од Меријам Тафакори

Во четврток на 27 март 2025 година, во 14:30 часот во КСП Центар-Јадро, ќе се …