Станка Бајлозова-Барламова е родена на 6.2.1993 година. Во декември 2015 година дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје при Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Во 2017 година ја објавила својата прва книга „Студентски портрет“. Во текот на 2019/2020 година има објавено неколку раскази во електронското списание „Репер“. Од декември 2018 година работи во Домот на културата „25 Мај“ во Валандово. Со неа поразговаравме за неколку прашања:
1. Од кога започнна вашиот интерес за читање и пишување?
Читањето отсекогаш сум го доживувала како еден вид бекство од секојдневието. Уште како мала сакав да читам. Доколку се навратам во најдалечните мигови од моето детство често знаевме со татко ми да се изолираме и да читаме заедно. Имавме домашна библиотека која броеше околу триста книги, па се случуваше татко ми да зеде една книга за него, мојата секако јас си ја одбирав и така во слободното време си седнувавме еден до друг и си уживавме во заедничкото друштво откривајќи нови светови. Многу ги сакав тие мигови. Понатаму ги обожавав делата што ги работевме во училиште. Уште во основно знаев дека читањето го развива умот на некој посебен и специфичен начин иако тоа не можев тогаш да го објаснам како од денешна перспектива. Обиди пак за пишување исто така имам уште од раните детски години иако тие обиди во малку посериозна форма почнаа да се развиваат низ текот на средношколските години. Тогаш ги направив првите обиди за пишување роман, но сепак се работи за пишувања кои што си останаа во ракопис бидејќи мојот прв објавен труд се појави дури по дипломирањето.
2. Потоа се запишавте и дипломиравте на Филолошкиот факултет во Скопје – што се случи веднаш после дипломирањето? Каква и каде беше насочена вашата желба за работа?
Дипломирав декмври, 2015 година и верувам дека никогаш нема да го заборавам тој ден. Работев на диломски труд од областа на современата македонска книжевност кај ментор проф. Д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Знам дека откако го завршив трудот инсистирав да бранам дипломска од затворен тип, но таа никако не ми дозволи. И ден денес ги помнам нејзините зборови: „Никаков кабинет, се гледаме в библиотека пред публика, среда ќе биде празник на Факултет.“ Така и се случи. Како студент кој штотуку дипломирал нормално излегов со многу емоции, замисли, безброј визии за понатаму, метафорички кажано и со желба да го променам светот, но надвор реалноста е многу поинаква. Во такви преломни мигови поради безброј икс причини паѓа ентузијазмот, па величината на сите ваши желби и визии за работа се намалува. Во 2018 година имав аплицирано за работа во странство, но излезе и огласот за работа во Домот на култура во Валандово, па така наместо да ги спакувам куферите одлучив сепак да останам дома.
3. Денес сте вработени во ЈОУ Дом на култура „25 Мај“ Валандово. Што за вас е главната мотивација за да бидете дел од еден ваков центар?
Прво морам да признаам дека е многу интересно да се работи во областа на културата бидејќи ваквата работа се разликува од останатите други. Работата во култура е работа на креативност. Тука имате простор да одберете каде најмногу се пронаоѓате и во тој дел да го дадете максимумот од себе. Мотивацијата која што ме води на моето работно место низ текот на годините е да создавам нови работи и да му оставам трајни вредности на градот во кој живеам, секако во склад со условите и можностите за работа. Секој човек и во поглед на приватниот и во поглед на професионалниот живот доживува и подеми и падови и затоа мотивацијата како водилка има вредности кои што постојано се менуваат. Никој во текот на животот не работи постојано со ист интензитет на мотивација и затоа понекогаш сме повеќе а понекогаш сме помалку продуктивни. По природа не сум човек кој што се откажува од своите цели бидејќи во секоја работа тргнувам со помислата дека се е возможно со трпение, дисциплина и трудољубие. Во животот не постојат невозможни цели. Секоја тврдина може да биде освоена доколку се искористат вистинските можности, вистинските начини и вистинските алатки. Колку помалку граници и бариери ќе си поставите толку повеќе можности ќе си отворите за успешност, а секој следен успех го зголемува степенот на мотивација и самодоверба и отвора нови врати за кои сигурно претходно не ви ни паднало на ум дека баш низ нив ќе поминете.
4. Добивте признание за постигнати резултати и афирмација на општината во областа на културата. Што за вас преттавува оваа награда?
Во различни етапи од животот различно ги доживувате наградите и признанијата што ги добивате. Некои работи кои што претходно низ текот на годините сум ги доживувала како големи успеси од денешна перспектива ми се гледаат мали дури и нивната вредност понекогаш ја ставам под знак прашалник, но на сето тоа гледам како кон еден нормален природен процес за созревање на умот низ кој што поминува секоја индивидуа. А ако во моментов треба конкретно да зборувам за признанието што го добив минатата година ќе кажам дека го доживувам како посебно драго и тоа признание за мене секогаш ќе има големи вредности токму поради изворот од каде потекнува. Тоа признание ми го додели општина Валандово, а бидејќи со љубов и ќе продолжам да работам за Валандово, таа награда секогаш ќе си има посебно место кај мене.
5. Кои проекти би ги издвоиле како најзначајни и кои настани имаат најмногу посетители?
По реализирањето, секој проект си носи посебни благодати. Не се сеќавам да сум влегла во некој проект само колку да се каже дека нешто работам. Работите за кои се зафаќам се трудам да ги сработам здраво, темелно и што е најважно со многу љубов и затоа би рекла дека се што работам си има своја посебна симболика и значење. Ако баш морам да издвојам нешто тогаш би издвоила работи кои директно го засегаат мојот професионален профил и би ја спомнала промоцијата на монографијата која што се случи во Фестивалската сала. Еве и после неполна година од настанот, кога влегувам во салата во која во овој период светлата се изгаснати, мене се уште ми е жива таа ноќ и се уште ги гледам лицата на луѓето кои беа присутни во публиката и се уште во целост ги помнам зборовите кои што се кажаа и се изговорија таа ноќ на сцената. Што се однесува до публиката и до посетеноста на настаните мислам дека како мало гратче добро се снаоѓаме во споредба со други поголеми градови во државата. Имаме настани на кои што публиката во задоволителна бројка спонтано си доаѓа, а имаме и такви настани за кои што посетеноста е претходно стратегиски изготвен процес. На ова второво гледам сосема нормално од перспектива дека културните навики во една средина се жива материја која што претпоставените треба да ја негуваат и да ја обликуваат. Иако признавам дека понекогаш процесот е тежок и макотрпен.
6. Кои се ваши следни проекти во центарот до крајот на оваа година и што имате во план за наредната година како најзначајна активност?
Подолг период работам врз нешто за кое ќе ми треба многу трпение и време за да го обликувам во полна форма, но како што спомнав и погоре нема откажување. Работам врз тоа да создадам поголем клуб на читатели кој што беспрекорно би можел да функционира низ текот на годините во иднина. Еве веќе околу две години во клубот членуваат десеттина луѓе и заедно со нив направивме неколку настани и многу литературни средби од кои можеа да се извлечат безброј полезни работи. Сепак она што моментално го викаме клуб на читатели во Домот на култура „25 Мај“ јас во иднина го гледам во една поголема и поинаква форма, но да оставиме времето да зборува за финалните резултати. Многу е тешко во областа на културата да создадете нешто големо и да го застанете на стабилни нозе бидејќи ваквите процеси се пред се многу бавни и ако сакате да стигнете до целта мора да имате многу трпение бидејќи можат да поминат и години. До крајот на годината исто така планирано е да се работи на подготовка на Детски литературен фестивал кој што за прв пат од 2025 година би требало да почне да се одржува во Валандово, но за повеќе информации околу ова би споделила кога ќе се случи денот на реализирање.
7. Што сакате најмногу да пишувате? Кој од нив има постигнато досега најголем успех?
Од денот кога го објавив моето прво дело, па се до денес правам експерименти со себе на професионален план. До сега имам објавено три книги и сите три се различни до степен да можат да се класифицираат во три различни дисциплини: Студентски портрет (есеи), Силуети (раскази), 50 години распеани валандовчани (монографија). Денешното себепронаоѓање ми вели дека најмногу ми лежи импресионистичката проза, без разлика дали во помала или во поголема форма. Го сакам раскажувањето приказни бидејќи тука имам слобода да експериментирам до бескрај мешајќи фикција и реалност, создавајќи ликови какви што сакам и играјќи си со нив во склад со моите моментални ставови, размислувања и расположенија. Во моите раскази нема да пронајдете буквални раскажувања и исповеди со кои што мнозинството би се сочувствувало, туку тоа се приказни каде што се меша фикцијата и реалноста до бесвест и приказни кои што преку елементарни работи го објаснуваат реалното функционирање на општеството и околината. Во текот на 2023 година експериментирав многу со кратката проза што конечно после долго време се чувствувам подготвено за роман. Што се однесува за тоа до кај сум со успесите ќе одговорам дека мојата лична перспектива е дека чекорам по вистинската патека, но непозната ми е далечината до целта. Особено бидејќи си поставив релативно високи критериуми за кои не знам колку физичко време ќе ми одземат од животот, па да можам да кажам дека ги исполнив. Секое од моите три објавени дела го доживеав како личен успех. Никогаш не ги споредувам своите успеси со туѓите бидејќи секој има различна дефиниција за успех и умеам да се радувам и на сопствените и на туѓите бидејќи сите во животот успеваме на различни начини. Успехот што си го посакувам за себе се уште ми е далечен, но и доколку се случи да не успеам да стигнам до финалето што си го поставив за цел, сепак ќе бидам среќна и исполнета до кое и скалило да стасам бидејќи знам дека на крајот најмногу ќе ме исполнува тоа што каква и цел да сум постигнала сум ја постигнала со личен труд и работа и со нешто што е многу важно, а се занемарува во денешно време, а тоа е: бирајќи ги средствата.
8. Што во моментов пишувате и кога имате во план да го објавите?
Во план ми е во текот на 2025 година да објавам нова книга. Во последните две години испишав многу раскази кои што најверојатно следната година ќе го видат своето печатено издание.
9. Вие сте автор на монографијата „50 години распеани валандовчани. Што точно опфаќа оваа монографија и што накратко би ни издвоиле за неа?
„50 години распеани валандовчани“ е книга која што останува трајна вредност за Валандово. Оваа книга јас не ја доживувам само како книга која што е посветена на музичкиот ансамбл туку ова е книга која што ќе остане да им припаѓа на градот и околината. На монографијата работев две години. Тоа беше еден многу убав период на заедничка работа и активности со луѓето што денеска членуваат во музичкиот ансамбл. Истражував многу, разговарав и им правев интервјуа на членовите во групата, буричкав по архиви и долапи кои можеби со години уште ќе беа затворени и недопрени… Оваа монографија е проектот што досега ми одзел најмногу време за работа во Домот на култура „25 Мај“, но сите потешкотии и напорни работи се забораваат кога ќе се крунисаат со крајот и кога ќе завршат успешно. Книгата е наменета за секој кој што ќе посака да прочепка низ валандовската музичка историја низ минатото и денес.
10. Расказите ги преведувате и на англиски јазик. Каков е интересот за читање на вашите дела во странство? Сметате ли дека има повеќе интерес за читање надвор отколку дома?
Расказите кои што на англиски јазик неодамна ги објавив низ неколку списанија надвор од Македонија најпрво беа наменети за домашната публика. Истите тие раскази најпрво беа одбиени од неколку домашни списанија и портали, па си реков ајде да пробам надвор од портите на домашните простори. Првично идејата и не звучеше многу уверливо бидејќи ако ве одбиле во околина каде конкуренцијата е многу помала зошто да сакате да се испробувате на полиња каде конкуренцијата е неспоредливо поголема. Истражував доста по интернет за местата каде што мислев да ги праќам текстовите и направив список од неколку списанија и портали каде што ми беше предизвик и каде што сакав да ги видам моите раскази објавени. Од неколкумина добив позитивни одговори, а особено ме израдуваа неколку повратни пораки од издавачи и уредници кои дел од потврдните одговори за објавување на расказите ги беа надополниле со пораките: It’s a touching story или The story is exeptionaly well written или It’s a great story… Ова ми беше на некој начин делумна мотивација за создавање следна приказна. Можеби двата мига кои што најмногу ме исполнија беа кога два мои раскази се најдоа објавени во две различни антологии во Индија. Се работи за антологиите The stich in space time и Flashes of nightmare. И двете книги можат да се најдат и во писмена и во електронска форма на англиски јазик. А за тоа во колкава мера се читани расказите надвор од дома, за сега не би можела да ви дадам конкретен одговор бидејќи се работи за податоци со кои што јас не оперирарм во моментов, туку ги имаат единствено издавачите.