Foolish Green се едни од најавтентичните и највозбудливите македонски бендови. Секогаш оригинални и доследни во тоа што го прават. Моментално се подготвуваат за нивниот следен настап на 1 ноември во МКЦ на фестивалот Андерфест. Им благодариме за одвоеното време и можноста да поразговараме на еден куп интересни теми, а вие уживајте во интервјуто подолу.
Малку бендови звучат, изгледаат и функционираат како вас. Која е тајната за оваа ваша уникатност?
- Сите сме космички битија, различни, но сепак слични, еден со друг, привилегирани да се родиме, да создаваме, да егзистираме на оваа планета, да функционираме и да го изучуваме нашето постоење преку разни духовни и физички активности, каде секој со својата мисија просперира и на свој начин ја открива својата уникатност. Некоја особена скриена тајна или апсолутна вистина, односно конкретен manual(how to), не би знаел дали постои. Едноставно го правиме тоа што ни е ќејф и гледаме да одржуваме постојан квалитет според критериумите што сме си ги поставиле преку нашето творештво и искуство.
Постоите повеќе од 14 години. Свирите и настапувате заедно подолг период. Зад вас ги имате издадено Sun is Gone, Escape и Soul Revival. Како сте задоволни од тоа како се движи вашата музичка кариера досега и кои се клучните точки (моменти) во досегашната работа на бендот?
- Од исходот сме генерално задоволни, имало турбуленции, многу ангажмани, малку паузи, промени на поставата итн. Сепак се занимаваме и со многу други активности па не секогаш се реализираат сите замислени желби. Исто така, сите членови од бендот работат и со многу други постави и проекти и малку е тешко сите да сме фокусирани на една цел. За мене лично клучна точка е создавањето на музиката, дружбата, креативноста на приказната, и сето тоа по природен пат да допре до публиката. Ние секогаш работиме по нешто, како што некој пишува билтен, гледа утакмица, прави погача итн.
Колку е тешко кај нас да се презентира авторска музика на публиката, дали недостасува простор за тоа или поголем општествен ангажман?
- Тешко е, и не е, зависи од моментум. Се што вреди некако наоѓа начин да стигне до правите слушатели. Нормално, во Македонија како што знаеме алтернативната и поп сцената, да не спомнувам и за џезот и класичната , отсекогаш биле кревки и ранливи и многу таленти во одреден момент во својата возраст се откажуваат од својата кариера бидејќи тешко се наоѓа начин да опстанат и финансиски да егзистираат како автори тука. Но сите сме инаети и го правиме тоа што нам ни треба, не затоа што мора.
Дали репертоарот и изведбата ги прилагодувате на просторот и публиката?
- Најчесто репертоарот го прилагодувам по интуиција во моментот, но не ретко и на самиот настан. Повеќе се фокусираме да ги прилагодиме аражманите на песните за во живо бидејќи скоро секогаш ги свириме малку по различно за да ни биде и по интересно.
Какви се искуствата од вашите настапи во странство?
- Многу пријатно изненадени, без разлика на бројот на публиката. Можеби звучи малку нескромно, но секој наш настап бил супер прифатен на секоја сцена, од сам старт додека те навикнат па се до точки на делириум и рокање, барем до сега. Се надевам така и ќе продолжиме.
Пеете на англиски јазик, дали така подобро се изразувате и ја пренесувате вашата порака до публиката?
- И тоа некако интуитивно се случи. Не по секоја цена за поголем успех или од комерцијален аспект, туку како естетски момент кој што ни влијаел во самата музика. Но не ја исклучувам можноста да испеам и на македонски или на друг јазик ако го познавам.
Која е најважната лекција која сте ја научиле во текот на изминатите години на создавање и творење?
- Се што правиш прави го со ќејф , упорност, истрајност, доследност и барај постојана мотивација и забава. И не сфаќај ништо пресериозно, бидејќи светот е една голема шега.
Имајќи предвид дека стиховите на вашите песни ги претставуваат вашите мислења, проживеани моменти и делови од животот, дали е ослободувачко чувство кога стиховите ќе ја добијат својата конечна верзија?
- Секогаш, тоа е еден вид мантра, молитва. И да, магично е чувството кога тоа ќе го привлече вниманието на слушателите, и ќе се соживеат со тоа.
Модерната технологија и интернетот донесоа голема промена во сите аспекти од животот. Сега се е достапно, но има и премногу од се. Што мислите, дали има повеќе добри или лоши страни кога музиката е во прашање?
- Во музичката популарна музичка сцена, македонска па и светската, имам чувство дека е малку изгубен критериумот на квалитетот, талентот, професионалноста, изведбата итн. Позитивно е тоа што студиската опрема е лесно достапна и младите имаат можеби поголем избор за креирање и снимање, но поради тоа и квантитетот си го прави своето. Веќе и некои од светски познатите продуценти го симплифицираат својот начин на работа, не користат вистински студија, прават музика на обичен iPad, laptop и сл. Но за жал и оддамна не е квалитетот репер за успех. Сега поп музиката е само дел од забавната (entertainment) индустрија, каде исполнува некоја потреба при манифестирањето на некоја реклама, хумор, забава, шоу бизнис, мода итн. Сепак, треба да има место за сите во музичкиот бизнис, и се надевам дека телентот и квалитетната содржина испливуваат секогаш на површината.
Што доведе до тоа уметниците и културата воопшто да се најдат во толку лоша ситуација. Колку тие самите придонесоа за тоа?
- Незнам, финансиски средства и поддршка од државните институции можеби. Идентитетот не е само знамето и името, треба повеќе стимулација на културното богатство.
Која е вашата порака за неетаблираните бендови кои се обидуваат да се пробијата на сцената и се соочени со изборот или да флертуваат со комерцијализмот или да останат „сами“?
- Учење на занаетот, повторување, пребарување и себе развивање. Дрско и силно кон секој пад или неуспех а ќе ги има доста. Така и лекциите се учат најдобро. Да намалат и да внимаваат со пороците бидејќи тие не ретко се поврзани со музичките жанрови и знаат често да ве одвлечат на темната страна, а од таму џедаите не се враќаат. Флертот со комерцијала е значаен но не и круцијален на почеток. Трпеливо само, Азното само ќе си дојде.
Дали ова ново време донесе и некој нов рокенрол? Се појави цела млада сцена и во извесна смисла сега сме дел од движење кое се надеваме дека само ќе расте и ќе напредува. Какво е вашето мислење за моменталната сцена?
- Нормално, биолошки тек на настаните. Се се врти , се кружи, се се менува. Панта Реи, Ву Веи, како сакаш наречи го. Не можеме да се споредуваме со светот и животот во него и предностите или пороците од минатото, а и немора. Битно е да го научиме и искористиме знаењето од плодовите кои тие мајстори ги посадија, и да одиме понатаму во нови предизвици. Рециклирање е се! Нема апсолутна оригиналност и тоа е супер. Само ни укажува на човечката социјална природа.
Кога би можеле да изберете концерт на кој би отишле утре, на чиј концерт би отишле?
- На Пол Мекартни, во први редови, додека уште се држи, а добро се држи стариот.
Дали мислите дека недостасува менаџмент на сценава, сериозна издавачка куќа и некој кој ќе се грижи околу изведувачите за да можат истите да се посветат на креативниот дел?
- Секако. И погоре спомнав. Секогаш недостасува поголема општествена одговорност кон културата и уметноста. Има многу креативни умови и огромен број на талентирани уметници во Македонија, само им треба алат, организација и финансии за да опстанат и да можат да променат нешто во подобрувањето на културата.
Самостојниот концерт во МКЦ во 2023 и настапот на фестивалот Звукот на Скопје, се последните ваши настапи пред скопската публика. Публиката со нетрпение ве очекува на 1 ноември на шестото издание на Андерфест. Што подготвувате и што може да очекува публиката која ќе дојде на вашиот настап?
-
- Рокање, убава музика, дуреви, молеви, енергија, синергија, гласни тапани, лумпување и терање ќејфои.
View this post on Instagram