Fiction е бенд од Скопје, формиран во 2016-та година. Почетната постава на бендот ја сочинуваат Петар Ѓуревски – вокал, Виктор Захариев-гитара и Филип Андонов – бас гитара, за подоцна да им се приклучи и Теодор Теодосиевски на тапани. Oд 2017-та година, со издавање на првата песна „После Дождот”, запливуваат во авторските води. Подоцна следуваат и „Некој Друг”, „Техно”, радиските хитови „Дали Знае”, “Сега или Никогаш”, како и најновите и сеуште актуелни „Брои до 3″ и „Допир”. Во Април 2018та, бендот ја добива наградата за најдобар гитарист на Рокфест 2018 врачена на Виктор Захариев, додека пак во Ноември истата година Fiction се прогласени за победници на Loser Fest 2018. Бендот настапува како opening act на Д-Фестивал 2019. Моментално го завршуваат својот долгоочекуван прв албум се подготвуваат за својот настап на шестото издание на Андерфест во МКЦ на 1 ноември.
Бендот е формиран во 2016 година. Како се запознавте и што беше пресудно да почнете да свирите и да креирате ваша авторска музика?
- Некои од нас се запознаа низ Скопските улици, на различни свирки и настани, други пак на школските клупи. Тоа што првично не спои беше музиката на Pearl Jam и Alice in Chains, два бенда со кои бевме опседнати во тоа време.
Колку музиката што се слушаше во вашето семејство додека растевте влијаеше на вашиот музички вкус и на одлуката да се занимавате со музика?
- Дефинитивно многу. Сите четворица доаѓаме од семејства каде што се давало голем акцент на музика и уметност во целина. И секако секогаш сме ја имале поддршката да работиме на нашите таленти и да ги усовршуваме.
Со извонредната „Допир“ влеговте во финалето на изборот за наградата „Милан Младеновиќ“. Што ова значи за вас?
- Пласирањето во финалето претставува огромна чест за нас. Особено мило ни е што “Допир” се најде и на компилацијата на финалисти, физичко издание кое е веќе достапно за секој што сака да го има.
„Булевар“ е вашиот нов сингл за кој снимивте и видео спот. Како сте задоволни од тоа како е прифатен вашиот нов синг?
- „Булевар” е најава за албумот кој што излегува оваа есен. Песната ни е премногу драга и заради тоа одлучивме да биде првиот сингл од албумот. Едвај чекаме да ја свириме во живо на Андерфест 2024.
Сè повеќе се зборува за вашиот нов албум. Дали е завршен? Дали е познат датумот кога албумот ќе биде издаден?
- Албумот е завршен, сеуште калкулираме со датуми меѓутоа можеме да кажеме дека ќе е за многу скоро.
Веќе долго време сте на сцената. Кое е вашето мислење за истата?
- Сцената е во константно движење и менување. Секојдневно се појавуваат нови артисти, нови идеи и едни со други се водиме напред и меѓусебно се мотивираме да бидеме подобри и поиновативни секој ден.
Што му недостасува на Скопје во поглед на бендовите кои творат и создаваат авторска музика? Повеќе фестивали, повеќе простор во медиумите….?
- На сцената во Скопје, покрај евидентните административни и бирократски нелогичности, и недостасува само единство.
Кај нас секогаш имало и ќе има квалитетни бендови. Според вас зошто многу малку бендови успеваат да излезат надвор од нашите граници, што е тоа што ги спречува?
- Можеби јазичната бариера е своевиден предизвик за пласман на македонската музика надвор од границите на Македонија, иако, мора да се напомене дека многу македонски бендови прават успешни турнеји низ Балканот па и низ Европа. Сепак мислиме дека и оваа јазична бариера полека ја снемува а со тоа ќе и се отворат и нови хоризонти на нашата музика.
Што е тоа што ве мотивира и ве одржува да продолжите да творите и да настапувате?
- На прво место дружбата додека создаваме музика, а секако и реакцијата на публиката на се што создаваме.
Што слушате во слободно време, кои се вашите омилени бендови?
- Слушаме се што е иновативно и креативно без разлика од жанрот и од ерата. Од кантри до хеви метал 😊
Ова ви е трет настап на Андерфест. Дали ова е еден од ретките фестивали каде може да се претстават бендовите со својата авторска музика?
- Веќе се чувствуваме како резиденти на Андерфес, и дефинитивно се радуваме и го чекаме 1ви Ноември, пред се затоа што ова е прв наш настап после подолг период работа во студио.
Следниот настап ви е токму на Андерфест. Дали публиката која ќе дојде да ве види и слушне во МКЦ на 1 ноември ќе може да слушне барем дел од новите песни или можеби можеме да очекуваме и концертна промоција на вашиот прв долгоочекуван албум?
- Дефинитивно публиката ќе ги слушне сите песни од новиот албум