Интервју со режисерот Гоце Цветановски: Ако се работи посветено и искрено, мислам дека убавите проекти на некој начин сами си доаѓаат

Гоце Цветановски е наш наградуван режисер и продуцент, студирал сценарио и режија во Париз. Тој е прв македонец кој е споменат во престижниот магазин „Rolling Stone“ како режисер на спотот на Faith No More, Cone of Shame, а работел и на многу други комерцијални проекти за клиенти како Ed Sheeran, Samsung и Alcatel. Познат е како режисер на анимираната серија за деца „Светот на Биби“ и творец на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“. Неговиот деби филм „Бизнисот на задоволството“ неодамна се се закити со нова, седма награда. На овие и на уште многу други интересни теми разговаравме со Гоце Цветановски а вие задолжително прочитајте го и уживајте во интервјуто со него.

Кога за прв пат кај вас се појави желбата и што ве поттикна да се занимавате со филмската уметност? Дали можеби некој од потесното семејство, или некој филм или режисер ве инспирирал и влијаел врз оваа ваша одлука?


  • Отсекогаш сум имал желба да раскажувам приказни. Растев во опкружување во кое духовитоста и хуморот беа секојдневие, и мислам дека тоа имаше пресудно значење за развивање на креатовноста и љубопитноста во мојот карактер. Кога бев дете, прво сакав да бидам супер-херој, после тоа полицаец, но веќе негде 6-7 годишна возраст се сеќавам дека некој ме праша што сакам да бидам, а јас без размислување реков „писател„. Конкретно за одлуката дека сакам да се занимавам со филмската уметност, главен виновник е филмската работилница Ед Вуд која во 90-тите ја водеше Ратка Илиева – Лале. Неколку пати присуствував на средби од работилницата, и кога го снимивме првиот аматерски филм, веќе бев сигурен дека сакам тоа да го работам цел живот. Лале беше посебна жена. Имаше многу директен начин на комуникација со сите нас, и секогаш беше спремна да помогне. Преку неа го откривме Барака, ремек-дело на документарната уметност, и многу други филмови кои инаку не би ги гледале ако не ни ги препорачаше таа. Во тој период, многу се дружев со Марко Петрушевски, кој ми ги отвори видиците кон европскиот филм, и кон тоа како се прави анализа на филмовите. Минувавме долги часови во гледање на филмови и потоа страствено дискутиравме за тоа како режисерот го решил овој или оној кадар, како малите гестови на актерите му го даваат она „екстра плус„ на ликот кој го глумат, како музиката делува на доживувањето на сцената и слично. Сега кога се потсетувам на тие времиња, морам да признаам дека ми недостига тоа слободно време што сме го имале за да гледаме толку филмови.

Студиравте сценарио и режија во Париз, Франција. Како и зошто ја одбравте оваа дестинација? По студиите останавте да живеете таму, а се вративте во Македонија во 2015 година. Преовлада чувството да направите нешто во својата земја или се вративте од сосема други причини?


  • Искрено, сонот ми беше да студирам во филмската академија во Лоџ, Њујорк или Лос Анџелес. Но цената на студирањето на овие академии беше недостижна за нашите фамилијарни финансиски услови. Во Франција пак, државните факултети се бесплатни, а француски учев и во основно и во средно. Имав и чичко кој живее во Париз па некако се склопија коцките да заминам таму. По завршувањето на студиите, често бев на дестинација меѓу Париз и Скопје, иако не очекував дека ќе се вратам за постојано. Ама животот, како што знаеме, е полн со изненадувања. Еден ден ми се јави мој бивш студент и ме праша дали би ме интересирало да се вратам во Македонија, дека негов пријател сака да инвестира во отворање на анимациско студио. Не ми се веруваше, бидејќи буквално тоа ми беше сон, а самата инвестиција беше сериозна цифра. Од денешна гледна точка би рекол дека инвеститорите беа визионери и дека отворањето на Линкс Студио е историски момент за анимациската индустрија во Македонија. Освен што го реализиравме првиот македонски долгометражен анимиран филм, обучивме и многу артисти во полето на 2Д анимацијата, и ја направивме најголемата копродукциска соработка за анимиран филм во регионот. За резултатите од нашата работа дополнително ќе се слуша, а годинава почнуваме со фестивалска и кино дистрибуција на Јон Вардар против Галаксијата.

Како функционира животот на еден режисер во Македонија? Колку често се добива шанса да се направи нешто добро или повеќе се нудат компромисни решенија, да се работат реклами или други проекти и како се снаоѓате со обезбедувањето на средства за реализација на вашите идеи?

  • Компромиси секогаш има. Ако се работи посветено и искрено, мислам дека убавите проекти на некој начин сам си доаѓаат. Во Македонија не сум бил често контактиран за проект, ако не сум го почнал јас самиот. Но ете, еднаш кога ме исконтактираа, се работеше за анимиран проект за мало девојче по име Биби. Денес Биби е еден од најголемите детски брендови на Балканот, и има интерес за прикажување и на други, подалечни територии. Во поглед на обезбедување на финансии, размислувам глобално и практично. Досегашните проекти имав среќа да бидат поддржани од Агенцијата за филм, а во случајот на Јон Вардар имавме поддршка и од Филмските фондови на Унгарија, Хрватска и Бугарија. Истоа така, веќе со години сум присутен на сите светски филмски и анимациски пазари, и успеав со годините да изградам мрежа на деловни партнери низ целиот свет. Ретко работам за домашни клиенти, и се‘ поретко прифаќам комерцијални ангажмани, бидејќи сакам комплетно да сум посветен на авторското творештво.


Од каде ја црпите вашата инспирација кога пишувате некое сценарио, и кој е најголемиот предизвик со кој сте се соочиле во досегашната кариера?

  • Порано инспирацијата ја црпев од соништата, како и од митологијата и народните обичаи и верувања. Како што времето поминуваше, се‘ повеќе мојата инспирација почна да доаѓа од реалноста. Светот е истовремено и прекрасно и ужасно место за живеење. Одлучив дека во ова кратко време кое ни е доделено да бидеме на Земјата, мене ми е важно да знам дека барем сум се обидел, во рамките на моите можности, да направам нешто околу опевањето на убавите работи, и покажување со прст на грдите. Најголем предизвик досега ми беше токму реализацијата на Јон Вардар против Галаксијата. Продукцијата се развлече, ковидот за малку ќе ја парализираше и оневозможеше финализацијата на филмот, но ете со упорност и добра мисла се‘ е можно. Сега се чувствувам освежен и спремен за уште поголеми проекти и предизвици.

Кој е најголемиот квалитет или талент што еден успешен режисер треба да го поседува, и колку технологијата влијае и го смени процесот на правење на еден филм?

  • Би рекол љубопитност и отворен ум. Секој режисер функционира поинаку, така што тешко е да се генерализира. Посебно во полето на уметноста каде што секогаш се работи со специфични карактери. Технологијата пак, ја сметам за сојузник. Таа е само алатка која не може да те направи подобар или попаметен, но може да го забрза, а богами и поефтини продукцискиот процес. Технологијата работи во корист и на поголемите и на помалите продукции: од една страна, специјалните ефекти се поефтини и побрзо се стигнува до неверојатни резултати. Од друга страна пак, денес може да се добие сосема солидна слика и видео со најновите мобилни телефони, или пак со финансиски достапни дигитални фото-камери и апарати, така што секој може да сработи филм со релативно малку средства.

Интересно е дека сте прв македонец кој е спомнат во престижниот магазин „Rolling Stone“ како режисер на спотот на Faith No More, Cone of Shame. Прекрасен спот. Како дојде до соработката со овој светки познат бенд и дали после тоа имавте понуди да режирате спотови и за други познати изведувачи?

  • Бил Гулд, басистот на Фејт но Мор е заљубеник во Балканот, и се запознавме случајно кога беше во Скопје на поминување. Ми раскажа дека има стан во Париз, па кога дојде таму се видовме повторно. После неколку средби, му понудив да ја работи музиката за мојот втор краток анимиран филм, Човекот кој не сакаше да умре. Му ја раскажав приказната, му се допадна, и си подадовме рака. Соработката на филмот беше одлична, и Бил компонираше феноменална музика. Оттогаш станавме пријатели и се гледавме секогаш кога ќе дојдеше во Париз. Во тој период Фејт но Мор не беа активни, но јас како голем фан на бендот, му спомнав дека многу би сакал да режирам спот за нив ако се оформат некогаш пак. Неколку години подоцна, издадоа нов албум, и многу сум среќен дека Бил се сети на мене и ме поддржа како режисер пред другите членови од бендот. Спотот го замисливме како балкански вестерн, и сите бевме многу задоволни од конечниот резултат. Не знам колку беше поврзано со тој спот, но неколку години подоцна со екипата од Јон Вардар соработувавме со 351 студио и имавме прилика да работиме на спот за Ед Ширан. Тоа беше многу возбудливо искуство. Музичките спотови се многу интересна форма на изразување, и секогаш се трудам да најдам оригинален концепт кој би го чувствувал како предизвик за реализација. Не сакам да дозволам да западнам во комфорт зона и да се повторувам.

Каква музика слушате? Кои се вашите омилени бендови?

  • Слушам се‘ и сешто, во зависност од моменталното расположение, со доминантна нишка на џез, рок и светска музика. Од домашните бендови сум фан на Фолтин и Архангел. Имам солидна музичка библиотека која се трудам редовно да ја обновувам со нови автори кои ги откривам на најразлични начини. Во последно време, би го издвоил творештвото на Климе Ковачески, македонски автор кој живее во Мајами и има многу специфична и разновидна музика, а неодамна ги открив и Мојра, чија песна Арома(н)тична ме плени со својата длабочина и необична хармонија. Како што забележувате, поборник сум за промоција на наши бендови и уметници, па тука би ги издвоил и Љубојна и Зарина Првасевда како заштитници и интерпретатори на традиционалната македонска музика.

Творец сте на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“. Зошто според вас помина толку време пред да се направи едно вакво дело?

  • Анимираниот филм е на некој начин покомплексен за изработка отколку играниот. Дури и на огромни компании како Дизни и Пиксар, продукцискиот циклус на анимирани филмови им трае три години, по една година за развој, продукција и постпродукција на филмот. Македонија реално нема голема традиција во ова поле – имаме неколку одлични студија за визуелни ефекти, но немаме искуство со анимација на карактери. Последниве десетина години има солиден напредок, но сеуште може да се каже дека едноставно нема доволно луѓе кои знаат да работат анимација. Кога ја почнавме продукцијата на Јон Вардар, голем дел од артистите доаѓаа од Факултетот за ликовни уметности, или едноставно имаа талент за цртање и желба да работат анимација. Сите заедно учевме како се работи, и мислам дека во процесот ги направивме сите можни грешки кои можеше да се направат, дури и измисливме нови начини за како да се згреши нешто. 🙂 Голем дел од екипата по пат се откажа или се префрли на други активности, но можам со сигурност да кажам дека сегашната конфигурација на студиото е на врвно светско ниво. Јон Вардар на некој начин беше нашата академска и дипломска работа.

Режисер сте на дел од епизодите од мега популарната анимирана серија за деца „Светот на Биби“. Колку се потребни вакви и слични проекти да има што повеќе се со цел да се посвети поголемо внимание на воспитувањето на децата?

  • Светот на Биби беше нешто што беше многу потребно, и тоа се виде веднаш по излегувањето на првата епизода за азбуката. Мило ми е и горд сум што сум дел од оваа екипа, бидејќи правиме нешто кое има позитивен социјален импакт. Се трудиме со Биби и нејзините другарчиња на забавен начин да ги учиме децата на трајни вредности, и да им помогнеме да се развијат во интелигентни, самостојни и функционални личности. Како општество мислам дека многу имаме регресирано во последните триесетина години, но се надевам дека наредните генерации ќе бидат поумни од нас.

Актуелни сте со вашиот деби филм „Бизнисот на задоволството“. Филмот влезе во селекција на многу фестивали ширум светот и доби голем број на награди. Како оди овој процес, дали некаде треба да се аплицира, или едноставно се добива покана од фестивалските селектори?

  • После затворената проекција на ланското Берлинале, добивме неколку покани за фестивали, но воглавно процесот се состои од аплицирање и чекање на резултати. Во изработката на буџетот на филмот, од незнаење го потценив овој дел, така што голем дел од мојот авторски хонорар отиде на апликации. Но не се каам, бидејќи ете има солидни резултати. За мене, филмот постои само ако е гледан, така што мило ми е што успеа да си го најде својот пат до публиката.

 

Како сте задоволни од тоа како помина филмот кај нас?

  • Засега имавме само проекција на ланското затворање на Синедејс. Реакциите беа екстремно позитивни, со што сум презадоволен. Еден од честите комплименти на луѓето беше дека филмот е модерен и урбан, и дека изгледот, поточно пристапот кон кадрирањето и фотографијата се на светско ниво. Исто така имаше одлични коментари за глумата и кастингот. Во моментов преговараме за дати за кино прикажувања, па ќе видиме како ќе реагира и пошироката публика.

Филмските фестивали се одлично место за запознавање и дружење со многу креативни луѓе од филмската индустрија. Дали успевате да одговорите на сите покани и да присуствувате на овие филмски фестивали, и какво е чуството кога ќе добиете награда за вашиот креативен труд?

  • На сите покани од фестивалите за жал не може да се одговори, бидејќи во тој случај ќе треба да не се приберам дома. Откако почна фестивалската кариера на Бизнисот на задоволството, има периоди во кои имаме по три фестивали месечно. Но се обидувам да одам и лично да го презентирам филмот колку што е можно повеќе. Еве во моментов сум во Италија на фестивалско гостување во Тоскана. Инаку за одличните резултати, секогаш ја кредитирам и екипата. Без нивната професионална и креативна посветеност, немаше да доживееме ваков успех, и затоа сум им бескрајно благодарен. Секоја награда е потврда дека сме сработиле добар и релевантен филм, но и охрабрување и поттик за понатаму.

Што да очекуваме од вас во блиска иднина? Дали работите на некои нови проекти?

  • Секако. Имам повеќе проекти отколку средства за да ги реализирам 🙂 Во моментов не смеам да откривам повеќе, но најавувам дека може да го очекувате неочекуваното.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ВО МАКЕДОНИЈА ПРИСТИГНУВА СИЛЕН ЛАДЕН АТМОСФЕРСКИ ФРОНТ ОД СЕВЕР И ОД СЕВЕРОЗАПАД: Во среда ќе не зафати силно невреме – Од четврток значително заладување, а на планините ќе има и снег

Метео прогноза на Славчо Попоски: Уживајте во вистинското летно време уште утре почитувани, максималните дневни …