Интервју со нашиот млад продуцент ГОКО: Моите амбиции се да го дигнам македонското знаме на главната сцена на Ултра Мајами, и да дигнам публика од илјадници луѓе во Madison Square Garden извикувајќи во еден глас ‘Ma-ке-до-ни-ја’!


Продолжуваме со промоцијата и разговор со нашите млади музички артисти. Денес ви го претставуваме нашиот млад продуцент ГОКО. Тој повеќе од 10 години продуцира музика, а можеби наскоро ќе го видиме и во улога на Диџеј. Има издадено 3 албуми до сега и има големи амбиции за освојување на локалната но и на светската сцена.

Како и кога реши да станеш диџеј и од кога почна да се занимаваш со продукција? Кои уметници или диџеи влијаеа врз твојот звук и музички стил?


  • За сега се бавам само со продукција, но во најскоро време ќе почнам и со DJ-ing. Од секогаш бев склон кон секакви жанрови музика, но желбата да тргнам во овој правец се роди кога прв пат ја слушнав Encoded од познатиот DJ Hardwell. Концептот на музиката, заедно со настапите на Hardwell беше новитет за мене, и посакав да го будам тоа чувсто во луѓето еден ден, па се надевам ќе стигнам на главната сцена на Ултра Мајами еден ден.

Од каде црпиш инспирација и како пристапуваш кон создавање на нова музика? Кој софтвер или алатки ги користиш кога правиш музика?


  • Како софтвер го користам FL Studio, кој се надоградува со без број додатни алатки. За вокали ја користам платформата Splice, на која што стотици артисти го продаават својот труд за речиси бесплатно. Инаку, креативниот процес не би знаел да кажам на што и што се должи. Обично почнувам да креирам песна и се случува да тргне во скроз друг правец, па заклучив дека доволно ми е да почнам со нешто, и потоа работите се редат сами. Не се ограничувам жанрски, но преферирам да сум во EDM сферата, од прилика. Имам многу омилени артисти кои сум сигурен дека имаат влијание на мојот развиток како продуцент, но еве пристрасно ќе кажам дека сум автентичен и целам кон тоа да сум колку е можно по оригинален.

Каков е твојот пристап кон диџеј сетовите во живо? Како се подготвуваш за настап и како ја одржуваш публиката ангажирана за време на твојот настап? Кој е твојот најдобар настап до сега и која била најдобрата реакција што си ја добил од публиката?

  • За сега немам настапи во живо, и од секогаш сум имал фикс-идеа прво да се усовршам како продуцент, па потоа да бидам диџеј. Денес, после 10 години продукција, можам да кажам дека ќе си дозволам да почнам јавно да пуштам музика, исклучително во електронски формат.


Кое е твоето мислење во врска со тоа како се развива електронската музичка сцена и општо диџеј културата кај нас? Кои се твоите амбиции и каде се гледаш на оваа сцена?

  • Јас по потекло сум од Богданци, па можам да кажам дека во нашиот крај има електронски настани толку пати колку што има полна месечина во годината. На електронската музика, од мое искуство, општо во Македонија се гледа како на нешто темно, не сватливо, и често се поврзува со разврат, иако тоа се сервира денес општо во музичката индустрија. До неодамна живеев во Скопје (и би живеел пак), каде што има симптоми и надеж за развиток на електронската сцена, почнувајќи од помали локални клубови кои имаат строго посветена подземна електронска култура, па се до поголеми настани како што е Skopje Calling, кои можат да бидат платформа за нашите артисти. Исто така Ohrid Calling е фестивал кој секоја година гради агенда полна со звучни имиња, и мој лично омилен фестивал во Македонија, можеби затоа што таму сум роден. Исто така сакам да основам музичка куќа, каде што ќе се наоѓаат, градат, и негуваат нови таленти од електронската музичка сфера, од целиот свет. Со други зборови, сигурен сум дека постои некое дете во Чиле, или Бразил еве да кажеме како стереотип за лоши услови, кое е огромен талент, и чија што музика можеби никогаш нема да ја слушнеме, затоа што не може да си дозволи повеќе од еден лаптоп, па би сакал да можам да пласирам такви таленти кон успешна кариера. Локално во Македонија, би сакал да настапувам по веќе наведените фестивали, и евентуално да одржам свој концерт.

Дали имаш аспирации да работиш на креативни проекти и надвор од нашите граници, на меѓународно ниво?

  • Моите амбиции се да го дигнам македонското знаме на главната сцена на Ултра Мајами, и да дигнам публика од илјадници луѓе во Madison Square Garden извикувајќи во еден глас ‘Ma-ке-до-ни-ја’! Инаку би сакал да се бавам со настапи редовно, патувајќи низ светот и дружејќи се со љубителите на мојот бренд и музика.

Како млад диџеј и продуцент, кои беа најголемите предизвици со кои си се соочил досега? Каков совет би им дал на диџеите кои сега почнуваат и се обидуваат да се пробијат на музичката сцена?

  • Јас почнав со продукција на мои 17 или 18 години, а како диџеј немам искуство, па затоа нема да делам памет. Мојот личен нај голем предизвик од секогаш биле одржување на финансиите и дисциплината да продуцирам и се надоградувам како уметник во исто време. Како непознат продуцент е многу тешко да се отвори пат и да се заработува, а камо ли пак да се живее од тоа. Верувам дека многу амбициозни почетници би се откажале, и се откажуваат во пресрет со тешки услови, особено од професионално бавење со музика. После повеќе од 10 години, јас и пристапувам на музиката со истата страст како во нај првите денови, па затоа од мое искуство до сега, колку и да е клише, можам да им кажам никој пат да не се откажат, никој пат!

Кога не создаваш музика, што е она надвор од музиката во кое уживаш и те релаксира и опушта?

  • Кога не создавам музика, имам многу скапоцен круг на другари со кои се дружиме по кафичи или online преку играње игри и ’’професионално дрдорење’’. Можам со сигурност да тврдам дека мојот круг на другари е по забавен од било кој ТВ серија или било кој формален настан. Инаку по природа сум релаксиран и интроверт, па затоа се предизвикувам со разни фитнес активности или учење било каква вештина. Сум гурман, и дебел во душа, па затоа трошам повеќе калории на фитнес тренинзи, за да можам да јадам по обемно. Инаку уживам во UFC борби, и секакви борбени спортови, ги гледам уште од мал.

Неодамна излезе твојот нов албум, колку време го работеше и како си задоволен од тоа како е прифатен албумот досега?

  • Албумот е релативно под радарот, сеуште. Периодот на промоција ќе трае со месеци, а можеби и години, заради тоа што се уште сум не докажан артист во очите на јавноста, па немам милионска публика која е не стрпливо во исчекување на моите нови изданија. Лично сум презадоволен од албумот, и имам верба дека ке си ги најде своите слушатели, покрај мене како нај верен слушател. На албумот работев со месеци, не сум сигурен колку точно, заради тоа што паралелно работев и на претходните два албума кои се исто така достапни и вреди да се чујат, а и на компилација ремикси на познати македонски модерни хитови. Целиот мој труд и работа е достапен на YouTube и Spotify како нај големи платформи, и речиси на сите останати големи платформи.

Што може да очекуваме во блиска иднина? Дали работиш на некои нови проекти?

  • Во блиска иднина може да очекуваме уште еден албум на кој што работам моментално, и се надевам многу синглови, и соработка со локални артисти, особено со Лара Иванова како моја локална симпатија од нашата естрада, и се надевам бескрајна активност, што би кажале ние во Богданци, ‘здравје и живот’. 😀

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Димиш одржа промоција на неговата нова песна и видео запис за „Срце и мозок“

Веќе одлично етаблираниот на македонската рок сцена Димиш одржа промоција во „Лабораториум“ за неговата најнова …