На само 17 години, Стефан Тренески го гради својот пат кон елитата на светскиот мотоспорт. Од виртуелни трки до вистински болиди, неговата посветеност, труд и огромна желба за успех веќе го носат кон врвот на европскиот автоспорт. Младиот автомобилист од Македонија ја запиша својата најголема победа досега, триумфирајќи на второто издание на Formula 4 CEZ Academy, кое се одржа на тркачката патека во Чешка. Овој шампионат, сертифициран од FIA, е прва официјална скала за младите возачи кон врвот – Формула 1. Оваа победа не само што е историски момент за македонскиот автомобилизам, туку е и потврда за потенцијалот што Стефан го поседува. Во ова интервју, разговараме со Стефан за неговите почетоци, за искуството во F4 Academy, за визијата и амбициите кои веќе го насочуваат кон највисоките нивоа на автомобилскиот спорт. Стефан ќе ни ја каже својата формула за успех, ќе ни открие како се подготвува за трките – и, најважно, зошто верува дека Формула 1 не е само сон, туку цел што може да се оствари.
Како започна твојата љубов кон мотоспортот и кога се појави желбата да станеш автомобилист?
- Мотоспортот го засакав уште од петгодишна возраст, бидејќи целиот мој живот беше опкружен со автомобили. Желбата да станам автомобилист ја почувствував уште како дете кога го гледав татко ми како поставува рекорди на македонските патеки. Уште тогаш знаев дека сакам да бидам дел од тој свет и да ја почувствувам таа брзина и тој адреналин.
Какви биле твоите почетоци во автомобилизмот? Во кои категории или дисциплини започна да се натпреваруваш?
- Започнав со натпреварите на симулатори на 13 години и по неколку години почнав да се занимавам професионално со таа дисциплина. Потоа преминав во европскиот Твинго Куп на 16 години и по кратко време успеав да победам на две врвни академии (Formula Star и Formula 4 Academy) кои ми овозможија да пристигнам до Формула 4.
Твојот татко беше успешен автомобилист. Какво е неговото влијание врз твојата досегашна кариера? Дали имаше некои посебни совети што ти ги пренел?
- Да, татко ми е мојата најголема поддршка и инспирација. Тој ме научи на дисциплина, посветеност и работа. Тој го пренесе целото негово знаење на мене и ми помогна да стигнам до успех во автоспортот. Неговиот совет секогаш беше да останам смирен и фокусиран, без разлика на условите на патеката.
Каква беше реакцијата на твоето семејство кога им кажа дека сакаш да станеш професионален автомобилист?
- Моето семејство потполно ми ја поддржува мојата кариера и јас сум многу благодарен на тоа. Секако, имаше и грижи, затоа што спортот сепак е многу ризичен, но тие знаеа дека јас имам огромна желба и сум спремен да ги надминам сите препреки кои стојат пред мене, па застанаа зад мене.
Колку важен беше моментот кога го освои првото место во Formula 4 CEZ Academy? Каков беше твојот пат до таа победа?
- Тој момент беше огромна награда за целата посветеност и труд. Морав да поминам низ интензивна физичка и ментална подготовка, и да се соочам со многу силна конкуренција. Победата беше емоционален врв, особено поради квалитетот на возачите од цела Европа.
Што ти беше најголем предизвик на ова натпреварување – техничкиот дел, физичката подготовка или психолошкиот притисок? Колку ти помогнаа симулаторските тренинзи?
- Најтешко беше да се справам со физичките подготовки. Иако јас се спремав цела зима, за жал се разболев една недела пред мојот натпревар, но знаев дека несмеам да се откажам и морам да победам. Симулаторските тренинзи многу ми помогнаа да бидам подготвен за самото возење на Формула 4 болидот, но и за да ја научам патеката „Мост”. Симулаторот беше клучна алатка за јас да стигнам до успех.
Академијата вклучуваше и ментална подготовка со психолози. Колку е важна психолошката стабилност во една трка?
- Менталната стабилност е пресудна. Една мала грешка под притисок може да значи крај на трката, но и повеќе од само тоа. Психолозите ми помогнаа да развијам техники за концентрација и смирување во критични моменти кои ќе ги користам оваа година во Твинго Купот но и наредна година во Формула 4.
Како изгледа твојата физичка подготовка и дневна рутина кога не си на патеката?
- Секојдневно тренирам кардио, сила и издржливост. Штом ќе завршам со училиште јас веднаш одам да вежбам, па потоа вкличувам и ментални вежби и симулаторски сесии. Храната и спиењето се исто така строго контролирани – се е насочено кон оптимален перформанс.
Дали имаш некој ритуал пред трка кој ти помага да останеш фокусиран? Како се подготвуваш за натпреварите?
- Слушам музика, правам вежби за дишење и пронувам да бидам смирен пред натпревар. Пред започнувањето на самиот натпревар, го бакнувам моето ланче-крст.
Веќе неколку години си дел од тимот Brabham Motorsport. Како симулациите придонесуваат за подобрување на твоето реално возење?
- Симулациите ми овозможуваат да го анализирам секој детал од моето возење – линијата, кочењето, брзините. Тие се огромна причина на мојот успех и ми овозможуваат да ја знам секоја патека и секој автомобил пред физички да влезам во него. Придонесуваат за прецизност и рутина за време на еден натпревар.
Колку се разликуваат симулациските трки од оние во реалноста и дали некогаш некоја виртуелна ситуација ти помогнала во вистински натпревар?
- Симулациите според мене се 90% идентични на возењето во реалност, единственото нешто што тие не го претставуваат е адреналинот и Г-силите. Овие две компоненти се клучни во автоспортот, но сепак, симулаторот е одличен тренинг кој мене ми помогна да покажам брзина во Твинго Купот, но и перфектно да управувам со Формула 4 болидот.
Што претставува за тебе стипендијата и учеството во CEZ Formula4 првенството во 2026 година?
- Тоа е огромна шанса за мојата кариера, но исто така и единствена шанса за Македонија да се претстави во Формула натпреварите. Стипендијата ми овозможува да се натпреварувам со најдобрите, да се изградам како возач и да направам чекор поблиску до Формула 1.
Што би им препорачал на младите кои сакаат да влезат во светот на мотоспортот, но мислат дека тоа е недостижно?
- Никогаш не се откажувајте. Бидете посветени и упорни и фокусирајте се на автомобилистичката дисциплина која вие сметате дека е најдобра за вашиот раст. Ако доволно верувате и работите, сѐ е возможно – и јас сум доказ за тоа. Било кој млад автомобилист на кој му треба помош или совет може да ме контактира на моите социјални мрежи и да добие брз одговор.
Како го гледаш развојот на твојата кариера во наредните години? Што се твоите цели за иднината? Кои се следните чекори и дали целта е Формула 1?
- Целта е јасна – Формула 1, но исто така и 24 часовните Ле Ман натпревари. Следните чекори се борбата за победа во Formula 4 ЦЕЗ и потоа премин во повисоки категории како Формула 3 и Формула 2. Верувам дека со труд и вистинска поддршка ќе стигнам до таму.