Луфтанза се бенд со експериментален и агресивен дух, тие се предводници на новиот бран музичари на македонската алтернативна сцена. Чест ни беше да поразговараме со нив, а вие задолжително прочитајте го интервјуто.
Како дојде идејата зад бендот, што ве водеше да се соберете и да оформите така енергичен и свеж бенд што ќе направи вистински бум во македонската современа музика и ќе ви донесе голем број обожаватели?
-Се дружевме некое време пред да се оформиме. Првичното нешто кое нè спои сите беше љубовта кон музика и потребата за искрена експресија. Тие нешта сѐ уште нè водат напред.
Како би се опишале меѓу себе во неколку зборови, кој член каков е и кон што придонесува?
-Лука и Мартин (тврдоглави) и Андреј (сталожен) се генерално креативната сила на бендот (за сега). Раде е аудио инженерот (и најчесто најодговорен), Виктор е скелетот на бендот (и најмалку трпи неправди) и Иво (зен во обид) е џокер во ракав кој постојано изненадува.
Од каде црпите инспирација? Која песна и албум ви биле досега најголем предизвик?
-Бидејќи сме шест луѓе, заедно црпиме инспирација од безброј извори, од еден куп жанрови на музика, до филмови, книги, серии, луѓе околу нас и сеопштата средина. Најголем предизвик досега ни предизвика нашето четврто издание “Давор” и песната од него, “Триеме”, поради нејзината должина и следствена исцрпувачка природа. Некои од инспирациите за тој албум ни беа: Slint, black midi, Black Country, New Road, Pink Floyd, Sonic Youth.
На што особено се сеќавате од почетоците на бендот, а што ве води сега кога имате поголемо искуство?
Се сеќаваме на тоа колку беше пусто, и одеднаш, голем пријателски натпревар! Првите шест бендови на Гола Планина, сите во различно време формирани, но делејќи го истиот период на пробивање, сите свиревме и притоа, некако незнаејќи (барем не целосно), создадовме нешто поголемо од сите нас. Една сцена која штотуку почнуваше да се обликува. Од тој период, нè води желбата за продоложување на борбата за добивање простор за некакво различно, побогато и поискрено изразување, а и воедно култура која не е изградена врз шунд, туку врз искрена љубов.
Ве опишуваат и како бенд со експериментален и агресивен дух. Дали би можеле вие самите да се вклопите во еден жанр и да се опишете како бенд што создава музика само од еден музички правец?
-Краток одговор: не. Подолг одговор: не, досадно е целата креативна сила да ја обложуваш на едно место.
Каква е нашата алтернативна сцена од ваше гледиште, со оглед на тоа што излегоа голем број бендови изминативе години кои ја помрднаа сцената од статус кво?
-Нашата нова алтернативна сцена штотуку бликнува. Сме имале бендови отсекогаш, но сега, ќе се осмелиме да речеме, за прв пат, има вистинска сплотеност меѓу бендовите и взаемен обид за создавање на подобри услови за искрено творење.
На која случка од вашите настапи, снимања особено се сеќавате и сакате да ја споделите со обожавателите?
-Има многу случки, но ќе издвоиме една: крајот на нашата прва свирка. Во тоа време (4-ти Јули 2021-ва) сѐ уште имаше Ковид мерки, па затоа слушателите можеа да присуствуваат исклучиво со седење. Сепак, тоа не ги спречи поголемиот дел од слушателите, кои стоеја на рабовите на малите сокачиња кои го допираа малото плато пред Ла Кања, да викаат од таму поставените огради. На последната песна (всушност бис) целата публика не издржа и стана. Оние кои беа на оградите се бутнаа внатре и се направи еден круг на прекрасни луѓе кои едвај чекаа да заиграат. Во тој момент сфативме дека луѓето се навистина желни за музика, онаа музика при која човек може навистина да ја даде на заем својата душа на музичарите, со доверба, и да ја добие назад со некоја нова свежина.
Каде ќе може да ве гледаме и слушаме летово, на што работите следно?
-Во моментов работиме на нов албум, а наскоро може да не гледате на 5-тото издание на Underfest (13.10), заедно со други уништувачи на уши како Peach Vice. Ве очекуваме.