Интервју со Јана Спирковска: Сите песни кои што ги имам објавено до сега ми се посебно драги и секоја означува некој период од мојот живот


Екран продолжува со серијата на интервјуа посветени на младите и талентирани изведувачи и уметници со цел да ги промовира и да ги претстави пред пошироката публика. Денес ви ја претставуваме Јана Спирковска, ѕвезда во подем во светот на македонската забавна музика. Со својот моќен глас, непобитен талент и уникатен стил, Јана го привлекува вниманието на публиката и на локално и на меѓународно ниво. Позната по своите емотивни изведби и искрени текстови, таа има потенцијал да стане една од најперспективните млади уметници во регионот. Имавме задоволство да поразговараме со Јана за нејзините почетоци, за нејзината досегашна кариера, за настапот на „Макфест“, и за нејзините идните планови. Уживајте во интервјуто подолу.

Секој уметник го има тој момент кога првпат ја открива својата страст за музиката. Кoj беше тој момент за тебе и кога за прв пат сфати дека музиката е твојата вистинска страст? Кој го забележа твојот талент за пеење?


  • Уште од основно училиште знаев дека имам желба за пеење и многу често пеев дома гледајќи најразлични артисти и си замислував дека еден ден ќе имам прилика да настапувам на некоја сцена како нив. Буквално секој ден го започнувам со слушање на музика и тоа музиката е едноставно нешто без коа не би можела да си го замислам животот.

Дали има некои артисти на кои им се восхитуваш или ти биле модел и влијаеле врз обликувањето на твојата музичка кариера?


  • Првата моја преработка беше на песна од Adele која што со сигурност била моја инспирација тогаш, а и до ден денес. Секако денес излегуваат многу нови артисти кои што се навистина квалитетни и од кој што може да се земе добар пример. Од македонската сцена моја инспирација биле Тоше Проески и Каролина Гочева.

Публиката те запозна во 2020 година кога излезе твојата прва песна насловена „За љубов“. Следуваа „Фантазии“, „Дел од себе“, „Се е возможно“ и „Контрола“. Во моментов си актуелна со твојата најнова песна „Своја или ничија“. Како си задоволна од тоа како е прифатена твојата музика и како се одвива твојата музичка кариера досега?


  • Сите песни кои што ги имам објавено до сега ми се посебно драги и секоја означува некој период од мојот живот. До сега сум навистина задоволна во кој правец се одвива мојата кариера и имам добиено повеќе коментари дека се приметило подобрување во мојата музика и во изведување на истата од мојот почеток до сега.

Дали има некои конкретни теми или пораки кои сакаш да ги пренесеш преку твојата музика? Што сакаш да чувствуваат слушателите кога ја слушаат твојата музика?

  • Многу често во мојата музика го истакнувам тоа дека сите треба да бидат свои, да веруваат во себе и во се она што го прават и секако да знаат дека се е возможно.

Учествуваше на фестивалот „Макфест“, каде се претстави со песната „Дел од себе“. Како си задоволна од тоа како помина твојот настап и како помина дружбата со колегите?

  • Тоа беше едно од моите најубави искуства во мојата досегашна кариера. Секако доколку сега би имала можност би променила некои работи во мојот настап, но во целост сум задоволна од тоа како поминав. Тоа беше мое прво искуство каде што пеев и играв истовремено и можам да кажам дека е навистина потешко да се искординира тоа. Но секако самите подготовки беа многу забавни и времето поминато таму како и запознавањето со нови луѓе од нашата естрада.

Имаш и свој бенд со кој настапуваш насекаде низ Македонија. Како дојде до тоа да се формира „Паблик бенд“?

  • Пред околу три години имавме формирано бенд кој што се викаше „Акустик Трио” и подоцна беше преименуван во „Паблик бенд“. Идејата дојде спонтано и преку понуда за настап. Нашиот прв настан беше во кафичот „Среќа Бар” во Скопје и од тогаш па до сега секој викенд настапуваме на различни места низ цела Македонија. Првите настапи ни беа исклучиво во акустична верзија, додека пак сега настапуваме во поголем состав кој брои 4ца членови.

Покрај музиката дали постои некоја друга кариера кој го буди твојот интерес? Кои се твои омилени активности или хобија надвор од музиката?

  • Моето омилено хоби покрај музиката без кое исто така не би можела да си го замислам мојот животот е теретаната.Веќе со години посетувам теретана и можам да кажам дека е мојот издувен вентил. Исто така сум на државниот економски факултет на смерот маркетинг и имам завршено курс за дигитален маркетинг. Маркетингот е дефинитивно нешто што ме интересира и секаков вид на работа каде што може да се внесе креативност и нови идеи. Исто така многу често следам трендови.

Кое е твоето мислење за моменталната поп сцена кај нас. Што треба да се направи, особено за младите артисти, да можат да ја промовираат својата музика и да бидат слушнати?

  • Мислам дека во последно време се гледа голема промена на нашата сцена кон подобро и многу ми е мило поради тоа. Последниов период особено после нашиот фестивал „Макфест” излегоа многу нови квалитетни проекти. Се надевам дека ќе се даде поголемо внимание на македонските артисти со исклучок на некои кои што редовно ја следат македонската сцена. Да ја објавуваат својата музика на што повеќе платформи, да бидат дел од најразлични фестивали.

Какава порака би сакла да им испратиш на твоите обожаватели, особено на помладата генерација која те гледа како пример?

  • Да го следат својот сон и никогаш да не се откажуваат. Да не влијаат некои негативни коментари врз нив и секогаш да се трудат и да го извлечат најдоброто од себе. Да вложуваат што повеќе во себе и на паметен начин да го користат своето време и својата енергија. Да ги сакаат своите најблиски и да поминуваат што повеќе време со нив.Да бидат оптимисти и секогаш да зрачат со позитивна енергија.

На што работиш во моментов и дали може да очекуваме некоја нова песна или некои проекти во блиска иднина? Дали е во план можеби и издавање на албум во новата година?

  • Да имам во план да работам на нова песна, но уште немам подетални информации за да ве известам. Со оглед на тоа што имам многу други обврски поврзани со факултет и свирки во поскоре време не можам да кажам дека би имала доволно време за да спремам албум, но за некоја нареда песна со сигурност.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Димиш одржа промоција на неговата нова песна и видео запис за „Срце и мозок“

Веќе одлично етаблираниот на македонската рок сцена Димиш одржа промоција во „Лабораториум“ за неговата најнова …