Филип Трајковиќ е актер со богата кариера, кој зад себе има повеќе од 30 улоги, како на театарската сцена така и на филмското платно. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје и својата професионална кариера ја започнал со улогата во „Ништо без Трифолио“. Од 2009 година е дел од Драмски театар – Скопје, каде продолжува да ги проширува своите актерски хоризонти. Тој е дел од претставата „Замисли нов свет“, инспирирана од размислувањата и творештвото на Горан Стефановски, која овој декември ќе ја има својата премиера на сцената во МНТ. Нешто повеќе за овој проект и за неговата пораката до широката јавност ќе ни каже токму Филип, во интервјуто кое следува.
- Филип, зад себе имате долгогодишна кариера и многу улоги во театарот но и на филм. Како гледате на оваа нова улога во претставата „Замисли нов свет“?
Како и на секоја нова улога. Секогаш ме обзема истата возбуда за откривање и создавање на нови светови, нови животи на луѓе со кои прв пат се среќавам. Тие ликови имаат свои потреби, свои ставови и гледишта на светот, свои проблеми, свои стравови… Тоа што ме возбудува е процесот во кој сите овие нови и непознати чувства ќе успеам да ги преточам во мои сопствени и на публиката ќе ѝ ги донесам најверодостојно и највистинито што можам и умеам. Успехот го доживувам кога публиката ќе поверува дека во тој момент на сцена го гледа токму тој човек што сум го креирал.
- Дел сте од проект кој поттикнува размислување за емпатијата и заедништвото во нашето општество. Што за вас лично значи да учествувате во претстава која отвора вакви теми, како дел од иницијативата #НаправиМесто?
Сметам дека баш театарот е местото кое треба да отвара теми за размислување. Место преку кое директно или индиректно ќе поставуваме прашања за тоа што е добро а што лошо, што е правилно а што не е. На сцената можеме отворено да критикуваме. Театарот е тој што ни помага отворено да видиме каде грешиме и да нѐ поттикне да бараме начини како да ги пребродиме лошите времиња и како да им се радуваме на убавите моменти. Место кое ќе ни ги покаже разликите и кое ќе ни помогне да им се радуваме на тие разлики. Место каде што разликите нѐ спојуваат, сплотуваат, наместо да нѐ разделуваат. Тие разликите се нашето богатство од кое треба креативно да црпиме. Ако сме сите исти и мислиме исто, никогаш нема да може да одиме напред.
- Како се чувствувате во соработката со младите колеги во овој проект, кој има за цел да создаде простор за општествени промени?
Секогаш е убаво да се работи со млади луѓе. Има еден ентузијазам кој сѐ уште не е извалкан од секојдневието. Младите колеги ни даваат сила и нѐ потсетуваат на енергијата која не толку одамна сме ја имале и ние малку повозрасните, ни ја враќаат вербата дека заедно можеме да го смениме светот на подобро.
- Каква улога мислите дека игра поддршката од Телеком во овозможувањето на вакви културни проекти?
Поддршката од вака големи фирми е од круцијално значење за уметноста. Таа помош ни дава шанса да успееме да стигнеме поблиску до остварување на нашата замисла и нашата цел. Сметам дека е многу потребно да има вакви мецени во уметноста кои ќе овозможат полесно и поуспешно да твориме.