Актер, режисер и од неодамна – директор на еден од најзначајните филмски фестивали во нашата земја – Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Димитрија Доксевски е име кое веќе две децении пулсира на македонската театарска и филмска сцена. Со вкоренета љубов кон актерството и страст за уметноста, Доксевски низ годините создал улоги што остануваат во меморијата на публиката, а неговиот глас и присуство на сцената се силно препознатливи. Во интервјуто што следува, тој нè води низ неговото лично патување од првите чекори во Македонскиот народен театар до денес, откривајќи ја длабоката поврзаност со својот занает, улогата на уметноста во општеството и предизвиците кои ги носи неговата нова функција.
Кога и како започна вашето патување во светот на актерството? Што ве инспирираше да се посветите на оваа уметност?
- Патот кон актерството не беше одлука, повеќе беше откривање, тоа можеби е нешто што не го одбираш, туку нешто што на некое мета ниво те одбира тебе. Во мене отсекогаш постоеше таа потреба за некаков израз, за креација, за нешто што ќе комуницира со други луѓе околу мене. Театарот и филмот ми се открија како еден магичен простор во кој вистината се искажува низ фикција. Таа допира и отвара простор за нејзино декодирање и разбирање на различни начини. Таа форма на креирање работи кои раѓаат или потикнуваат некаква возбуда, задоволство и те внесуваат во неочекуван интимен дијалог ме движела секогаш да истражувам и условно да се хранам со она што го работам. Инспирацијата да бидам дел од културата, од прекрасниот свет на филмот и театарот е многу одамна.
Во вашиот животен и актерски пат, кои личности ви биле најголема инспирација? Како тие влијаеле на вашиот развој како уметник?
- Она што го носиме од самото раѓање е потребата да откриваме нови работи, да истражуваме, да се пронаоѓаме и да мечтаеме за нешто што во тие моменти го немаме. Она што ќе ни предизвика некакво задоволство, возбуда и восхит сакаме да го негуваме и развиваме. Подоцна како растеме, добиваме информации за светот околу нас, за животот. Доаѓаат првите запознавања со природата, музиката, спортот, игрите, активностите, уметноста, и така натаму. Од таму многу често се “зачнуваат”, појавуваат првите афинитети кон работите кои сакаме или ќе сакаме да ги правиме понатаму во животот. Моите родители ми овозможија рано да ја откријам убавината на музиката, книгите и видео касетите. Веројатно тука е некаде одговорот на ова прашање.
Дипломиравте актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а потоа магистриравте режија. Како вашето образование и искуства како режисер влијаат на вас како актер? Како се преплетуваат вашите актерски и режисерски искуства во работата на претставите?
- Оваа година одбележувам точно 20 години од мојата прва професионална претстава “Безимениот” со премиера во МНТ во 2005та година, која ја работев кога бев 3та година на студии по актерска игра на факултетот за драмски уметности во Скопје. Го играв ликот на Орест по текстот Електра од Софокле во режија на Елени Боза од Грција. Мал куриозитет, сега после 20 години, во Драмски, во најновата продукција, во претставата “Ифигенија за ништо” во режија на Филип Петковски, го играм ликот на Агамемнон, таткото на Орест. Во овие дваесет години до денес имам многу премиери како актер и само една како режисер, тоа е претставата “Аудиенција” со која магистрирав на факултетот за драмски уметности во класата на проф. Слободан Унковски. Таа ми ја отвори можноста да го гледам театарот како целина, како “партитура”. Со оваа претстава на некој начин ја открив слободата на композиција во театарот, но и тежината на одговорноста на режисерот, на креатарот на целокупното уметничко дело, театарскатата претстава. Кога тие две перспективи во старт лесно се дешифрираат, хоризонтот е пoдготвен и многу полесно се гради она со кое режисерот, актерите и останатите автори вклучени во процесот се соочуваат. Односот помеѓу режисер и актер се гради со доверба и “ранливост”, ние не сме конкуренти, туку коавтори на илузијата која сакаме да ја пренесеме како реалност. Режијата ми подари нешто што во актерството е изградено од друга природа. Ми откри алатка за дешифрирање кодови на кои наидував претходно како актер. Кратко и едноставно би го опишал тоа како еден прекрасен кадар, тотал, погледот од птичја перспектива на се она што се случува на сцената.
Вашата кариера започна во Македонскиот народен театар, а потоа продолживте во Кумановскиот и Драмскиот театар во Скопје. Како го опишувате процесот на адаптирање и развој на вашата актерска игра во различни театарски средини? Колку е важен тимскиот дух во театарскиот свет и како го градите односот со режисерите, колегите и други членови на тимот?
- Секој театар е еден жив организам, со свој пулс, свој мирис, своја енергија. Промена од МНТ во Кумановскиот и Драмскиот театар не беше бегство, туку патување. Патување до театарот во кој се вљубив како дете и подоцна како средношколец додека по многу пати ги гледав претставите на репертоарот на Драмски театар сонував да играм токму на таа сцена.
Тимскиот дух би рекол е душата на секоја претстава. Долги години работев хонорарно во овие театари, плус во “Градскиот театар” кој за жал веќе не постои. Во периодот на овие ангажмани пред да се вработам, бев дел од претстави кои беа на редовен репертоар паралелно во МНТ и во Драмски. Таа жар да се докажуваш, потребата да креираш нови работи, различните искуства кои ти помагаат да созреваш, можеби побрзо од тоа што би го имал доколку почнуваш на една сцена, за мене беа есенцијални, играњето на различни сцени во тие мои помлади години со различни ансамбли и голем број различни македонски и интернационални режисери се покажа исклучително важни.
Во текот на вашата кариера сте работеле на различни театарски сцени низ Македонија. Кое е најнезаборавното театарско искуство за вас? Има ли некоја улога во која најмногу сте се пронашле? Дали има некоја улога која ве променила како човек, а не само како актер?
- Секој лик, улога остава некаков отпечаток. Ликовите се живи додека ги играме или се сеќаваме на нив. Ако се “живи”, секако ги прават тие “отпечатоци”. Во голема мера тие ликови се присутни, живи, поради публиката која ги коментира или се присетува на некои од нив, кои во минатото сме ги одиграле. Тоа веројатно прави некакви промени. Во најмала рака, промена во моето расположение додека некој споделува комплименти. Ако зборуваме за “активните” улоги денес, оние кои може публиката да ги гледа на редовен репертоар, секако тоа е улогата на “Тој” во претставата “Диши” во Драмскиот театар во Скопје. Таа претстава, тој лик ми покажа колку болката, љубовта, траги комиката и мислата можат да бидат извор на некаква сила која допира до сите. Додека ја играме “Диши”, секогаш публиката е силно концентрирана и го прати секој миг со голема возбуда и интерес. “Диши” се игра камерно на голема сцена, публиката е со нас на големата сцена и е оддалечена 2 до 3 метри од нас и тоа само допринесува повеќе да се интимизираме во прекрасната магија на театарот. Тоа исклучително следење на претставата, тој мир во публиката, тоа молчење можеби е најголемата награда што можам да ја добијам како актер. Како метафора би рекол дека тоа можеби е “најгласниот аплауз”.
Како се чувствувате кога треба да излезете од својата зона на комфорт за да одиграте нешто што е сосема различно од вашиот карактер?
- Се чувствувам жив, пред голем предизвик и мотивиран. Зоната на комфор е огромна стапица. Највозбудливите улоги може да бидат оние што на прво читање делуваат како да не може да им се најде клучот. Или некои за кои сметаш дека нема доволно материјал да се направи нешто убаво и големо. Кога ќе влезеш во лик што е сосема различен од тебе, откриваш делови од себе што не си ни знаел дека постојат. Тоа е предизвикот и убавината на актерството.
Што сметате дека е најважно да поседува еден актер за да успее на сцената? Која е вашата филозофија зад актерскиот занает? Што значи за вас да се биде актер во денешно време и каков е вашиот поглед за иднината на оваа професија во Македонија?
- Не ги знам одговорите на вакви тешки прашања. Сум се обидувал и претходно да најдам адекватни одговори на слични прашања. Уште трагам. Ако треба да кажам нешто за да не пропадне прашањево, тоа би било веројатно сензибилитет, некаков вид на дисциплина, се разбира не војничка, повеќе професионална, да се следи процес и да се истера до крај, љубопитност и детски жар да се забавуваш со тоа што го правиш. И малку да е умен актерот. Да поседува авантуристички дух, кој ќе комуницира со денешнината, да може во исто време да го дешифрира и минатото и да има некој “сенс” за тоа што доаѓа пред нас. Да се забавува и да се впушта во разни предизвици. Еве, јас за себе би рекол, дека сакам да се забавувам. Колку што можам да прекршувам бариери и се обидувам да си играм и тоа да ме смее и радува. Ама да се биде актер денес, во ера на брзи импресии тешко е да се следи или дискутира за ова што го кажувам претходно. Сведоци сме на доста различно претставување и презентирање на денешниот актер, ја нема моралната и етичка одговорноста во поглед на неговиот изборот и реализација на различни проекти со сомнителни содржини и продукции. Од тука многу е деликатно што значи денес успешен актер кај нас.
Од неодамна сте назначен за директор на ИФФК „Браќа Манаки“. Што претставува ова за вас и какво е чувството да се биде на чело на еден од најзначајните филмски фестивали во регионот? Која е вашата визија за иднината на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и какви идеи и новитети сакате да имплементирате?
- Да се организира, менаџира фестивал каков што е „Браќа Манаки“ е голема чест, огромно задоволство, но уште поголема одговорност. Тоа не е само фестивал, туку бренд кој е културен бисер на Македонија. Прв и најстар фестивал што ја слави филмската камера. Фестивал кој е на светската мапа, ценет и уважуван од целиот филмски свет. Пред неколку дена бев избран за нов директор на фестивалот, во периодот што измина се направија првите подготовки и сега продолжуваме понатаму со исклучително темпо во однос на припремите за претстојното издание кое е закажано за септември во Битола.
Како ја гледате улогата на актерот во современото општество? Сметате ли дека сите културни работници вклучувајќи ги и актерите имаат одговорност во контексти како социјални прашања, култура и слично?
- Актерот од секогаш, така и денес не е само артист, тој е сведок, чинител во модерното општество, креатор на некакви случувања, коректор на многу перцепции, понекогаш и активист. Ние во одредена мера сме гласот на многумина што немаат начин како да го артикулираат нивниот во јавност. Да, верувам дека имаме одговорност во општествените текови. Не смееме да сме неутрални на неправди, на лоши политики, не може да бидеме. Нашиот повик е низ уметноста да алармираме и да ги претставуваме општествата какви што се или какви што сакаме односно сметаме дека треба да бидат. Кога сцената молчи за важните прашања, таа престанува да биде сцена.
Дали има некакви значајни промени или нови трендови што ги забележувате? Кои се најголеми предизвици со кои оваа сцена се соочува? Какви промени треба да се направат за да се привлече помладата публика?
- Се разбира би бил посреќен кога работите би функционирале подобро во повеќе сегменти. Се што добро функционира до сега треба да се систематизира, да продолжи во рамки на систем, а она што прави проблем да се наоѓаат солуции, да се користат други успешни методи на работење од други земји и на тој начин да се подобруваат условите кај нас.
Но на крај сакам да истакнам дека во нашиот филмски свет, покрај сите премрежја, покрај сите проблеми со кои се соочувавме и соочуваме, се радувам на бранот успеси на македонскиот филм. Нашите филмови кои ја промовираат македонската култура и држава на престижни фестивали, предизвикуваат големо внимание кај домашната публика, со тоа и поголема посетеност во кино салите.