Интердисциплинарен настан „Низ патеките на (не)разумното“ по повод 300 години од раѓањето на Имануел Кант

Во партнерство со Гете институт – Скопје, Контрапункт му го посветува 26 октомври (сабота) на Имануел Кант, еден од најзначајните германски филозофи, по повод триста годишнината од неговото раѓање. Перформативното критичко исчитување на клучните императиви на Кант за етичкото и убавото, ќе бидат артикулирани во јавниот простор социо-културно, естетски и политички обележан со интервенцијата наречена СК2014, преку низ градската прошетка чија авторка е Ивана Драгшиќ. ,,По патеките на (не)разумното” е нова итерпретација на прошетката низ центарот на градот, позната како ,,Скопје 2014” кич тура. Чекорејќи низ грдата замисла за градот на само еден човек, спојуваме наративи и осознаваме како ,,Скопје 2014” всушност е можно.

На одредни точки од прошетката ќе имаме ексклузивна можност да ja слушнеме и музичката интерпретација на оваа тема преку визјата на Алембик (Ива Дамјановски и Виктор Танасковски), како и размислувањата на двајца реномирани германски филозофи Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг).


Ве покануваме да се пријавите на следниот линк (https://forms.gle/AosHSj7NEc4T8UiW8) за прошетката низ која ќе се разоткријат аспектите и патеките на (не)разумното преку социолошката и социо-културната анализа на СК2014 адаптирана и интерпретирана од Ивана Драгшиќ. Прошетката ќе започне точно во 15:30 часот, пред Музејот на македонската борба за независнот и ќе трае до 17:30 часот.

Вториот дел од нашето контекстуализирано критичко дијалогизирање со Имануел Кант ќе започне со панел дискусијата која ќе се одржи во КСП Центар – Јадро, со почеток во 18:30 часот. Со возбуда и радост ги најавуваме нашите панелисти: Јирко Краус (Лајпциг), Рајнер Тоцке (Лајпциг) и Јасмина Поповска (Скопје). Модератор е Артан Садику, а воведничарка е Тијана Ана Спасовска.


Како завршница на настанот ќе можете да присуствувате низ неформален разговор на настапот на нашиот исклучителн музичар Јордан Костов.

Кантовата естетика, особено концептите за убавина и возвишено, може да се применат на новите знаменитости воведени од Скопје 2014, и воопшто, на клучните прашања кои креираат еден јавен, критички, и општествен простор.


Фундаменталната идеја на Кантовата „критичката филозофија“ е човечката автономија како предуслов за функционалната заедница.

Интердисциплинарниот настан „Низ патеките на (не)разумното“ има за цел да го испита односот помеѓу етиката и естетиката преку Кантовата перспектива, адресирајќи ги современите предизвици со кои се соочуваме во Европа, Балканот и поконкретно Северна Македонија. Токму затоа, во фокусот ќе ги имаме „етиката на единството“, која го нагласува управувањето со различностите додека промовира почит, автономија и заеднички просперитет и “естетика на хармонијата“, која истражува како концептите за убавото и возвишеното можат да поттикнат заедништво во регион кој се карактеризира со културен диверзитет.

Со интегрирање на Кантовите императиви, кои ја нагласуваат слободата на самоопределување и улогата на разумот во етичките размислувања, имаме цел да ја нагласиме неопходноста од почитување на различностите и етичкиот третман на поединците во заедницата, додека се осврнуваме на комплексноста на урбаното планирање и културната политика.

Се надеваме дека интердисциплинарниот и перформативен критички контекстуализиран настан „Низ патеките на (не)разумното“ ќе послужи како платформа која ќе се застапува за враќање и ревитализација на јавните простори на начин кој го почитува индивидуалното достоинство и промовира заедничка цел. Придружете ни се за збогатена размена која поттикнува активно вклучување во заедничката одговорност за негување на нашите колективни средини.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

5 типови на фотографии кои не треба да ги објавувате на социјалните мрежи

Дали размислувате секој пат пред да објавите нешто на социјалните мрежи? Често објавуваме фотографии, без …