Ве покануваме на отворање на концептуалното дело „ХАОС“ во авторство на мултимедијалниот уметник Методи Ангелов – Мето, во просториите на КСП Центар Јадро – Скопје, на 9 ноември 2024 г. (сабота), со почеток во 19:00 часот.
Методи Ангелов – Мето (р. 1977) е истакнат мултимедијален уметник со над две декади искуство, познат по своите иновативни уметнички проекти, интервенции и процеси кои ја истражуваат врската помеѓу уметноста и технологијата. Со повеќе од 20 самостојни и 20 групни изложби, неговото творештво опфаќа концептуални и интерактивни дела кои ги одразуваат актуелните глобални теми и релации во современата уметност. Покрај формалното образование во сликарството и трансмедиумски практики, Ангелов постојано го надградува своето знаење и со својот авангарден пристап ги поместува границите на возможното во уметноста. Неговите дела се резултат на кумулативен процес на идеи кои се справуваат со предизвиците во современата уметност и се сведоштво за неговото посветено истражување на нови облици на визуелно изразување. Значајна карактеристика на неговата работа е способноста да ја ангажира публиката во интеракција со уметничкото дело, одговорно ангажирајќи ја и воведувајќи ја публиката да биде дел од уметничкиот процес и создавањето на повеќедимензионално искуство кое комбинира различни техники и стилови. Со комбинација на различни техники и стилови, Ангелов создава динамични и повеќедимензионални уметнички искуства, кои поврзуваат и интегрираат различни елементи во една целина.
„Концептуалното дело „ХАОС“ работи со идејата и искуството за хаосот како универзално и лично живеено противречно. Мултимедијалното разбирање на хаосот не цели кон наоѓање решенија за негово надминување. Напротив, постојаното движење, судирање, повторување и преклопување на звуци, симболи и знаци предизвикува сомнеж кај гледачите во вредноста на заокружените, „финални“ нешта; како што се победата, поседувањето, поврзувањето и револуцијата. Во оваа просторно и аудиовизуелно ограничена претстава на хаосот, достигнувањето на едната и единствена цел е повеќекратно суспендирано, потсетувајќи нè дека од хаосот не можеме да избегаме и да се ослободиме. Чувствуваме дека тоа не е нешто што можеме да го надминеме, ниту целосно да го затвориме.
Делото како настан низ кој минуваме, нè поттикнува на рефлексија за мерилата на сопствениот и колективниот напредок. Ќе излеземе ли некогаш од повторуваните дефиниции на успехот? – се прашуваме. Што сè се бара од нас за да демонстрираме некакво унапредување или придвижување, стагнација и уназадување? Симулациите на хаосот почнуваат да делуваат како преслики на нашите рутини и емоционални состојби, за кои мислиме дека се привремени и сакаме да ги надминеме или подобриме. Хаосот наеднаш ни изгледа дека има динамична потенција; тоа е невидлива енергија која зазема различни облици и продолжува да се реализира дури и кога е во вакуум. Не можеме да го избегнеме хаосот, врзан и неврзан за нашето живеење, апсолутно присутен во секоја нашата интеракција, грижа за другиот, и – разбирање.
Хаосот во оваа смисла, тука и сега не е приказ на нарушеност на можностите, туку на посакувана непредвидливост и случајност, и суштинска состојба за излез од нормите, за креативност и промена. Низ овој проект, хаосот престанува да биде нешто што треба да се надмине, и станува сила што вреди да се прифати и разбере.“ – Мања Величковска.