Во Кинотека на Македонија, вечерва, со почеток во 20:00 часот, во рамките на премиерните проекции за месец март, ќе биде прикажан американскиот игран филм „Гладијатор 2“. Продолжението на славната сага, кое повторно ќе ве врати во светот на римските арени и борбите за моќ.
Дејството се одвива две децении по настаните од првиот филм. Луциј (Пол Мескал), синот на Луцила, кој беше сведок на херојската жртва на Максимус, сега е млад човек кој се соочува со политичките интриги и корупцијата во Рим. Кога новиот император ја зацврстува својата тиранија, Луциј е принуден да влезе во арената како гладијатор, следејќи ги чекорите на Максимус. Со поддршка од римскиот генерал Акациус (Педро Паскал), тој се бори не само за својот живот, туку и за иднината на Рим. Неговата мисија е да го врати достоинството на империјата и да ја ослободи од тиранијата, соочувајќи се со сопствените демони и наследството на Максимус.
По 24 години, Ридли Скот се враќа со продолжението на епската сага Гладијатор. Филмот ја задржува грандиозноста на оригиналот, комбинирајќи моќни акциони сцени со длабока емоционална приказна. Пол Мескал во улогата на Луциј, син на Луцила, внесува свежина и интензитет, додека Педро Паскал како римскиот генерал Акациус додава дополнителна димензија на конфликтот. Филмот успешно балансира помеѓу спектаклот и интимната драма, правејќи го достоен наследник на оригиналот.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари
„ГЛАДИЈАТОР 2“
(Gladiator 2)
Игран филм, САД
2024, 148 мин., колор, ДЦП
Режија: Ридли Скот (Ridley Scott)
Сценарио: Дејвид Скарпа (David Franzoni)
Улоги: Пол Мескал, Педро Паскал, Кони Нилсен, Дензел Вашингтон (Paul Mescal, Pedro Pascal, Coniie Nielsen, Denzel Washington)