„Геометриски медитации“ – Самостојна изложба на Гордана Вренцоска

Петнаесеттата самостојна изложба на Гордана Вренцоска, насловена „Геометриски медитации“ ќе биде отворена во Домот на културата „Тошо Арсов“ – Виница во петок, 12 јули 2024 година.

Гордана Вренцоска се истакнува како исклучителен деец, интердисциплинарен уметник, дизајнер и професор. Нејзиниот истражувачки дух и маестралното претворање на резултатите од истражувањата во уметничките дела е она што ја прави носител на современата уметничка теорија и практика.


Циклусот на слики и графики „Геометриски медитации“ го нагласува автентичниот и оригиналниот дух на авторот. Делата на Вренцоска се препознатливи по својот сензибилитет, едноставност и совршеност во геометриската форма. Тие се израз на една одлична персонализирана ликовност, со моќноста на чистата форма, суптилните релации и препознатливата златеста колористика.

Ликовното творештво на Гордана Вренцоска се карактеризира со полна визуелност и оригинален пристап кон реализација на творечките идеи транспортирани со современ графички израз. Нејзините слики се во служба на божествената убавина, со висок културен рејтинг кои говорат за еден голем мајстор кој себеси се обликувал со отворени очи, со посветување на учењето и творењето и со континуирано работење и усовршување, вели Благица Стојановска директор на Дом на култура „Тошо Арсов“ – Виница.


Гордана Вренцоска е интердисциплинарен уметник, дизајнер и универзитетски професор. Факултет за ликовни уметности – сликарство со модно креирање завршила на универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, а магистерски студии по дизајн на Central Saint Martins’ School of Art & Design во Лондон како Чивнинг стипендист. Докторската теза ја одбранила на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје. Вренцоска е редовен професор по Визуелна уметност и дизајн на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје, каде во последните шест години ја извршува функцијата декан. Автор е на бројни дизајнерски проекти, стручни текстови и неколку научни трудови, како и на книгата „Македонски визуелен идентитет: дизајнот како можност за еволуција на традициите од визуелното културно наследство“ во издание на Арс Ламина. Реализирала 15 самостојни изложби и учествувала во бројни групни уметнички изложби во Македонија, Полска, В. Британија, Италија, Германија, Хрватска, Австрија, САД, Кина и други земји. За својата работа и творештво добила бројни награди и признанија, меѓу кои: победник на Twinings натпреварот за дизајн на шапка во В. Британија; добитник на престижниот грант за уметници на фондацијата Полок-Краснер од Њујорк; UK Alumni Entrepreneurial Award 2018, награда што ја доделува Британскиот совет во Лондон; Благодарница за придонесот во развојот на Факултетот за арт и дизајн од Европскиот универзитет; Годишната награда за сликарство на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и меѓународната Iron A’ Design Award за категоријата Graphic Design.

Изложбата е во организација на Дом на култура „Тошо Арсов“ – Виница, и е во склоп на програмата за Павловден на Општина Виница. Финансики е помогната од Министерството за култура.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Сеќавање: На денешен ден во 2010 година почина истакнатиот македонски карикатурист Делчо Михајлов

Делчо Михајлов е роден на 27 ноември 1947 година во Скопје. Тој беше македонски карикатурист, …