(ФОТО) „Летај галебе“ полета кон срцата на присутните кои во еден здив слушаа и уживаа во музиката на Кире Костов


Синоќа во НОБ се одржа концертот „Летај галебе“ во чест на Кире Костов, маестрото кое прерано не напушти но кој остави неизбришлива трага во македонската музика.
Генерации и генерации изведувачи ги исполнуваа неговите песни, а колку уште само дела оставил зад себе е импозантно. Во една пригода неговата сопатничка Кармен изјави дека не знаела дека нејзиниот сопруг имал 700 композиции.
И, токму тој податок може да потврди дека музиката на маестро Кире Костов одбележа кариери на многумина, а оние кои се појавија на сцената на НОБ беа почестени што беа избрани да бидат дел од овој културно уметнички но и историски настан.
Пред почетокот на концертот, кога музичарите се појавија на бината која беше едноставна но елегантна и со многу топлина присутните во публиката почувствуваа дека ќе се случи нешто единствено, уникатно. И, не згрешија. Не само присутните туку и фоторепоортерите беа воодушевеи од тоа што го гледаат и слушаат а треба да го забележат на своите камери.
Изведбите на избраните и нив ги вознемирија и се растрчаа да најдат што подобри кадри.


На едноставната сценографија имаше еден голем видео бим на кој, покрај омилената фотографија на маестро Кире Костов, се менуваа моменти од неговиот живот – од младоста до почетокот на семејниот живот, од децата, настапите, свирењето труба, како свири на клавирот дома, во опуштена атмосфера, не знаејќи дека го сликаат, додека тој е концентриран на тоа што го твори.
Музиката и семејството беа ѕвезди водилки на творештвото на Кире Костов.Концертот го отвори Драган Мијалковски кој добро ја загреа веќе возбудената публика, и докажа дека магијата на музиката како и неговите изведби се безвременски. Присутните добро ги загреаа дланките од воодушевување.


Потоа на сцената се менуваа Александар Тарабунов, еден од младите сили кој водушеви со својата изведба на „Синот божји“, а Биба Додева со „Штом се сака“ уште повеќе ја разигра публиката која повторно не ги штедеше дланките и аплаудираше во нејзин ритам.
Е, Елена Васова со „Бела птица“ покажа дека маестро Кире Костов не умеел да напише едноставна композиција туку повеќе како да „тегнел“ кон симфониите. Токму таква беше и „Бела птица“, една од многуте композиции кои едноставно ве приковуваат на место а младата Елена одлично ја донесе.

Андријана Јаневска со своето појавување повторно ја загреа публиката која беше во постојано исчекување што ќе биде следно а беше изведена „Само сеќавања“.
Ана Петановска со изведбата на „Кој да ти каже“ покажа дека не случајно ја сметаат за најголема надеж на македонската музика. Таа млада дама максимално се внесува во своите изведби и покажа дека со право била избрана меѓу оние кои ќе ја имаат честа да настапат на концертот „Летај галебе“ па и таа полета како галеб.
Самото излегување на бината на Бојана Скендеровски измами аплауз од присутните а нејзината изведба на „Кажи“ донесена со многу енергија и љубов ја крена публиката на уште повисоко ниво. А, за тоа ниво придонесе и Ламбе Алабаковски кој ја изведе „Манастирски сон“, уште една од „симфониите“ на Кире Костов. Многу тешка песна која бара максимум од исполнителот.
Всушност, Костов беше автор кој уживаше да твори и секогаш како да бараше нешто плус во своите песни.


И, на сцената повторно се појави Драган Мијалковски кој со „На 223“, хит кој е актуелен со децении ја разигра публиката но и сите на сцената и уште еднаш покажа дека годините се само бројка ако го сакате тоа во што сте најдобри – во овој случај во пеењето.
Сефедин Бајрамов, уште еден од повозрасните, полн со позитивна енергија ја изведе „Охридски спомени“. Елена Ристевска ја исполни „Кога те нема“, но на нејзин начин.
И’, дојде моментот кога на сцената се појави Влатко Лозановски кој со „Иконо моја“ уште еднаш ги докажа своите врвни интерпретаторски квалитети.
Елена Васова во „На мојот образ“ ги покажа сите вокални квалитети, за да повторно го слушнеме Драган Мијалковски со „Лебеди“. Андријана Јаневска ни ја испеа „При очи ти си слеп“. Но, едно од пријатните изненадувања дојде од Мустафа Имери кој маестрално ја изведе „Тајно моја“ и измами бескараен аплауз но и по некоја солза. За да Тарабунов со „Илузија“ повторно покаже зошто е еден од најдобрите. Но, вториот настап на Ана Петановска со „Твоите очи сине“ многумина се укочија – како може да се пее на овој начин, полн со драматика, се прашуваа присутните и не ги штедеа дланките. „Летај галебе“ ја слушнавме во изведба на Влатко Лзановски и нема зборови кои ќе ги опишат емоциите кои тој ги донесе.


Музичкиот дел од концертот заврши со настапот на Сигија Маконами која ја изведе „Кога те нема“. И, таа не го криеше нејзиното воодушевување од приемот на публиката. Таа пееше а присутните како да не дишеа за да се се заврши со громогласен аплауз.
На бината повторно се појавија водителите кои ги повикаа сите изведувачи на бината, а дланките на присутните се вжештија…И, со право, бидејќи Скопје до сега нема доживеано нешто слично, концерт за сите сетила, музика која ве исполнува и носи.


Факт е дека изведувачите ги воодушевија присутните во НОБ. Но, за тоа најголема заслуга, секако покрај нивните гласовни квалитети има диригентот Сашо Татарчевски. Тоа е човекот кој стои зад секоја отсвирена и испеана нота. Бевме присутни на пробите – на инструменталната кога внимаваше на секој тон и секој инструмент. Наредниот ден со изведувачите Сашо Татарчевски повторно се внесе комплетно во секоја нота. Следеа усогласувања се’ до моментот кога нему тоа ќе му звучеше како што треба. Истото го видовме и на генералната проба кога иако беше се завршено (но за професионалец како него и не беше) повторно внесуваше ситни промени во темпо или такт само композициите да бидат што подобро и поверно донесени. Сашо Татарчевски, мораме да истакнеме, душата си ја даде за овој концерт, а ние кои го гледавме три дена можевме да забележиме дека во сета работа околу концертот „Летај галебе“ внесе и многу енергија но и љубов.

Видувањето на концертот „Летај галебе“ би бил некомплетен без да се спомнат сценаристката и режисерот.
Сценариото кое освојуваше, какво до сега немаме слушнато на слични манифестации е дело на Маја Бабиќ. Таа успеа преку песните кои беа исполнувани да ни го раскаже и животот на Кире Костов, да открие некои негови „тајни“, да не запознае со петте грации кои му го збогатиле творештвото а од друга страна му дале мир и неописливо задоволство. Маја Бабиќ ни го откри и доближи Кире Костов од друг агол и ни го направи поблизок.

Дејан Пројковски, режисерот на „Летај галебе“ ни направи посебно доживување и приказна со сликите што се менуваа на видео бимот. Пројковски од негов агол ни го опиша животот на маестро Кире Костов. Од раното детство, па првата труба, творењето во домашни услови, работата како веќе искусен и потврден музичар… А преку семејните фотографии ни ја долови и душата на Кире Костов која тој ја внесуваше во своето творештво. Токму тие семејни фотографии со брачната другарка Кармен, и ќерките Ана и Нина ни ја открија онаа емотивна страна на Кире Костов. Додека ги слушавме песните можевме да ги гледаме фотографиите кои ни го доближија човекот кој зад себе остави огромно музичко творештво, но од една друга страна како обичен човек со семејство кое многу си го сакаше. Пројковски од свој агол ни го откри Кире Костов – маестро, композитор, аранжер но и сопруг, татко, дедо.


И, како што рекоа водителите Огнен Јаневски и Живкица Каленикова, домот на Кире и Кармен беше храм на музиката која беше постојано присутна.
Кире и Кармен ги имаат ќерките Ана и Нина кои пораснаа помеѓу проби и концерти. Потоа дојдоа и внуките Елена и Марта. Кога првпат ја видел Елена маестро Кире рекол – „Ова дете ме купи за цел живот“. А малата Марта ја викал мојот шерет затоа што со неа најмногу се смеел.
Кире Костов имаше пет грации во неговиот живот – Кармен, Ана, Нина, Елена и Марта. Тие биле неговиот најголем оркестар. Без нив ниту еден тон немаше да звучи исто.


„Кармен е жената која реши да премости многу планини за да ги собере сите овие уметници вечерва. Таа сигурно ќе каже – Не сум јас, Кире е тој“, рече претходно Огнен Јаневски и ги повика присутните да ја поздрават. Кармен мораше да стане иако никогаш не сакала да се експонира во јавност, но ова беше моментот кој го бараше тоа од неа. Таа стана, и се поклони на сите четири страни, да им заблагодари на присутните за громогласниот аплауз.
Кире Костов, човекот кој го наслушуваше пулсот на својот народ и го претвораше во музика со синоќешниот концерт доби признание од народот за неговото творештво и кој ја претвори музиката во наше заедничко сеќавање.
Колку е добар некој концерт може да се оцени и по завршувањето. А, токму тоа го видовме синоќа, бидејќи откако ја напуштија салата присутните застанаа на платото пред НОБ и ги сумираа впечатоците, а имаа и што да зборуваат – сигурно и за магијата на безвременската музика на маестро Кире Костов.

Г.О.
Фото: А.Ѓ.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

(ФОТО) ЛУКА ДОНЧИЌ СТАНА ТАТКО ПО ВТОР ПАТ: Славел во Словенија

Кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс, Лука Дончиќ, стана татко по втор пат Неговата свршеница Анамарија …